Лична комеморација во лицето на јавниот заборав

Што точно е разликата помеѓу минатото, сегашноста и иднината? Повеќето од нас, веројатно, би тврделе дека одговорот на тоа е очигледен – времето пред моментот во кој живееме, без оглед дали пред една секунда или пред илјада години, е минатото; овој момент е сегашноста; а сѐ што ќе следи по овој момент е иднината. Но, кога завршува минатото, a кога почнува иднината? Доколку моментот во кој живееме е прекраток, а ние се движиме низ времето побрзо отколку што дишеме, како воопшто може да ја зграпчиме „сегашноста“? Како создаваме „сегашност“ и како живееме во сегашност која може на одреден начин да се издвои, ако не од минатото, тогаш од иднината? Ако сегашноста е толку замаглена, како што велат некои, и не знаеме дали, навистина, можеме да ја контролираме, тогаш може да имаме контрола барем врз идните настани, зашто не можеме да го смениме тоа што се случило во минатото.

Сепак, кога се соочуваме со трауматични случки од минатото, таквите случки имаат тенденција да ја обликуваат нашата сегашност, па, според тоа, и нашата иднина. Замислете си сега живот во кој не можете да го пронајдете тој момент во сегашноста во кој ќе може да се одвоите себеси од таквите болни спомени од минатото. Замислете дека живеете живот кој претставува само одраз на мачни настани врз кои немате контрола, живот на бескрајно чекање, живот во постојана потреба од разрешница. За некои, времето замрзнало во некој од тие мачни моменти во минатото и тие сѐ уште се во него, чекаат.

Ова е значењето на времето за семејствата на исчезнатите лица во Косово. За нив, и минатото, и  сегашноста и иднината постојат истовремено и сѐ е едно мачно патување, исполнето со бескрајно чекање на одговори во врска со местоположбата на нивните сакани. Кога Фердоније Черкези, жена чијшто сопруг и четири сина се меѓу лицата што се исчезнати во Косово, се потсетува на настаните од тој ден, раскажува дека тоа што требало да биде еден час чекање нејзините сакани да се вратат низ истата врата низ која заминале се претворило во години чекање; „тој еден час на тие бездушни криминалци трае еве веќе 17 години“, вели Фердоније. Нејзиниот час чекање е час кој нема крај, таа живее во тој час.

Пред две децении, 6.057 лица исчезнаа во Косово како последица на војната во 1998-1999 година (вооружениот конфликт, како што тоа се нарекува на меѓународно ниво, за локалното население е војна). За 1.600 од нив и ден денес не се знае каде се, што значи дека семејствата на 1.600 исчезнати лица живеат во неизвесноста на тоа што им се случило на нивните најблиски. Пронаоѓањето одговори не е нивна индивидуална одговорност, иако стана нивен личен товар да се опираат на јавниот заборав на кој се препуштени исчезнатите лица од Косово. Според меѓународното хуманитарно право, пронаоѓањето на тие одговори е одговорност на поранешните страни кои биле вклучени во конфликтот, меѓутоа, се чини дека процесот на изнаоѓање одговори не е приоритет за тие одговорни страни.

Меморијата на нашата нација, она што го нарекуваме колективна меморија, во најголемиот дел е сочинета од такви трауматични настани од минатото; сепак, хегемонистичката нарација на војната и национализмот тежнеат кон тоа да изградат и да толкуваат колективна меморија која се сеќава на едни, но заборава на други. Минатото во Косово, според Асман (2010), се толкува и се користи за создавање нов национален идентитет. Во создавањето на овој поствоен национален идентитет, само одредени категории успеале да стигнат до јавната расправа за отпорот и жртвувањето. Исчезнатите лица најчесто се сметаат за пасивни жртви и, поради тоа, изгледите се дека ќе бидат заборавени од страна на јавните институции, затоа што тие институции се оние кои го обликуваат начинот на кој ја создаваме и ја презентираме колективната меморија. Тие институции, и покрај тоа што не ја одрекуваат трагедијата на исчезнатите лица, конструираат бинарно сиже на колективна меморија, кое се врти околу оружениот отпор и саможртвувањето, околу херои и жртви, и ништо во средината; со тоа, сите други категории, кои не се вклопуваат во ова сиже, често се занемаруваат.

Товарот на тоа да не се заборават исчезнатите лица и да не се дозволи споменот за нив да падне во јавен заборав лежи исклучително на семејствата. Тие ја претвораат својата болка во отпор, раскажувајќи ги своите спомени како сведоштво на она што се случило и користејќи го својот глас за да се чуе нивната приказна. Нивните приказни се доказ дека исчезнатите не се нешто што му припаѓа на минатото. Сѐ додека не добијат одговори за судбината на нивните најблиски, ќе продолжат да ги потсетуваат јавните институции на нивната одговорност да ги пронајдат тие одговори. Поединците се тие кои не се предаваат, дури и кога се чини дека јавните институции кренале раце.

Додека, од една страна, семејствата на исчезнатите лица и натаму чекаат, па дури и се надеваат дека еден ден, можеби од ведро небо, некој конечно ќе се врати жив, Владата, од друга страна, усвојува закони според кои, на албански јазик, исчезнатите лица се сметаат за лица што „ги снемало“. Ваквиот дискурс беше воспоставен со Законот за исчезнати лица во 2011 година и наиде на силен отпор кај семејствата на исчезнатите лица. Со него се навестува дека, со оглед на тоа што исчезнатите лица се сметаат за лица што „ги снемало“, постои малку надеж, ако воопшто постои, дека институциите може да се сметаат за одговорни за изнаоѓање на одговори.

