Преобликување на минатото во јавниот простор: случајот со Мостар

Социјалните промени, особено оние кои се резултат на конфликт, ги поттикнуваат заедниците и поединците да се преиспитуваат кому припаѓаат и зошто, и која е основата на нивниот идентитет. Тоа претставува плодна почва за ревизионизам бидејќи прашањето за припадност – особено по пресврти коишто резултираат со губење на заедничкиот идентитет (како што беше случајот со југословенскиот идентитет), е егзистенцијално. Тоа е исто така поврзано и со прашањето на моќта за време на конфликтот и по него. Манипулацијата со фактите, враќањето кон основните вредности, упатувањето на претходната историја (пред историјата со која сме се збогувале или од која сме се ослободиле) се исто така клучни во создавањето на колективниот идентитет. Колективната меморија е составена од активности кои се спроведуваат во сегашноста, а се во врска со одредени настани од минатото. Процесите на меморијата се нераскинливо поврзани со она што се заборава.  Кога ние, како заедница, организирано се сеќаваме, го правиме истото и со заборавањето. При изборот на тоа што се памети и што се заборава, меѓусебната поврзаност на културното наследство, меморијата и просторот се важна компонента на националниот идентитет. Процесите на зачувување и класифицирање на колективната меморија се случуваат преку материјални манифестации: книги, споменици, музеи, имиња на улици и институции, како и при одбележување на одредени настани од минатото преку кои одредени општества создаваат односи со сопственото минато.

Постконфликтна Босна и Херцеговина е длабоко навлезена во етнички поделби. Зацртаните етнички бариери и невидливите граници меѓу луѓето, неможноста за надминување на военото минато и разгорувачката политичка реторика доведоа до (повторно) создавање на нови наративи за „нас“ наспроти „нив“, не оставајќи простор за заедничко минато и историја. Неодамнешното минато роди нови херои и нови жртви, додека истовремено ја потисна скоро целата претходна заедничка (југословенска) историја како непожелна. Антифашизмот и неговите материјални потсетници станаа жежок костен во рацете на креаторите на политиките на сеќавање. Опфатени со насилните негирања и внимателното постепено потиснување, антифашистичките споменици од минатото се соочуваат со бришење од менталните матрици на градовите во Босна и Херцеговина. Корените на овој отпор кон спомениците на поранешното колективно размислување може да се согледаат не само во потребата за реинтерпретација на минатото, туку и за организација на иднината. Сенаид Мусабеговиќ вели дека „ова уништување само по себе имаше двојно значење: се обидуваше да го избрише комунистичкото минато за да создаде простор за нови идентитети, истовремено означувајќи враќање кон чистата ’античка традиција’“.

Во такви услови, Мостар е пример за институционализирана поделба и континуирана борба помеѓу „старото“ и „новото“ минато, без конструктивна перспектива или простор за целата историја што ја поседува овој град. Некогаш познат како „црвен“, антифашистички град со девет воени херои, денес Мостар е поделен на источен (бошњачки) и западен (хрватски) дел, со само кревки обиди да се зачува барем симболичното сеќавање на некогашното заедничко минато. Едноставно – фактите што не се вклопуваат во хегемонистичкото значење се потиснати, додека постојниот спомен-потсетник за антифашистичкото минато на градот е брутално и системски уништен. Во периодот помеѓу 1992 – 1995 година, Мостар претрпе уништување на неговите споменици и симболи: 1992 година (во пресрет на Денот на ослободувањето и Денот на Мостар), Партизанските спомен-гробишта првин беа оштетени при минирањето, што беше само вовед во континуирано уништување, додека самиот споменик претрпе сериозни штети за време на војната; православната црква „Света Троица“ беше целосно срушена во 1992 година; Стариот мост беше срушен во 1993 година.)

Со уништување на идентитетот на предвоениот Мостар, се бараа простори за инсталирање на нови вредности, правејќи нè сведоци на „ритуалното убиство на градот“. Јавните простори во двата дела на Мостар добија спомен-обележја. Така, пет улици во западниот дел на Мостар се именувани по високи воени и политички функционери на Независна Република Хрватска и членови на усташкото движење. На источната страна, во 2012 година, без дозвола на градските власти беше подигнат споменик на војниците на Армијата на Босна и Херцеговина во форма на крин. Овој споменик предизвика политички спор меѓу бошњачката и хрватската страна. Тој беше оштетен при експлозија во 2013 година. Крст висок 33 метри беше поставен на врвот на ридот Хум во 2000 година, кој се надвиснува над старото муслиманско маало. Локацијата на крстот особено претставува извор на несогласувања затоа што од таму бил гранатиран градот за време на војната. Дополнителен апсурд се додава со обидот да се најде „универзална вредност“ во статуата на Брус Ли („кој не е ниту Србин, ниту Бошњак, ниту Хрват“). Во обид да се помири поделениот град, Брус Ли сега се наоѓа во паркот Зрињевац, додека неговиот основач Нино Распудиќ се залага за реанимација на Херцег-Босна (Херцег-Босна е сецесионистички етно-националистички обид да се создаде хрватски ентитет во Босна и Херцеговина за време на војната, кој беше прогласен за заедничко злосторничко дело од страна на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија). Негирањето на воените злосторства и величањето на осудените воени злосторници, како хашките шестмина, се составен дел од денешната приказна на Мостар.

