Цел животен век во потрага по исчезнатите

Foto: Arsim Gerxhaliu

Арсим Герџалиу

Во 1994 година, решив да студирам судска медицина во Приштина, без да знам дека ќе преживеам војна. Од 1989 година, Косово страдаше од насилните мерки на Србија, а сите Албанци беа исклучени од јавните институции, вклучувајќи ги и училиштата и високото образование. На студентите им предававме во паралелен систем, во домашни услови преку користење на слајдови. Тоа траеше до 1999 година.

Бомбардирањето на НАТО започна на 24 март 1999 година. 79 дена бевме затворени во нашите станови.

Во јуни 1999 година, погледнав низ прозорeцот и видов војници кои се приближува пеш. Тоа беа војниците на КФОР, „Гурки“ од британската армија. Излеговме надвор да ги пречекаме. Им дадов вода – пешачеле до тука од Македонија. Таа ноќ спиеја надвор од нашите станови, на земја, во вреќи за спиење.

Следниот ден, ја напуштија Приштина. Ги следев додека се приближуваа кон селото Лукаре и линијата на фронтот.

Додека одевме, видовме тела на десната страна од патот. Тела во распаѓање. Видовме плитки гробови, ископани толку бргу што од некои дури излегуваа делови од телото.

На левата страна на патот, наидовме на гаража. Очигледно ја користела српската полиција. Внатре имаше моторна пила и крв насекаде. Можевме само да замислиме што се случило таму. Се сеќавам дека една чешка ТВ екипа беше на местото на настанот и се обидуваше да нè интервјуира. Јас ги избегнував.

Назад во Приштина, конечно можевме да продолжиме со работата на Институтот за судска медицина (ИСМ). Луѓето почнаа да пристигнуваат во голем број. Секој ден доаѓаа семејства – од пет до десет членови на семејствата одеднаш – постојано во потрага по вести за нивните роднини. Тоа беше почеток на една емотивна врска со семејствата, особено со оние кои не сакаа да веруваат дека нивните роднини беа мртви, дури иако тие веќе беа идентификувани.

Во ИСМ имаше тела во подрумот. Медиумите ќе споменеа новооткриена гробница, и стотици луѓе ќе се појавеа на вратата наредниот ден.

Едно семејство побара од мене да одам во Србија, по откривањето на гробовите во Батајница, Петрово Село, и езерото Перучац. Беше тешко да се каже не, но беше уште потешко да се тргне на пат кон Србија, свесен дека 40 членови на моето семејство беа убиени во масакрот во селото Студиме. На 2 мај 1999 година, само во рок од еден час, насилно беа убиени 117 цивили – деца, жени, мажи и постари лица – во Студиме.

Во изминатите 20 години, сум бил во Србија 255 пати за процена на локации за кои постоеше сомневање дека има гробници, сум откопал гробници, и сум се сретнал со Работната група за исчезнатите. Извршив пренесување на тела од Батајница и Петрово Село 22 пати, и донесов повеќе од 1.000 вреќи со посмртни останки на Косово.

Во 2006 година, Србија официјално потврди дека во Србија нема живи исчезнати лица од Косово.

Некои семејства одбија да веруваат. Не сакаа да дадат примерок од крв за споредување на ДНК. Комуницирањето со нив беше тешко. Верува дека нивните роднини се живи во тајни затвори во Србија. Ова верување сè уште ја потхрануваат посредници – агенти на страдање – кои им даваат лажна надеж на семејствата преку пренесување на „пораките“ од исчезнатите роднини.

Сега, повеќето членови на семејствата почнуваат да веруваат дека нивните роднини веќе не се живи. Тие се „радуваат“ на враќањето на нивните останки. Чекале 20 години. Уморни се. Се „радуваат“ бидејќи многу други сè уште чекаат и стравуваат дека ќе умрат без да ги закопаат своите синови, браќа, татковци, мајки, сестри, ќерки, братучеди, баби и дедовци …

Овие 20 години, посетив 22 здруженија на семејства и нивните членови.

Сум работел со 8.000 семејства.

Сум им кажувал на семејствата дека сме ги пронашле нивните роднини, и дека тие веќе не се живи, а тоа е најтешкиот дел. По чекањето, исчекувањето, надежта – сите емоции кои се наталожиле низ тие изминати 20 години – едноставно експлодираат. Како луѓе кои им ја пренесуваат пораката, ние сме оние кои се соочуваат со првичната реакција. Ги слушаме. По дваесетина минути нè бакнуваат.

Потрагата по исчезнатите е сложена. Покрај ИСМ, во пронаоѓањето и идентификувањето на исчезнатите лица биле вклучени многу меѓународни организации, вклучувајќи ги Канцеларијата за исчезнати лица и судска медицина (ОМПФ), Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), Меѓународната комисија за исчезнати лица (ИЦМП), и ЕУЛЕКС, меѓу другите.

AnchorНепосредно по војната, немаше централизиран систем.

Она што дополнително го попречуваше процесот беше тоа што наводни невладини организации одеа од село во село и собираа информации, фотографии и предмети од семејствата на исчезнатите. Подоцна се појавивме ние со истото барање и ни беше кажано „па, веќе сме го предале тоа“. На кого? До ден денес, сè уште не знаеме кои се тие „невладини организации“ или каде се наоѓаат собраните предмети.

Сега се соочуваме со „крајот“ на процесот.

Повеќе од 4.000 случаи се затворени од страна на Меѓународниот суд преку користење на „класичниот модел“ кој не се потпира на ДНК анализа. Членовите на семејствата ги идентификуваа телата само преку препознавање. Околу 300 се сега веќе закопани. Некои од нив можеби се погрешно идентификувани.

Сè уште во мртовечница имаме повеќе од 300 посмртни останки чија ДНК не се поклопува со онаа земена од примероците на крв на членовите на семејствата на исчезнатите лица.

За да го направиме тоа правилно, треба да почнеме одново.

Нè чека многу работа.

Д-р Арсим Герџалиу е директор на Институтот за судска медицина во Косово. Неговата кариера трае повеќе од 20 години, почнувајќи пред последната војна во Косово.

____________________________________

The article is published in the regional magazine Balkan.Perspectives number 12. The magazine can be found on the link: https://dwp-balkan.org/mk/bpm.php?cat_id=6&text_id=2