Додека ‘исчезнатите’ и натаму се сметаат повеќе за бројка отколку за луѓе со индивидуални приказни, а нивната трагедија се прикажува како ‘статистика’ од страна на јавните институции, нивните семејства прават сѐ што можат за да го деконструираат тоа и да го хуманизираат пристапот. Секој од ‘исчезнатите’ има име и лик и, да не е борбата на нивните семејства да не потсетат на тоа, ние, јавноста, најверојатно, би го заборавиле тој едноставен факт. За да не ни дозволат да ги заборавиме ликовите на исчезнатите лица и да го потсетат парламентот на неговата одговорност кон истите, семејствата ги истакнаа нивните слики пред парламентот, кои сѐ уште стојат на транспарентите, како потсетник на едно минато кое сѐ уште е толку сегашно. Тие слики прераснаа во конкретна локација на која семејствата се потсетуваат и тагуваат, како што се Ѕидот на спомените во Ѓаковица и празните гробови на Гробиштата во Велика Круша. Сите тие места се места на кои недостига сеќавањето на јавноста и ја манифестираат потребата од завршница за семејствата кои се надеваат дека барем ќе можат да ги погребат телата на нивните блиски, што е многу важен ритуал во нашата традиција.

Поради потребата да се споделат нивните болни спомени и да се најде утеха, како и да се интензивира нивното барање одговори, семејствата на исчезнатите лица се организирале во групи, како што е „Повикот на мајките“ во Ѓаковица и „Гласот на родителите“ во Митровица. Тие групи се имаат вклучено во многу протести во Приштина и Ѓаковица и ги искористиле сите средства за да не останат тивки наспроти јавната тишина. Нивните активности кажуваат повеќе отколку еден обичен бел обелиск којшто Владата го постави во центарот на Приштина во спомен на исчезнатите лица, обелиск кој дури нема ниту натпис кој би објаснил што претставува. Можеби само тие што го поставиле знаат што значи.


Кога Владата не одредува јавно спомен-место за исчезнатите, па дури и ги смета за трагедија од минатото, занемарувајќи ја самата сегашна трагедија на непостоење одговори за тоа каде се наоѓаат, се чини дека исчезнатите се заборавени. Меѓутоа, нивните семејства, оние кои не ја сместиле оваа трагедија во минатото и до ден-денес сѐ уште живеат со болката поради отсуството на одговори, се тие кои нѐ потсетуваат на самата сегашност на минатото. И, ако човек и не може да разбере ништо за исчезнатите лица од обелискот во Приштина, и ако не може да сфати како е да се живее во минатото, тоа сигурно ќе му стане јасно доколку ја посети куќата-музеј на Фердоније Черкези во Ѓаковица; жена која ги загубила својот сопруг и четирите сина едно попладне на 17 март 1999 година. Жена, која до денешен ден не може да се оттргне од тоа попладне. Таа живее таму, во 6 часот едно попладне, кое трае со години. Си спомнува за низата настани тоа попладне како да се случиле пред само еден ден. Кога ја раскажува својата приказна, повторно и повторно, се сеќава дека српската војска ѝ рекла дека ќе го задржат нејзиното семејство само еден час и дека потоа ќе ги пуштат. Меѓутоа, не знаела дека токму тој момент ќе започне нејзиното бескрајно чекање. Камо да знаела дека времето за неа ќе запре токму тој момент. Се сеќава на детали кои инаку нема да ги прочитаме во ниту еден јавен медиум; нејзиниот најмал син, Едмонд, стар само 14 години, кој спиел зад нејзиниот грб кога тие дошле по него; облеката на нејзините синови и на сопругот, што сакале, што сонувале, на што се надевале. Фердонија решила својата болка и своето постоење да ги стави во служба на тоа да бидат живо сведоштво на тоа што се случило, да „живее за да раскажува“, како што вели таа. Покрај нејзината борба да се сочува споменот на нејзиното семејство, таа морала да се соочи и со суровата реалност на тоа да се биде жена во патријархално општество во кое морала да се бори за да ги зачува правата на сопственост над куќата во која го создала своето семејство и ги чувала сите нивни спомени. Фердонија сакала само да може да ја сочува својата куќа и да ја одржува иста каква што била на денот на кој нејзиното семејство заминало за последен пат, за да се чувствува дека уште живее со нив, а другите одблизу да го видат и да го почувствуваат споменот за нив. Денес, нејзината куќа е единствената куќа-музеј на исчезнати лица во Косово. Нејзината куќа и нејзиниот глас сега веќе ја надминале нејзината индивидуална борба, а нејзиното индивидуално патување е познато на национално, па дури и на меѓународно ниво. Нејзината куќа и нејзиниот глас станале врска со минатото, која нѐ потсетува колку се сегашни нејзината и болката на сите семејства на исчезнати лица. Таа го носи „минатото“ во сегашноста и не нѝ дозволува да заборавиме. Она што не успеаја да го направат јавните институции, го презела една жена во чемер на себе, како сила сама по себе.

Author: Миришахе Сула