Додека размислував како да ја започнам оваа статија, се сетив како по револуцијата или пучот од 5 октомври (во зависност од тоа како различни луѓе го доживуваат), кога Милошевиќ беше исфрлен од политиката, големото реактивирање на младите се случи некаде околу средината на 2006 година со референдумот за измена на Уставот на Србија и парламентарните избори од 2008 година. Ако ја анализираме понатаму ситуацијата, во денешно време, петнаесет години подоцна, ги забележуваме истите проблеми од прaстара содржина. Додавајќи ги на тоа неодамнешните проблеми создадени во ова време, тие стануваат сѐ побројни, додека со секој изминат ден младите се сѐ помалку подготвени или мотивирани активно да се соочат со проблемите што ги преокупираат нив и нивните непосредни заедници. Мора повторно да се случи нешто слично на големото реактивирање на младоста по референдумот за измени на Уставот на Србија од 16 јануари, како и парламентарните избори од 3 април.
Во моментов, во времето во кое живееме, учеството на младината во јавниот живот нема прецизна дефиниција или определба. Во денешно време, на ова повеќе се гледа како на средство кое обезбедува прогресивни и позитивни промени конкретно во животот на младите, и воопшто во градењето на подобро и поодржливо општество. Според многу студии и истражувања направени во светот или врз основа на различни практики од земји со одржлива демократија, вклучувањето на младите во јавниот живот се сфаќа како право на младите да бидат дел и да преземаат должности и одговорности во секојдневниот живот, како право на демократско влијание врз процесите кои влијаат на нивните животи. Сепак, не сум сигурен дали истото може да се каже и за малите земји во кои живеат заедници со провинциски менталитет, особено кога се зборува за места како Прешево.
Прешевската Долина е ознака за јужниот дел на Србија, која се состои од три општини населени со албанско мнозинство. Се наоѓа на границата со Република Северна Македонија и Република Косово. Иако овие три општини се меѓу петте со најмладо население во Србија, Прешево го држи регионалниот рекорд по стапка на невработеност и развојна стагнација.
Проблемите меѓу Албанците и Србите кои се присутни долги години и тешките односи меѓу Косово и Србија по 2000 година, реално се откриваат во секојдневниот живот на албанските граѓани во Прешевската Долина. Како последица на ваквата состојба создадена со годините, младите кои живеат на овие простори секој ден сѐ повеќе ја губат волјата да се ангажираат и да ги унапредуваат нивните цели и политики.
Од оваа перспектива, не само во Долината, туку и во другите области населени со етнички малцинства со демократии во развој (на пример, Сањак, северно од Косово, јужно од Албанија итн.), политичките партии често немаат сериозен и искрен пристап кон младите или кон решавањето на нивните проблеми. Тоа не е поради немање желба, туку затоа што сѐ се одвива преку популистичките политики на политичарите, кои од една страна владеат неколку децении по ред, а од друга страна поради недостигот на млади кои се добро подготвени и мотивирани да го променат општеството.
Оваа појава најмногу се забележува преку состојбата на граѓанските организации во овие места, кои се соочуваат со проблеми за опстојување поради недостатокот на капацитети за развој и раководење со проекти. Тоа се главно фиктивни организации кои ги води и раководи едно лице, им недостига специјализација и аплицираат на секоја можност што ќе ја видат, без разлика на областа или темата која ја покрива таквата можност.
Согласно законите на Република Косово, освен државните институции, единиците на локалната самоуправа се должни да се занимаваат со младински политики со цел да се подобри општествената положба на младите и да се создадат услови за задоволување на нивните потреби и интереси во сите области од интерес на младите.
Ако го погледнеме „Алтернативниот извештај за положбата на младите во Србија во 2021 година“, објавен од организацијата Национален младински совет на Србија (КОМС) – здружение на 104 младински организации и организации за млади, 106 општини од 145 вклучени во истражувањето немале усвоено локален план за младинска акција. Меѓу нив се и општините од оваа долина. Овој наод констатира дека во 106 општини Канцеларијата за млади се користи за вработување на членови на младински форуми на партијата или партиите на власт, што е показател за нивото на младинските политики на локално ниво. Кога се зборува за граѓански организации, секоја сила формира свои организации преку форумите на партиите на власт и ги поддржува преку субвенции за невладините организации.
