Ова е втор пат некој да напаѓа градови кои ги чувствувам како мои

За прв пат отидов во Киев во 2015 година. Немаше посебна причина за тоа. Сакам да патувам. Украина беше единствената земја во Европа којашто сè уште не ја бев посетил. Најдов евтина карта, и евтина соба во близина на главниот плоштад. За време на тоа патување, ништо посебно не ми се случи. Сепак, во тие седум дена што ги поминав во Киев, Украина ми стана омилената земја која што некогаш сум ја посетил. Сè уште е, до ден-денес, а јас веќе сум бил во 88 земји.

Пораснав во окупирано Сараево. Роден сум во 1988 година, па некои од најважните години од моето детство – петтата, шестата, седмата и делумно осмата – ми поминаа во војна. Се сметам за привилегиран бидејќи не изгубив никого од моето потесно семејство, а преживеав без никакви повреди. Меѓутоа, војната многу влијаеше на моето детство и продолжи да го дефинира мојот живот. Остатокот од моето детство го поминав во разурнат град, кој полека и болно се обновуваше. Прозорец по прозорец, улица по улица, зграда по зграда, парк по парк. Се сеќавам кога конечно поставија нова лизгалка и лулашка во паркот до мојата зграда. Гледав од мојот прозорец редица деца долга повеќе од педесет метри. Некои работи можат да се обноват. Само една година по завршувањето на војната, се вративме во нашето обновено училиште кое беше реновирано благодарение на Владата на Јапонија, мислам. Некои работи потешко се обновуваа, како здравјето и расположението на луѓето. Луѓето кои изгубиле некого или станале бегалци, како мојата Нана, тешко се навикнуваа на повоениот животен ритам, на нивното ново опкружување, на новите околности.

Годината кога војната само што заврши, јас бев второ одделение, а се роди сестра ми. Таа сега е невролог, а нејзината работа ја носи низ целиот свет. Поминаа веќе многу години од војната. Истата година кога заврши војната, мојот пријател Саудин беше демобилизиран по четири години минати во војска. Имаше 22 години, десет германски марки во џебот и неколку маици. По четири години директна борба, каде убиваше непријателски војници и шеташе по телата на своите пријатели, Саудин сега шеташе по улиците на Сараево и требаше да продолжи да живее нормален живот. Тој никогаш не заврш средно училиште бидејќи војната започна кога беше четврта година средно. Се најде во град каде што немаше речиси никој. Така е тоа после секоја војна. Некои ги започнуваат своите животи, некои животи се изгубени, некои животи ќе продолжат, а некои ќе се мачат да продолжат.

Кога Сараево систематски се уништуваше од околните ридови во текот на деведесеттите, градот беше полн со меѓународни новинари кои ги ризикуваа своите животи за да му покажат на светот, особено на западниот свет, што се случува овде. Светот не се грижеше толку многу. Дали тоа беше затоа што вредностите беа поинакви во тој свет отколку што се денес, или затоа што луѓето овде се претежно муслимани? Тешко е да се каже. Првото е помалку веројатно, но тоа е она во што би сакал да верувам. Второто е поверојатно, но не е лесно да се прифати. Одлучувачите и лидерите не брзаа да се фотографираат со босански знамиња, ниту пак ни испратија пари и оружје. Нашите животи не беа признати како доволно достојни за нивните интереси. Еден од ретките носители на одлуки кој зборуваше во Босна и ја посети Босна во тоа време беше тогашниот американски сенатор Џо Бајден. За нас, веќе беше доцна. Веќе беа изгубени десетици илјади животи, уште стотици илјади животи беа уништени, а пак милиони животи беа оштетени. Но, подобро доцна отколку никогаш, нели – или не? Како и да е, историчарите на иднината ќе бидат оние кои ќе извлекуваат судови околу тоа прашање.

