Со создавањето на регионални организации за спроведување на стандардите за демократија, човекови права и владеење на правото од страна на Европа, се очекуваше дека масовните злосторства слични на оние кои се случија за време на Втората светска војна нема да се повторат на европскиот континент. Сепак, 40 години подоцна, Европа беше погодена од масовното насилство кое се случи во поранешна Југославија, а со кое не беше подготвена да се справи навремено. Во целиот тој хаос, меѓународната заедница воспостави ад хок Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во обид да го зајакне одвраќањето преку испраќање на порака до сторителите дека не можат неказнети да излезат од своите злосторства, и дека правдата ќе биде задоволена за жртвите и за виктимизираните заедници. Наднационалните нормативни и политички рамки беа воведени со цел да се поттикнат и обврзат домашните власти во поранешна Југославија да учествуваат во примената на истражните и обвинителските мандати на Трибуналот, истовремено поставувајќи ја таквата соработка како стандард за полноправната европска интеграција на земјите.
Должноста на земјите од поранешна Југославија да соработуваат со МКТЈ е особено важна како содржина за обработка во Балкански.Перспективи, чија тема е историскиот ревизионизам, земајќи предвид дека МКТЈ е широко признат во литературата и од наднационалните организации како јасен пример за создавање на кохерентна историја за насилното минато на Балканот. Неговите транспарентни расправи и екстензивноста на информациите достапни од неговите архиви за истражувачите, историчарите и јавноста даваат непроценлив материјал од кој може да се научи за минатото на поранешна Југославија. Сепак, прашањето за соработката на Македонија со МКТЈ е нејасно опфатено во литературата, дури се чини дека и воопшто не е опфатено. Овој текст има за цел скромно да ја пополни оваа празнина.
Која е улогата на МКТЈ во постконфликтната транзиција во поранешна Југославија?
Спроведувањето на кривичната правда за грубото кршење на човековите права е витален елемент во постконфликтната транзиција, спроведувањето на правдата и менаџирањето на мирот. Институционализацијата во спроведувањето на кривичната правда и на национално и на наднационално ниво има капацитет да поттикне помирување преку откривање на фактичката вистина за грубото кршење на човековите права, со утврдување на одговорност за таквите повреди и со признавање на штетите претрпени како резултат на насилството. Покрај тоа, на МКТЈ му беше даден капацитет да придонесе во постконфликтното спроведување на правдата и утврдување на легитимната вистина за југословенските војни преку спроведување на инклузивен пристап на жртвите да учествуваат во неговите постапки, и со тоа што ќе бидат транспарентни во својата работа ќе овозможат пристап на јавноста до судењата и архивите. Домашните инстанци на кривичната правда може да извлечат полза од работата и мандатите на МКТЈ преку учење од моделот на институционалнизираното спроведување на правдата и откривање на вистината од страна на Трибуналот и преку користење на фактичките докази во рамките на пресудите откриени преку истражните и судските постапки на Трибуналот.
Што подразбира должноста за соработка со МКТЈ?
Должноста на општествата од поранешна Југославија да соработуваат со МКТЈ од домашните власти бараше да ги уапсат и депортираат лицата обвинети од Трибуналот, да ги заштитат сведоците кои требаше да сведочат пред Трибуналот, да ги помагаат истрагите на МКТЈ на кои се базираат, да ги отворат домашните архиви и да ги обезбедат бараните документи за МКТЈ, да ги спречат негаторските ставови кон Трибуналот и да усвојат законодавни и институционални реформи со цел да се обезбеди ефикасно и независно домашно гонење на сторителите. Точниот делокруг на должноста за соработка со Трибуналот се разликуваше кај различните земји и се пренасочуваше како што одминуваше времето. На пример, додека должноста на Србија и Хрватска да соработуваат со Трибуналот се фокусираше првенствено на апсењето и екстрадицијата на обвинетите во МКТЈ, Босна, Косово и Македонија одлучно беа поттикнувани да ги подготвуваат своите домашни судски инстанци независно и непристрасно да ги гонат извршителите на воените злосторства.
Дали Македонија навремено соработуваше со МКТЈ?
Нема прецизен „да“ или „не“ одговор на прашањето дали Македонија ефикасно ја исполнила својата обврска за соработка со МКТЈ. Македонија се придржува, сè уште ограничено, на својата должност да ги реформира судските, обвинителските и истражните инстанци за да обезбеди ефективно, независно и објективно судење за злосторствата. ЕУ и Советот на Европа го препознаа подобрувањето во подготовката на судството во Македонија за независно, професионално и транспарентно функционирање. Останува да видиме дали преземените реформи во судството ќе бидат доследно применети и во иднина.
Овој стандард за процена на соработката на Македонија со МКТЈ може да не се применува доколку нема злосторства кои треба да се гонат. Токму ова може да се смета како посебен случај бидејќи Законот за амнестија од 2002 година ги иззема од гонење и казнување лицата кои учествувале во злосторства поврзани со конфликтот во 2001 година. Сепак, проширувањето на примената на овој закон на четирите случаи префрлени од МКТЈ на домашно процесуирање, може да укажува на изедначување на примената на Правилото 11bis со ослободителна одлука, со што се поништува целта на ова правило и стратегијата за процесуирање од страна на Трибуналот. Таквата проширена примена на Законот за амнестија може дополнително да биде во спротивност со обврските на Македонија кон Советот на Европа, имајќи предвид дека Парламентарното собрание на Советот експлицитно истакна дека Владата на Македонија нема да прогласи амнестија за оние бунтовници кои извршиле воени злосторства во 2001 година. Негонењето на наводните сторители за грубо кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право ги крши и пресудите на ЕСЧП, во кои судот ја посочува обврска на страните на ЕКЧП ефективно да ги испитаат ваквите повреди и да ги гонат и казнуваат сторителите. Неуспехот да се стори тоа покажува селективна распределба на правдата и обештетување на жртвите, што може да ги наруши и онака кревките меѓуетнички односи во Македонија.
Наташа Стаменковиќ е доктор на науки на Универзитетот во Тилбург, магистар по право на Универзитетот во Единбург и магистер на науки на Универзитетот во Оксфорд. Работела со Центарот за хуманитарно право и Здружението на млади правници на Македонија. Истражувањата на Наташа се фокусирани на интеракцијата помеѓу правото и општеството и социо-правната примена на правото во процесите на демократизација. Таа пишува за улогата на правните норми, институциите и системите во унапредувањето на заштитата на човековите права, спроведувањето на правдата и доброто управување.