Користејќи го примерот на Прешево, локалната самоуправа со субвенциите за невладините организации, кои достигнуваат максимум 2000 евра по програма годишно, ги уништи овие организации наместо да придонесе за нивниот развој или развојот на младите, преку финансирање на организациите кои се блиски на власта преку нетранспарентен и нефер процес, притоа не барајќи од организациите да доставуваат извештаи за спроведените активности и како се трошеле финансиите.
Паралелно со воспоставувањето на такви практики, младинскиот активизам и политики ја изгубија целта на своето постоење. Ова резултираше со губење на дијалогот и соработката меѓу самите млади, на локално и на регионално ниво и пошироко. Ваквите појави резултираа со самоизолација и гетоизација на младите, претворајќи ги во декор за политички активности или проекти, со едноставниот факт дека не придонесуваат вистински и значително. Како резултат на таквиот пристап, во последните десет години на локално ниво се појавија многу младински мини групи кои не соработуваат или уште полошо, се мразат едни со други поради трката и конкуренцијата за опстанок.
Врз основа на ваквото уназадување на активизмот, додавајќи ја на тоа тешката економска состојба, младите на места слични на Прешево сѐ повеќе го избираат популистичкиот модел што го всадуваат провинциските политичари во општеството, гледајќи го тоа како можност да се промовираат во јавниот живот воопшто. Ваквите пристапи во последните десет години уништија сѐ што се инвестираше и создаваше долги години за унапредување на регионалната и меѓуетничката соработка.
Овие општества споменуваат справување со минатото само кога оваа тема е задолжителна или потребна за да се обезбеди финансирање за некој краткорочен проект. Соработката и дијалогот меѓу младите од различни етникуми во овие региони е на ниво на работилници и туристички обуки, каде исти луѓе продолжуваат да одат – да патуваат, а не поради темите што се разработуваат. Во тој поглед, во голема мерка она што ја обесхрабрува соработката и дијалогот меѓу младите од различни етникуми на Балканот произлегува од слабите односи и напнатиот говор на лидерите од државите во регионот, како и поради долготрајните преговори меѓу Косово и Србија, чии резултати сè уште се невидливи во секојдневниот живот на граѓаните. Соработката и дијалогот меѓу младите на Балканот се фокусираат на младите од главните градови, и на тој начин ги оттурнуваат младите од поодалечените области.
Да се вратиме на почетокот, најновите настани од руската инвазија во Украина и автократските влади на Балканот кои имаат хибридни демократии ги алармираат сите страни кои влијаат на образованието на младите и зајакнувањето на меѓуетничката соработка и дијалог. Справувањето со минатото и разговорите за заедничка иднина треба да бидат главните чекори за повторно воспоставување стабилни основи кон градење на одржлива демократија и вистинска регионална соработка, којашто нема да дозволи нашите општества да бидат заведени или да се повтори поновата историја.
Почнувајќи од самите млади, граѓанските организации, локалните и странските донатори, па сè до јавните институции, неопходно е итно да се реагира, преку фокусирање на нивните можности и програми во градење капацитети за развивање здрави односи и преку воспоставување на одржлива соработка меѓу младите на Балканот. Тоа не може да се постигне парцијално, туку со континуирано и посветено работење. Едно е јасно: тешко е да се мотивираат младите од помалите места да бидат активни и политизирани, но ако успеат да станат активни таму каде што живеат, тој активизам засекогаш ќе влијае на нивните перцепции, погледи на светот и начинот на кој се трудат да го променат целиот свет.
Абдула Ахмеди е граѓански активист главно во Прешева, но активен е во целиот регион во областа на човековите права и јавните политики. Моментално работи како уредник во медиумот „PreshevaPRESS“, кој главно покрива теми и информации од Прешевската Долина. Директор е на невладината организација „Organizata Aktivistëve REFORMA“, која главно работи со младинскиот активизам на локално ниво преку неформално образование и промовирање на вклученоста во процесот на одлучување. Како дипломиран економист, Ахмеди мошне кратко се занимавал со оваа професија бидејќи од 2005 година е познат како политички активист и активист за човекови права.