Кога заврши војната, продолжив со моето образование и започнав бизнис уште додека бев во средно училиште. Во исто време, почнав да работам малку во културната сфера како хоби. Пишувањето, објавувањето и уредувањето останаа мои интереси за време и по универзитетот. Неколку книги и проекти подоцна, сите поврзани со Сараево, а во 2010 година решив да составам книга за искуството на мојата генерација која растеше во војната. Размислувајќи за тоа каква книга треба тоа да биде, прилично брзо заклучив дека не треба да се фокусира на моето лично искуство. Решив да соберам спомени преку интернет и да ги објавам во книгата. За да направам место за што повеќе од нас кои бевме деца за време на војната, го ограничив поднесувањето на сите на 160 знаци, како СМС-порака. Одговорија повеќе од илјада луѓе. По детството поминато во војна што ја дефинираше мојата рана младост, оваа книга го означи почетокот на проектот за детството, кој подоцна целосно го дефинираше мојот возрасен живот. Многумина кои ги доставија своите спомени за книгата почнаа да ми испраќаат други работи: скенирани дневници, писма, цртежи, фотографии од лични предмети поврзани со нивните сеќавања. Помислив колку е невозможно да се објави сето тоа во една книга. Така ја сфатив потребата на луѓето да зборуваат за ова прашање, за нивните лични искуства. Размислував што друго можам да направам, покрај книгата, за да го задржам тој простор трајно отворен. Така, во 2012 година, пред да биде објавена книгата, дојдов на идеја да основам музеј за воено детство и го напишав првиот концепт за музејот.

По објавувањето на книгата, се вратив на таа идеја во 2014 година, и размислував за основање на Музејот за воено детство. Истата година кога се случи Мајданската револуција и започна војната во Источна Украина, решив да почнам да работам на Музејот. Собрав тим, развивме методологија, потоа збирка, креиравме изложби и отворивме постојана изложба во 2017 година. Добивме меѓународни музејски награди и на крајот, почнавме да работиме надвор од Босна и Херцеговина. Едно од првите места надвор од нашата земја каде што работевме беше Украина, каде што ја запознав активистката Олена Розвадовска, во 2018 година. Олена го остави зад себе нејзиниот животот во Киев и се пресели во Источна Украина за да работи со децата на линијата на фронтот.

Се сеќавам дека се возев со Олена во нејзиниот стар, дотраен автомобил. За малку ќе прелетавме преку урнати патишта по линијата на фронтот. Таа ми покажа каде се случиле нападите и што останало потоа. Се провлековме низ неколку контролни пунктови и дојдовме до едно мало село наречено Зајчево. Олена реновирала просторија во уништената училишна зграда, каде што одржувала работилници за деца. Поминавме неколку дена заедно и знаевме дека мора да направиме нешто заедно. Наскоро, Олена пристигна во Сараево на програма за обука. После тоа, таа почна да собира приказни од Источна Украина и експонати за колекцијата на Музејот за воено детство.

Две години подоцна, во 2020 година, Музејот ја отвори својата канцеларија во Киев, со поддршка на германската мировна организација форумЗФД. Нашиот тим се зголеми на десет луѓе, а нашите активности станаа побројни. Направивме сè во врска со децата и младите чиишто детства беа погодени од војната во Источна Украина, без разлика дали тие сè уште живееја таму или веќе беа раселени низ оваа голема, прекрасна земја. Со текот на годините, присуството на Музејот на военото детство во Украина и мојата врска со таа земја станаа посилни. Конечно, во 2021 година, почнавме да изложуваме во Киев, а на почетокот на февруари 2022 година ја затворивме изложбата во Керсон, на југот на земјата.

Во февруари 2022 година бев на одмор во Австралија. Тогаш, поранешниот сенатор кој се залагаше за помош за Босна, а сега претседател на САД, Џо Бајден, почна да го најавува рускиот напад врз Украина. Мислевме дека е невозможно, не сакавме да веруваме. Бев во контакт со пријателите, со нашиот тим и се чинеше дека тоа всушност нема да се случи. САД беа упорни во најавите, други им се придружија, а притисокот растеше секој ден. На 15 февруари решив да заминам за Киев. Градот беше полн со воени новинари. Тие беа подготвени да го направат она што најдобро го прават – да известуваат за војната.

