Урбанизам без почит кон минатото / Скопје

Скопје е значен културно-историски  центар на сопственото географско опкружување низ вековите. Неговиот раст и значење биле непрекинати сè до неговиот зенит, кога градот бил пеплосан од страна на австрискиот генерал Пиколомини во 1689 година, што го исфрла од траекторијата на развој.  Во тоа време, се вели за Скопје дека  бил град со големина колку Прага, имал поплочени улици со бела калдрма, поубави градини од Рим и  предизвикувал вчудовиденост од убавината, но и вистинска болка кај генералот кој заради колерата морал да го запали градот.

Дури и постојаните војни и освојувања, превласти и разурнувачките земјотреси од 518 година и 1555 година не го застанале неговото повторно враќање на значајната позиција. Но, палежот од крајот на XVII  век  го одвоил  континуитетот со 200-годишно затишје,  сè до втората половина на XIX век кога започнува неговото ново воскреснување, за во текот на  XX век развојот да се зголеми повеќекратно.

Кулминацијата на дејствијата ја зајакнува позицијата на градот како важно средиште, престолнина на покраини во туѓите кралства, но и го втемелува во престолнина на современата македонска држава. ХХ век ни малку не го поштедува од искушенијата на човечките агресии и природните катастрофи, од кои земјотресот од 1963 година му го задава најголемиот удар.

Она што покажуваше зрелост во ваквите премрежија беше урбанизмот кој успеа да дефинира град во кој препознававме слоеви од антички, средновековен, ориентален, европски, модерен и современ град. Секако дека има простор за неколку дилеми околу постземјотресната обнова каде еклектичниот град не се ценеше доволно, но компромисот и новите дејствувања беа толку значајни, така што Скопје беше центар на архитектонско-урбанистичките текови неколку децении.

Што се случи потоа?

Дојдоа 90-тите години, распадот на моќната федерација и одвојувањето на македонската држава во целосна независност. Тоа значеше период на транзиција, во која општественото и заедничките вредности беа попарени од немарниот капитализам. Се случи алчност кај поединци, брзо збогатени бизнисмени, политички табори и етнички незрели организирања кои создадоа хаотично општество на делење власт и разграбување територии за владеење.

Резултатот е институција Град Скопје и 10 општини кои имаат различни ингеренции, припаѓаат на различни политички агенди кои немаат допир со суштината на урбанизмот и архитектурата. Сè е сведено на дејствување колку да се преживее (со чест на исклучоци), без визиите кои ги имавме пред само 50 години. 

Последна масовна и видлива агресија беше проектот „Скопје 2014“, како феномен кој излезе од рамките на професионализмот, измешувајќи ги сите брзини на добрата волја, романтизмот, носталгијата и злоупотребата на власта, создаде совршено одвлекување на вниманието од останатите делови на градот, кој целосно е западнат во урбанистичка автоимуна болест (преградени балкони, доградени згради по индивидуални желби итн.).

Историската оска Север – Југ

Ориенталното и средновековно Скопје како средиште го има она што денес го препознаваме како Бит-пазар. Тоа е рамништето помеѓу двата рида, од едната страна Градиште, каде е сместена Скопската тврдина (од VI век во континуитет) и Виргинскиот рид, од другата страна.

Тука  бил сместен познатиот манастир „Св. Георгиј“, врз кој е подигната Султан Муратовата џамија во 1436 година, а во чијшто двор еден век подоцна, помеѓу 1566 и 1572 година, е подигната и скопската Саат-кула  на местото на една од кулите од утврдувањето.

Почнувајќи од оваа точка, како поента на просторот, минувајќи низ пазарот кој има 10-вековна традиција, Старата скопска чаршија, која на истото место егзистирала и во византискиот период, преку грандиозниот Камен мост (подигнат на фундаменти од VI век), потоа преку централниот скопски плоштад  и некогаш најважна градска улица, како урбанистички потези на европското Скопје, се создава оската која завршува со исклучителна поента во симболот на предземјотресниот град – Старата железничка станица, денес Музеј на град Скопје.

Железничката станица како урбанистичка позиција е дефинирана во 1873 година, кога се пушта железничката пруга Скопје – Солун и Скопје – Митровица, додека објектот, чиишто остатоци и денес опстојуваат, е дело на архитектот Велимир Гавриловиќ, инаку подигната е помеѓу 1931 и 1940 година.

