Закон за воените меморијали во Србија: националистички монопол над сеќавањето

Народното собрание на Србија, на предлог на Владата, симболично на 28 јуни 2018 година го донесе Законот за воените меморијали. Законот претставува правен пропис со кој се регулира овековечувањето на военото минато на Република Србија од Првата балканска војна до последниот судир на Косово (1912-1999). Во изминатите 40 години, на сила беа три закони кои ја нормираа официјалната државна нарација за тоа како се гледа на военото минато, со основен фокус на ослободителната традиција на Првата и Втората светска војна.

„Предлог-законот за спомен обележја“, по нетранспарентната јавна расправа, предизвика позитивни и негативни реакции на заинтересираната јавност, поради што во 2015 година беше повлечен од процедура без објаснување. По три години, по итна постапка, на предлог на Владата, Законот беше изгласан под име „Закон за воени меморијали“.

Министерот за труд, социјални и боречки прашања одлучува за поставување и/или отстранување на споменици, врз основа на мислењето на Советот за негување на традицијата на ослободителни војни на Србија и Заводот за заштита на спомениците. Локалната самоуправа, односно општините и градовите може да бидат само предлагачи, но не можат да одлучуваат за предлозите за подигање споменици.

Според Законот за воени меморијали, единиците на локалната самоуправа ги извршуваат решенијата на Министерството – ги подигаат, отстрануваат и  евидентираат спомениците на нивната територија. Потврда на апсолутниот државен монопол на сеќавањето за војната е и тоа што во Советот нема претставници на здруженија на граѓани, пред сѐ, на здруженијата на семејствата на жртвите, туку исклучително државни службеници.

Врз основа на Законот, иницијатива за подигање нови споменици може да поднесат граѓани, правни лица и државни органи, но постојат низа рестриктивни одредби кои ја ограничуваат слободата на изразување и мислење во рамките на културата на споменици.

Со Законот е уредено спомениците да мора да ја означуваат културата на сеќавања која е исклучително во врска со „традициите на ослободителните војни на Србија“; се забранува подигање нови и отстранување на постојните споменици кои го симболизираат губењето на суверенитетот, територијалниот интегритет, целокупноста, независноста и слободата на Република Србија; се забранува подигање споменици на лица кои застапувале фашистички, нацистички, шовинистички, сепаратистички идеи или идеологии или кои биле соработници на агресор, окупатор, нивни сојузници или помагачи; површно се одредуваат и други критериуми за отстранување на споменици кои претставуваат простор за арбитрарно одлучување, пред сѐ, на Министерството кое одлучува за секој вид иницијатива. Меѓутоа, под оваа одредба не спаѓаат лица кои се рехабилитирани со Законот за рехабилитација или чии процеси на рехабилитација се во тек (2006-2011).

Со Законот е пропишано единиците на локална самоуправа да прибираат евиденција за воените меморијали, а Министерството, во рок од 6 месеци од стапување на Законот на сила, да формира единствена евиденција. Министерството и единиците на локалната самоуправа заедно ја прибираат евиденцијата за загинатите од Балканските војни до денес (1912-1999).

Врз основа на вакво законско решение, се поставува прашањето: Каков третман ќе добијат спомениците кои го обележуваат страдањето на Бошњаците во Санџак (киднапирањата и убиствата во Сјеверина и Штрпци) или дали ќе биде можно да се обележат местата на заробеништво на цивили и војници од хрватска националност во Србија во текот на 1991 година, како и, на пример, низата злосторства во Срем кои се направени од страна на припадниците на Српската радикална партија, а за кои е осуден Воислав Шешељ.

По донесувањето на Законот, „Вечерње новости“ известуваа дека „најверојатно веќе на есен (2018 година) ќе бидат отстранети сите споменици подигнати во чест на освојувачи, воени злосторници и терористи“. Ваквите најави преку медиумите зборуваат за отстранување на: споменици, бисти и плочи кои се третираат како непријателски, како што се бистата на Аќиф ефендија во Нови Пазар и спомениците на припадниците на Ослободителната војска на Прешево, Бујановац и Медвеѓе во Прешево (ОВПБМ).

