Кога бев помлада, мојот најголем страв беше да седам со Срби и да ги слушам како зборуваат на својот јазик. По војната, секојпат кога ќе слушнев како зборуваат, очите ќе ми се наполнеа со солзи и главата ќе ми се наполнеше со слики од војната. Мислев дека како стареам, ќе можам да ги избегнам овие мисли за минатото и моето прекинато детство, како и детството на многу мои врсници. Сепак, не можев. Наместо тоа, колку повеќе време минуваше, толку појасни ми станува моментите од тоа мрачно време. Си мислев: како е можно другата страна да не прифаќа дека моето детство беше прекинато? Нели знаат дека моето училиште беше затворено, дека мојот учебник за прво одделение беше оставен на клупата? Никогаш не размислував дека мојата реалност може значително да се разликува од нивната, и тешко ми паѓаше кога требаше да си признаам дека тие можеби не ни знаеле што се случуваше во Косово.
Родена сум во град, кој сега е поделен на две групи на луѓе, кои имаат исти биолошки карактеристики, но кои при раѓање се случило да бидат облечени во различни етнички носии, животот ми стана тежок парадокс, и за живеење и за разбирање! Целиот период по војната беше потрошен на разговор, не за нашиот развој и благосостојба, туку за нашите „разлики“ и спротивставени ставови, што се чини дека е случај со сите земји опустошени од војна. Се разбира, не можеше да биде поинаку, бидејќи во тоа време, можевте само да сонувате да направите чекор подалеку од „своите“, и од страв од физичка повреда и од социјална стигматизација. Пречесто, во мојата глава одекнуваше крик на обвинување: го зедовте мојот град! Без да земам предвид дека, покрај административната смисла на „градот“, град, исто така може да биде и чувство. На крајот на краиштата, со кое право може да тврдите чиј е градот и кому припаѓа…?
На возраст кога требаше да зборувам за балет, театар и други активности, јас зборував за исчезнати лица, изгорени куќи, полициски час, масакри, силувања и други теми; поими на кои децата од друга страна не беа изложени. Кога прв пат се сретнав со другите деца и млади од српската заедница на заеднички активности, на грбот го носев товарот на „албанштината“ како статусот за иднината на Косово да беше во моите раце! Тој товар беше исклучително тежок. Беше болно и трауматично, особено бидејќи јас бев само дете. Отпорот на прифаќање на она што се случи е поболен од болката на самата траума. И на човечко ниво, истовремено имав реален страв и грижа дека ќе бидам прободена со нож, да не доживеам психолошко или физичко осакатување и изолација.
Мислев дека никогаш нема да можам да им простам.
Првите состаноци со Србите беа многу одбивни, и во однос на вербалниот говор и во однос на телесниот говор – Одбивав воопшто да се вклучам. Издржав, и на другите состаноци кои се занимаваа со заеднички теми и проблеми почнав сè повеќе да слушам и на тој начин ги рушев ѕидовите околу мене и им давав повеќе шанси на оние кои зборува. Почнав да забележувам промена во мене. Низ годините ја гледав оваа своја трансформација, во смисла дека станав порелаксирана во однос на доживувањето на ставови кои беа спротивни од мојот. Во таквите случаи, со самото доживување на социјалниот контекст, сфаќаш дека војната не е лично искуство и страдањето што клокотело почнува да се намалува.
Кога ги отворив очите на ситуацијата, почнав да се прашувам: што ќе мислев да бев на местото на другата заедница!? Кога ќе достигнете друга лична димензија која е тешко да се опише со зборови, ставовите на другите и нивното одбивање на вашата вистина веќе не влијаат врз вашата рационализација. Сфаќате дека сте стигнале до ниво на помирување со себе и ги разбирате сите страни дури и повеќе од што тие може да си замислат. Не ви треба ниту прифаќање, ниту прошка – едноставно само го уважувате фактот дека овие луѓе имаат свои ставови, бидејќи нивните околностите биле различни, и тие околности се нивната вистина!
Сметам дека соочувањето со горкото минато како што е нашето, е еден од најтешките процеси во животот, процес кој бара енергија, време, посветеност, и надминување на самиот себе. Сепак, истовремено е и клучот за наоѓање мир, прво во себе, а потоа и во рамките на јавната средина, каде што можете да разговарате. Надминувањето на стравот на разбирање на реалноста на „другиот“ е, според мене, централно за спречување на повторувањето на конфликтот. Ние може да го направиме тоа само преку меѓусебно соочување, меѓусебно образложување, помирување и активно работење на причините кои најчесто ни предизвикуваат загриженост, како човечки суштества, причини кои се далеку поитни од наметката на етничките разлики – концепт кој губи смисла.
Меморијата на телото, општествените норми, товарот на митот за заштита на нашиот „вид“, и стигмата ме обзедоа, како што обзедоа и многу други. Сите се плашиме од промени. Јас го искусив тој страв. Се плашиме да признаеме дека, доколку бевме во кожата на другиот, веројатно ќе размислувавме на истиот начин. Самата помисла на тоа не плаши. Ова е сосема нормално, и не треба да бидеме осудувани за тоа, бидејќи е разбирливо дека последиците, длабочината и мирисот на стравот се различни за секоја индивидуа, и затоа не може да се очекува дека ќе се манифестираат на ист начин кај сите. Но, ако успееме да го прифатиме тоа, тогаш стануваме слободни! Преку создавање можности со кои ќе го надминеме просторот во кој владее стравот, можеме да успееме да го деконструираме нашиот страв. Тогаш разумот го поразува стравот, и пред нас се отвора можност за формирање на рационални мисли засновани на фактички докази и расудување врз основа на таквите мисли. Сè што не поткрепено со факти води кон предрасуди, и затворање на умот, а никој не страда повеќе за тоа од самите нас.
Оваа статија е одраз на личното искуство на авторот и не преставува став на ниту една институција, организација или друга група на интерес.
БИОГРАФИЈА: По некоја случајност, Селвије Курти е родена во Митровица, во северниот дел на Косово. Таа е критички настроена личност, која е силен поборник за преиспитување на социјалните структури и норми, и надежта или притисокот кој со себе го носат. Курти е заинтересирана за начинот на кој луѓето комуницираат надвор од аспектот на нивниот идентитетот, а главна област на нејзиниот интерес е решавањето на конфликтите во самите земји во повоениот период. Го разгледува прашањето во каква состојба ќе биде светот доколку, наместо да се фокусираме на идентитетот и географските граници, се залагаме за човештвото. Последните десет години, активно учествува во програми за човекови права, решавање на конфликти и градење на мир. Без да се занемари влијанието на минатото на нејзиното формирање како личност и нејзините уверувања, посветена е на уживање во сегашниот момент и луѓето кои и се драги, а претпочита да не е премногу ограничена од плановите или да се заглавена во она што било или ќе биде.