Во стапицата на лажните вести

Фотографија:Фитим Гаши

Предупредување за вознемирувачка содржина:

Овој напис содржи описен јазик за прикажување на сексуалното насилство врз жените кое се случило за време на војната во Косово.

Пратеничка предизвика скандал со фотографија на денот кога Собранието на Косово ја усвои Резолуцијата за геноцидот на Србија во Косово. Во мај минатата година, пратеничката Флора Бровина ја шокираше јавноста кога покажа фотографија за која тврдеше дека е приказ на случка во која српските сили силувале Албанка за време на војната во Косово во 1999 година.

Неколку часови откако поранешната политичка затвореничка им ја покажа фотографијата на сите новинари кои беа присутни во зградата на Собранието, скоро сите медиуми ја објавија „автентичната“ слика. Политичарите и активистите продолжија да ја шират фотографијата и кога всушност се покажа дека станува збор за лажни вести.

Како новинари, честопати се соочуваме со вакви дилеми: дали веднаш да ги објавиме вестите на медиумските портали или да почекаме да се потврдат, особено во случаи каков што е овој. За среќа, медиумот за којшто работам дава приоритет на точноста, а не на брзината на објавување. Затоа, неопходно беше да се направи верификација пред да се претстави тоа на вестите во јавноста како автентично.

Откако се вратив во редакцијата, едно едноставно пребарување ми овозможи да  потврдам дека фотографијата која беше стуткана во чантата на Бровина, е фотографија од снимка на порнографски сајт на која пишува дека настанот, наводно, се случил некаде во Ирак. Сепак, лажните вести веќе беа  раширени на социјалните медиуми, што предизвика бран реакции во Косово и надвор од Косово.

Овој случај ја истакнува потребата од наставни вештини и техники за автентикација на вестите кога се известува за воени злосторства и справувањето со минатото, особено во дигиталната ера.

Минатиот септември, заедно со колеги новинари од Косово, учествував на обука за новинари за известување засновано на факти во Германија, при што беше потенцирана важноста на проверката на фактите. Интересно беше да се гледа „борбата“ која медиумите во Германија ја водат со лажните вести. Фокусирани на темата „независно новинарство – известување засновано врз факти и спречување на лажните вести во германските медиуми“, големите медиумски куќи зборуваа за нивните искуства. Германија не е имуна на лажни вести, но, за разлика од другите земји, вклучително и Косово, медиумите во Германија посветуваат многу големо внимание на проверката на фактите и изворите.

Кон крајот на 2018 година, познатиот германски магазин Дер Шпигел беше протресен од корен заради скандалот поврзан со еден од нивните новинари кој пишувал стории користејќи лажни извори. Клас Релотиус (35), добитник на неколку награди, со години пишувал лажни приказни. Соочен со обвиненијата од друг новинар, со којшто работел на тема која се однесувала на границата на Мексико со Соединетите Американски Држави, Релотиус конечно признал дека измислил цитати и сцени на кои никогаш не бил присутен. Кога ја посетивме редакцијата на Дер Шпигел, тимот призна дека скандалот имал негативен ефект врз нивниот имиџ. Сепак, тие ја научија лекцијата која треба да важи за сите професионални медиуми. Познатата германска редакција сега инсталира цврст внатрешен систем за проверка на фактите за сите приказни напишани од нивните новинари. Процесот е анонимен, а новинарите не знаат кој ќе ги провери нивните факти.

Да се ​​вратиме во контекстот на Косово. Справувањето со минатото е сложен процес со кој треба да им се помогне на општествата растргнати од војни да работат кон постигнување на одржлив мир. Ова се прави, на пример, преку борба против неказнивоста, преку враќање на владеењето на правото и рехабилитација на жртвите. Во овој поглед, медиумите може да дадат значаен придонес. Сепак, овој процес не е поштеден од лажни вести. Во ерата на дигитализацијата се создава плодна почва на која политичарите можат да шират дезинформации и да поттикнуваат меѓуетничка омраза.

Ова се случи неодамна, кога највисоките српски претставници јавно го негираа злосторството во Речак, Косово. Откако онлајн-медиумите ги објавија овие изјави, следеше бран нецензурирани навреди, трансформирајќи ги медиумските портали во платформи за поттикнување на меѓуетничка омраза.

Предизвиците за справување со чувствителни теми како воените злосторства се многубројни, како во однос на јавните институции, така и во поглед на внимателниот пристап кој треба да се примени во однос на жртвите. Скандалот со фотографијата на пратеничката беше контрапродуктивен. Објавувањето на таква нецензурирана фотографија ги врати ужасните спомени од војната на многу жени, мажи и деца кои ја преживеаја таа војна.

Тукашното опкружување во моментот е токсично кога станува збор за дискутирање на воените злосторства и справувањето со минатото.

Во отсуство на транспарентност и документирање од други нивоа, ние новинарите често се потпираме на граѓанските организации за да ги добиеме потребните информации. Во овој поглед, Центарот за хуманитарно право (ЦХП) значително придонесе и продолжува да служи како важен извор на информации во врска со документирањето на воените злосторства и напорите за откривање на масовните гробници.

Покрај известувањето, друг начин за решавање на пристапот во однос на транзициската правда е преку регионални состаноци, на кои  новинарите можат да разменуваат искуства. Една ваква размена се случи во септември минатата година, меѓу новинарите од Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. Колегите од Босна и Херцеговина зборуваа за тоа како дигитализацијата може да овозможи транспарентност во испораката на информации, давајќи примери од нивната земја. Примерите вклучуваа онлајн-атлас за воени злосторства извршени во нивната земја, како и иницијативата на Државниот суд на Босна и Херцеговина за создавање база на податоци за сите случаи на воени злосторства. Ова се само неколку примери за тоа како дигиталните ресурси можат да се користат за обезбедување на информации за воените злосторства на транспарентен начин, кој служи и за зголемување на довербата на граѓаните во судските процедури и за намалување на можноста на медиумите за манипулирање со фактите или објавување на непроверени информации.

Фитим Гаши работи како новинар од 2006 година, известувајќи за повеќе медиуми: „Косова Сот“, „Лајм“, „Трибуна“, „Газета дело Спорт“, итн. Во моментов работи за весникот „Коха Диторе“ како искусен репортер за политички случувања, правда и безбедност. Гаши има завршено постдипломски студии од областа на политичките науки и јавната администрација и учествувал на повеќе меѓународни конференции и програми за промовирање и унапредување на новинарството.