Овие две точки, како почетна и крајна, се исклучително значајни архитектонско- урбанистички позиции, со живи и автентични објекти од различни времиња. Оската е во должина од приближно 2 км пешачка зона, обединувајќи ги двата брега на градот преку реката Вардар, низ една приказна на културно наследство и простор кој се развива низ цел еден милениум.

И двете точки се нападнати од неукиот урбанизам кој целосно го игнорира нивното значење, нивното сведоштво, фрлајќи ги во милоста на инвеститорите, бидејќи властите се покажаа недостојни и без визија да ги менаџираат овие простори.

Саат-кулата

Движејќи се од центарот на градот кон Бит-пазар, застанувате во средиштето каде погледите ви завршуваат во ридот, чија доминанта е Саат-кулата. Тоа е последната точка каде би можеле да посегнете со погледот, додека како посетител би ви била крајна дестинација.

Нејзиното позиционирање имало логика уште во минатото, таа е поентата на просторот, додека часовникот е тој кој го одредувал времето за трговија, за  пресретнување, кога започнува работата, кога завршува. Тоа кажува дека главната суштина на тој објект е неговото надвиснување, неговото визуелно и звучно досегнување. 

Но, македонскиот урбанизам на денешницата  предвидел објекти во подножјето, со главен третман на булеварскиот фронт. Височината на овие објекти го одзема погледот кон Саат-кулата и целосно го игнорира нејзиното значење, како историско така и функционално. Впрочем, обичниот и случаен минувач никогаш можеби и нема да дознае за нејзиното постоење.

Старата железничка станица

На спротивниот крај од оската, просторот обединуваше повеќе сегменти – Музејот на град Скопје, крило од некогашната железничка станица,  трем и портал, како мемориски гест на централниот брод од објектот, перони каде беа позиционирани неколку вагони пренаменети во ресторани, локали за ноќна забава и паркинг за автомобили. За овој простор секогаш се размислуваше како за комплекс и неделива целина, впрочем тоа е површината каде некогаш егзистирала станицата со својата целост. За овој простор во 90-тите години на минатиот век беше организиран еден од најразумните конкурси на тема „Градска куќа“,  кој имаше замисла истата да биде вклопена во исчезнатиот дел од објектот. Секако, истиот остана само на хартија.

Овој објект има особени архитектонски вредности и особено значење во градската историја. За него се зборувало со воодушевување, додека во холот бил позициониран муралот, како едно од најзначајните остварувања на македонскиот кубист Борко Лазевски.

Музејот на град Скопје изминатиов половина век претставуваше симбол на катастрофалниот земјотрес и паметник за  тешката борба на градот-феникс. Истовремено, институцијата Град Скопје и Општината Центар, која на својот грб го носи симболот на птицата феникс, дозволија понижување на овој објект. Во блиска иднина ќе биде прегрнат од сите страни со шопинг-мол, како вистински симбол на капитализмот и приватните интереси над општествените.

Со реализацијата на проектот на Лимак, или комплексот „Diamond of Skopje“,  се случи преседан во обликувањето на парцелите, со што се дозволи расцепкување на целината и потенцијалот на просторот и она што е најсрамно, се дозволи рушење на пероните и оригинални делови од објектот на железничката станица, кои воедно имаа и заштитен статус.

Практично, институциите водени од кој било политички табор покажуваат незрелост за која било тема од делот на културното наследство, архитектонското вреднување на просторот и должноста урбанизмот истото да го земе како почетна точка на планирање на просторот. Истовремено,  во цивилизацискиот континуум се покажавме како недостојни и потпросечни генерации, што значи најслабата алка. Збогум!

Филип Конески е роден во Скопје, 1987 година. Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје, на тема „Институт за конзервација и реставрација“,додека тековно работи на магистерскиот труд на тема „ Активен пристап кон градителското наследство“. Во работните искуства се вклучени архитектонски, занаетчиски и уметнички студија. Покрај основањето на МАРХ и менаџирањето со страната, тековно е вработен во проектантско студио во Скопје. Останатото време му е посветено на повеќе области во полето на творештвото, додека во матичната сфера (архитектурата) се стекнува со самостојни и групни награди на домашни и меѓународни конкурси.