Помеѓу 250,000 и 500,000 Роми биле брутално убиени за време на Геноцидот во Втората Светска војна (Holocaust Encyclopedia, 2020). Овој чин на измачување и убивање на Ромите во ромскиот јазик е познат како ‘Samudaripen’. Па, 2 август (меѓународен ден на сеќавање на Ромскиот Геноцид) и 16 мај (ден на Ромскиот Отпор) се датуми на кои Ромите се сеќаваат на ‘Samudaripen’. Иако признаен од различни Европски земји, сепак Ромскиот Геноцид останува често заборавен кога Светот и Европа се сеќаваат на Геноцидот од Втората Светска војна. Потребно е признавање и сеќавање на мрачната Европска историја за вакви масовни масакри да бидат спречени и никогаш да не се повторат. Затоа, накратко ќе се осврнам на патот којшто доведе до нехуманото истребување на Ромите во Втората Светска Војна.
Укажувајќи на местото на Ромите за време на процес на градење на Европските нации имам за цел да ги објаснам причините зошто Нацистите ги гледале Ромите како популација која треба да биде „избришана од лицето на земјата“. Одлучив да ја објаснам идејата на Нацистите за убивање на луѓе коишто не се вклопуваа во нивните нации, бидејќи во денешна Европа, кога Екстремните Десни партии се повеќе и повеќе се шират, вакви идеи постои можност да бидат повторно разбудени. Дополнително, положбата на Ромите како „другите/поинаквите“ се нема многу променето, што значи дека сеќавање на трауматичната Ромска историја е клучно за обрнување на вниманието на не-Ромските властодршци.
За почеток, воведувам метафора на „куќа“ за да го илустрирам процесот на градење на Европските нации во 20 век. Да ги замислиме нациите-држави како „куќи“ („засолништа“ после „бура“). „Бурата“ (нестабилноста и хаосот предизвикан од војните) ги натера Европејците да се засолнат. Некои народи имаа земјиште и ресурси за градење на своите „куќи“. Некои народи беа повеќе хегемонски, па градењето на „куќи“ за нив беше полесно одошто на некои други поразнолики народи. Сите „куќи“ требаше да бидат изградени многу бргу (опасно е да се биде „бездомник“ во „бура“), па хегемонијата беше неизбежна. Колку една група беше поуниформирана, толку побргу „куќата“ ќе беше изградена.
Сега, да го лоцираме местото на Ромите за време на изградбата на тие „куќи“. Ромите веќе живееја на териториите каде „куќите“ се градеа. Тие не учествуваа во одлучувањето за тоа како „куќите“ би изгледале и какви би биле домашните правила. Дополнително, не сите „куќи“ им беа отворени на Ромите за кохабитација. Додека едни „домаќинства“ ги пуштаа Ромите да живеат со нив (но надвор, во „градините“), други пак ги пуштаа да живеат со нив (но само по правила за кои Ромите никогаш не дадоа своја согласност).
Зошто е толку битно за се разбере местото на Ромите во процесот на градење на Европските нации во 20 век? Дозволете да го илустрирам мојот одговор користејќи го делото „Потекло на тоталитаризмот“ од Хана Арент и нејзиниот концепт на statelessness (бездржавјанство/недржавјанство).
Имено, Арент дава преглед на процесот на градење на нации и неговата поврзаност со империјализмот и тоталитаризмот. Таа го воведува концептот на „луѓе без држава“, со што може да се прикаже инфериорната положба на Ромите во Европските империи, а подоцна и во нациите-држави. Тој однос резултираше со Геноцид во Втората Светска војна. За „луѓе без држава“ се сметаа оние кои не се вклопуваа во нациите. Арент уште ги нарекува и „народи без историја“. Нациите се состојат од луѓе со заедничка историја. Патеката империјализам – национализам – тоталитаризам се покажа фатална за Ромите. Во сите три фази на развој на Европските држави, Ромите беа постојано на маргините, перципиран како не-заслужни (non-deserving) да припаѓаат на хегемонските нации кои подоцна ги проголтаа државите и нивните институции.
Тоталитарните движења беа главно под влијание на хегемонското разбирање на нацијата, резултат од потребата за брзо и сигурно „засолниште по бурата“. Во таа тоталитарна фаза, Ромите беа директни жртви. Ромите, неприпаѓајќи на хегемонската слика за нациите, беа предодредени за две можни сценарија: насилно да бидат асимилирани во нациите, или, во екстремната кулминација, за бидат „избришани од лицето на земјата“. Поради фактот што Ромите не се совпаѓаа со сликата за хегемонските нации (заради нивната културолошка различност, патувачко минато и мобилност) асимилацијата беше потешка опција. Затоа, нацистичките режими ја одбраа полесната опција – комплетна елиминација.
Сумирано, преодот од империјализам во национализам, и од национализам во тоталитаризам, ги направи Ромите луѓе без држава („бескуќници“) коишто тешко би се асимилирале во хегемонски изградените нации-држави („засолништа после бура“). Оваа положба на Ромите (не-заслужни и не-припадници) во брзоизградените хегемонски нации- држави доведе до острварување на нацистичкиот план за елиминирање на секого којшто не влегуваше во нивната слика за нацијата.
За крај би испратил една порака:
Асимилација или елиминација на луѓето коишто не влегуваат во хегемонските слики за нациите се фатални и нехумани решенија. Ајде да размислиме за трета опција – дехегемонизирање и трансформирање на нациите-држави во мултикултурни држави, и наместо асимилирање и елиминирање, да размислиме за здрава интеграција!
Руфат Демиров е студент по политички науки на Централно – европскиот Универзитет во Виена, Австрија.
____________________________________________________________________________________________
References:
Arendt, Hannah. 1968. “The Origins of Totalitarianism”. New York: Harcourt, Brace & World.
Demirov, Rufat. 2020. “The Historically Built Specifics of the Romani Ethnicity are Key for Attaining Equality”. Unpublished work.
Demirov, Rufat. 2020. “The Power of Self-naming: Between Denial and Political Identity: The First World Romani Congress”. Central European University.
Documenting Numbers of Victims of the Holocaust and Nazi Persecution. Encyclopedia.ushmm.org. (2020). Retrieved 14 April 2021, from https://encyclopedia.ushmm.org/content/en/article/documenting-numbers-of-victims-of-the- holocaust-and-nazi-persecution.
Gessen, Masha. 2018. “The Rights to Have Rights and the Right of the Stateless”. The New Yorker.
Inceoglu. 2008. “Arendt’s Critique of the Nation-State in the Origins of Totalitarianism”. Journal of Yasar University, 3(10), 1331-1344.