Брутален пример за бришење на минатото на јавниот простор на Мостар се Партизанските спомен-гробишта, дело на Богдан Богдановиќ. Богдановиќ беше меѓу ретките уметници кои бараа универзално значење на симболите, избегнувајќи ги националните императиви. Симболите и архитектонските форми се отворени за толкување, и ова е важна карактеристика на делото на Богдановиќ. Сеќавајќи се на мртвите, спомениците на Богдановиќ се насочени и кон живите. Тие порано беа дел од заедниците и градовите, создавајќи лични врски со нивната публика. Тој го искористи овој пристап при изградбата на Партизанските спомен-гробишта во Мостар. Овој споменик претставува персонификација на улиците, куќите, балконите и плоштадите, „Мостар ‘во мало’, реплика на градот на Неретва, негов идеален дијаграм“. Споменикот отсликува два града (град на мртвите – спомен-гробиштата и град на живите – Мостар) кои се свртени еден кон друг. Спомен-гробиштата претставуваат спомен-парк во спомен на 810 убиени партизани, симбол на антифашистичкиот отпор. Богдановиќ го истакна фактот дека споменикот е изграден од донации, вклучувајќи го и каменот од мостарските куќи што семејствата со задоволство го донирале. Идејата на Богдановиќ била жителите на Мостар да го доживуваат споменикот не само како место за одбележување, туку и како место за постоење. Поради тоа, особено е тешко да се разбере размерот на уништување на ова спомен-обележје, кое денес е распаднато: со скршени надгробни споменици, свастики и усташки симболи. Значењето на споменикот денес е поедноставено, намалено, со цел да се постигне негово конечно исчезнување. Како што рече Богдановиќ: „Мостарскиот споменик, и по својата архитектура и по својот дух, е симбол на југословенската култура. Тој не е ниту српски ниту хрватски ниту муслимански, туку им припаѓа на сите, ги поврзува и ја носи формулата за надминување на овие поделби. А сега е испишан со сè што е производ на југословенската култура“.

Мостар не е единствениот град во Босна и Херцеговина кој води битка за толкување на минатото на јавните простори. Тој е темата на оваа статија заради неговата актуелност во овој момент – во Мостар се одржуваат локални избори прв пат по дванаесет години. За жал, тешко е да се направат сериозни промени во овој град кој е заглавен помеѓу „Истокот“ и „Западот“ и меѓу фашизмот и антифашизмот. Сепак, важно е во овој момент да се зборува за ревизионизмот на јавните простори во Мостар, бидејќи можеби веќе на следните избори ќе биде доцна да се заживеат „двата мртви града во едно“.

Лејла Гачаница е доцент доктор по правни науки, а во моментов работи како правен советник и независен истражувач. Нејзината област на интерес вклучува справување со минатото со фокус на културата на меморија, човековите права и уставното право. Автор е на објавени написи, аналитички, научни и истражувачки трудови во овие области.

Извори:

Assmann, J. (2005). Kulturno pamćenje. Pismo, sjećanje i politički identitet u ranim visokim kulturama. Zenica: Vrijeme.

Bogdanović, B. (2001). Glib i krv. Beograd: Helsinški odbor za ljudska prava u Srbiji.

Bogdanović, B. (1997). Grad mojih prijatelja. Mostarska Informativna Revija MM, no. 12/13.

Connerton, P. (2002). Kako se društva pamte. Beograd: Samizdat B92.

Nora, P. (2007). „Između sjećanja i povijesti“. Diskrepancija, vol. 8.

Markovina, D. (2014). Između crvenog i crnog. Split i Mostar u kulturi sjećanja. Zagreb: Plejada.

Musabegović, S.(2014). u Monumenti. Promjenjivo lice sjećanja. Beograd: Forum Ziviler Friedensdienst.