Photo: Al Jazeera
Милица Костиќ
Дваесет години по војната во Косово, над 1600 луѓе сè уште се водат за исчезнати. Меѓу нив се и над 1100 Албанци и околу 450 Срби, како и повеќе од 100 жртви од бошњачката и ромската националност. Денес, недостатокот на политичка волја да се изнесе вистината на виделина во однос на политичките и државните дејствија кои доведоа до присилното исчезнување на илјадници цивили е клучна пречка во решавањето на мистеријата на нивните судбини.
Во обид да се попречи истрагата на Хашкиот трибунал во март 1999 година, раководството на Република Србија издаде налог за отстранување на доказите за масовните убиства на албански цивили за време на војната во Косово. Резултатот на оваа операција беа четирите масовни гробници кои досега беа откриени во Србија, со речиси 1000 тела на косовски Албанци.
Полициската истрага од 2001 година претставува најочигледен пример за тоа како, при соодветни услови, всушност може да се спроведе успешна потрага по исчезнатите лица. За само еден месец се откриени три масовни гробници – во Батајница, во Петрово Село и во близина на езерото Перуќац – со тела на околу 900 албански цивили од Косово. Од тогаш, откриена е само уште една масовна гробница во Србија, со малку повеќе од 50 тела – Рудница во близина на Рашка во 2010 година.
Зошто истрагата во 2001 година беше толку ефикасна? Зошто постоеше политичка волја за буквално да се претура низ минатото? Работната група која беше организирана во рамките на Министерството за внатрешни работи во тоа време, ги испраша сите вистински луѓе за време на истрагата – меѓу своите редови. Од изјавите на полициските службеници кои биле вклучени во преместувањето на телата беше јасно дека за време на истрагата во пролетта 2001 година им биле поставувани вистинските прашања, на кои тие, свесни дека доаѓа ново време, одговориле искрено. Врз основа на резултатите од истрагата, ние сега знаеме кој ги подготвил телата за транспорт, кој ги транспортирал, кој ги пречекал, кој ги погребал, и што е најважно – кој бил задолжен за организацијата.
Тоа „ново време“, сега помина.
Протагонистите на политиката од 90-тите години кои подбуцнуваа војна се сега во државните институции, заедно со, од неодамна, воените злосторници одговорни за убиства на албански цивили и оние кои ги кријат нивните тела во масовни гробници. Медиумите се под нивна контрола – „мејнстрим“ медиумите ги нарекуваат „таканаречени“ масовни гробници, како онаа во Батајница, на пример.
Ексхумацијата на масовната гробница во Рудница е пример на политиката на новото време. Кога беше откриена (врз основа на информациите од ЕУЛЕКС, а не врз основа на нивната сопствена истрага), властите ги ексхумираа телата, ги идентификуваа и им ги испратија на нивните семејства, без да отворат истрага за тоа кој е одговорен за нивната смрт и погребување во масовна гробница. Тогаш Хуманитарниот фонд за правда заклучи дека жртвите најдени во Рудница биле убиени за време на четири различни злосторства во регионот на Дреница, и дека регионот Дреница бил контролиран од страна на 37-та армиска бригада, која ги вршела операциите на локациите и во времето на извршените злосторства, под команда на Љубиша Диковиќ, началник на Генералштабот на српската армија. Целиот естаблишмент застана зад Диковиќ – политичарите на власт, вклучувајќи го и претседателот во тоа време, армијата, Обвинителство за воени злосторства и медиумите.
Постои голема веројатност дека барем дел од преостанатите 1000 албански жртви кои се исчезнати сè уште се наоѓаат во неоткриени масовни гробници во Србија. Покрај тоа, може да претпоставиме дека преостанатите тајни гробници сè уште се во рамките на или во близина на воени и полициски објекти, како што беше случај со повеќето од оние кои досега беа откриени. Државните органи, сепак, продолжуваат систематски да го блокираат секој обид да се најдат овие жртви, пред сè преку блокирање на пристапот до воените и полициските архиви од „асанацијата на теренот“, и преку непокренување на никакви постапки против одговорните за воените злосторства.
Исчезнатите српски жртви од Косово претставуваат колатерална штета на државната политика чиј приоритет е да се заштитат поединците и државните структури одговорни за злосторствата извршени за сметка на правата на жртвите, дури и оние од српска националност. Прекуграничниот конфликт во поранешна Југославија укажа на потребата за соработка меѓу земјите за да биде успешна иницијативата за пребарување на исчезнати лица, со оглед на фактот што информациите, како и самите жртви, се наоѓаат на различни државни територии. Притоа, државата која, како Србија на пример, не е заинтересирана во потрагата по жртвите на „другите“ не може да очекува реципроцитет во потрагата по „сопствените“ жртви.
Очигледно е дека нема да видиме подобрување во потрагата по преостанатите исчезнати жртви од албанска, но и од српска националност, сè додека за тоа не постои политичка волја. Доколку тоа воопшто се случи, доколку видиме посветена истрага во потрагата по телата и резултатите, што подразбира откривање на нови масовни гробници, тоа ќе биде јасен знак дека Србија навистина ја реформира својата војска, полицијата, судството и политички структури, и како таква е многу блиску да биде примена во Европската унија. Дотогаш, ќе продолжиме да ги гледаме дочеците на воените злосторници кои се враќаат од Хаг, истите луѓе кои се одговорни за убиствата на албански цивили и преместувањето на нивните тела од Косово во Србија.
Милица Костиќ е поранешна директорка на Правната програма на Хуманитарниот фонд за правда. Таа е актуелна директорка на Програмата за транзициската правда во Меѓународната коалиција на места на совеста.
___________________________________________________________________
The article is published in the regional magazine Balkan.Perspectives number 12.
The magazine can be found on the link: https://dwp-balkan.org/mk/bpm.php?cat_id=6&text_id=2