Киев беше убав како и секогаш: луѓето купуваа цвеќиња, билетите за театар беа распродадени, музичари свиреа на улиците, кафулињата и рестораните беа преполни. Ако некој само погледнеше наоколу и не ги слушаше разговорите, ништо немаше да се чини невообичаено. Но, секој разговор веќе беше за војната. Луѓето имаа спакувани торби, ранци со документи, автомобили полни со бензин чекаа во нивните гаражи. Беше стресно да се живее и спие тие денови во Киев и во Украина. Водечките политичари во светот постојано ја најавуваа војната секоја вечер и милиони луѓе легнуваа во кревет обидувајќи се добро  да се наспијат.

Ги видов моите пријатели, му помогнав на нашиот тим да го финализира планот за евакуација, разговарав со странски новинари и дипломати. Некои од нив беа сигурни дека Киев ќе падне за два дена. Не се согласив со тоа затоа што тоа беше спротивно на сето она што го слушав од моите пријатели: секој беше одлучен и подготвен да го брани својот град. Заминав од Киев на 20 февруари со куфер полн со експонати. Летовите полека се откажуваа, притисокот растеше, јасно беше дека војната ќе започне.

Целиот свет го следеше тоа што се случи подоцна, па нема да навлегувам во тоа. Се вратив во Босна и зборував на медиумите за ситуацијата во Украина, која ја следеше цел свет. А потоа се случи инвазијата и граѓаните на Сараево и на другите градови во Босна и Херцеговина излегоа на улиците да протестираат за мир. Градското собрание на Сараево беше обоено во боите на украинското знаме. Разговарав со луѓето, тие ја испраќаа својата љубов до Украинците, донираа пари, испраќаа пораки за поддршка. Некои од нив стравуваа дека војната некако може да се прошири и на Западен Балкан. Повеќето беа повторно трауматизирани од сликите од Украина, кои сите нас не потсетија на нашата војна. Европа реагираше поинаку отколку што реагираше во случајот со Босна; овој пат беше обединета и доста решителна. Испратија оружје во Украина и секаква помош, сфатија дека Украина не се брани само себеси.

Haris Čalkić

Во моментов кога ја пишувам оваа статија, поминаа повеќе од три месеци од почетокот на војната и многу луѓе се враќаат во Киев. А, јас се подготвувам за мојата прва посета на мојот омилен град. Киев беше, како што очекував, бранет, а за разлика од Сараево, кое исто така се бранеше, за среќа не беше целосно урнат. Инфраструктурата ќе се обнови или повторно ќе се изгради. Луѓето ќе бидат различни. Сега во Украина се раѓаат бебиња кои за триесет години ќе станат научници. Еден ден војната ќе заврши и ќе има ветерани, од кои многумина имаат само по дваесет години и од кои се очекува да продолжат да живеат „нормални животи“. Некои ќе излезат од војната без ништо, со ранец и неколку маици. Ќе поминат децении додека нивните рани не зараснат, а некои можеби никогаш нема да зараснат.

Се надевам дека војната наскоро ќе заврши и дека тоа нема да се случи во рамките на некаков неправеден мировен договор. Се надевам дека ќе има помалку повоени неправди во Украина и дека Украинците заедно ќе ја обноват својата земја. Се надевам дека светот ќе им помогне да го направат тоа повеќе и на подобар начин отколку што ни помогна нам. И се надевам дека еден ден Музејот на военото детство ќе биде отворен во Киев, дека засекогаш ќе ги чува и раскажува приказните на сите деца чиишто детства беа обележани со оваа брутална, безумна инвазија.

Јасминко Халиловиќ е основач и директор на Музејот за воено детство во Сараево. Тој е автор и уредник на неколку книги, меѓу кои и Детство во војна, која е преведена на шест јазици. Како гостин-предавач, тој зборувал на водечки универзитети и конференции во повеќе од петнаесет земји. Тој е првиот Босанец избран на листата на Форбс „30 под 30“.