За дел од Бошњаците, Аќиф ефендија е национален херој, затоа што ги спречил четничките единици да продрат во Нови Пазар во текот на Втората светска војна, а за други е воен злосторник поради соработката со окупаторот. Стрелан е во јануари 1945 година, во новопазарската населба Хаџет. Погубен е поради прогон и убиства на Срби, Бошњаци и Евреи од овој град.

Аќиф ефендија ја добил спомен-плочата во центарот на Нови Пазар во август 2012 година, на иницијатива на Бошњачкиот национален совет. На локалната самоуправа и е наложено да го отстрани ова обележје. Меѓутоа, бистата до ден-денес не е отстранета и, одвреме-навреме, претставува одличен полигон за тестирање на бошњачката и српската националистичка гордост, само се менуваат актерите во однос на годините.

Споменикот на борците на ОВПБМ во центарот на Прешево е поставен во ноември 2012 година, во рамките на обележувањето на стотата годишнина од основањето на албанската држава. Наспроти бурните реакции на албанските политичари, полицијата „во тишина“ го отстранила споменикот во јануари 2013 година. Во тоа време се интензивирани преговорите меѓу Белград и Приштина во Брисел, па рушењето на споменикот послужи како доказ дека тогашната нова Влада и натаму ја следи националистичката политика од деведесеттите, легитимирана со борбата против „сепаратизмот“.

Меѓутоа, на југот на Србија постојат десетина споменици посветени на припадници на ОВПБМ, но ниту еден не предизвика жестоки реакции како овој во центарот на Прешево. Во центарот на Велики Трновац, селото во близина, веќе подолго време постои споменик на Ридван Ќазими, попознат како Командант Леши, над кој се вее албанско знаме.

На мал дел од српската јавност и е познато дека кај бујановачкото село Лучане е подигнат споменик на 12 припадници на полицијата. Споменикот на српските полицајци секојдневно го обезбедуваа припадници на жандармеријата и беше неадекватен за обиколка од страна на семејствата на загинатите. Во јули 2015 година, споменикот е отстранет, во исто време кога во Прешевската Долина требаше да дојде претседателот на Владата, Александар Вучиќ. На крајот, споменикот беше преместен во Бујановска Бања, во портата на црквата.

Претходните примери укажуваат на тоа дека отстранувањето на спомениците се користи како националистичка алатка на државата Србија преку која извршната власт ја активира моќта во однос на актуелниот момент. Со донесување на Законот за воени меморијали, дадена е рамка на кохерентната нарација според која спомениците мора да се почитуваат, а која се маскира со „ослободителната“ традиција, па и со флоскули како што се општодржавните интереси, националните и верските чувства, како и оние кои не ги прикажуваат вистинските и историските факти. Дека зад „ослободителното“ се крие една друга идеологија ни укажуваат два други примера.

Споменикот на Драгољуб Михаиловиќ, водачот на четничкото движење, подигнат на Равна Гора, доби дополнително признание кога група офицери и војници на Војската на Србија го посети споменикот во мај 2018 година. Другиот пример е споменикот на Јаша Томиќ во центарот на Нови Сад, кој е подигнат 2006 година, во времето кога градоначалничка на Нови Сад беше Маја Гојковиќ, тогашна функционерка на Српската радикална партија. Јаша Томиќ е историска личност, меѓу другото познат по тоа што учествувал во присоединувањето на Војводина кон Србија, односно кон Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Бил и истакнат антисемит.

Во борбата помеѓу „ослободителите“ и „поразените“, која ја создава Законот за воени меморијали, исчезнува сеќавањето на цивилните жртви во војните. Обележувањето на местата на злосторства (Хртковци, Кукујевци), местата на заробеништво (Стајиќево, Бегејци), масовните гробници (Рудница, Петрово Село, Перуќац, Батајница), просторите на кои е вршена тортура (Шљивовица, Митрово Поле) и убиствата кои се извршени на територијата на Србија со овој Закон станува нелегално, затоа што навлегуваат во „губењето на суверенитетот, територијалниот интегритет, целокупноста и независноста и слободата на Република Србија“.

Ако ваков Закон е на сила, се поставува прашањето кој ќе се осмели да поднесе иницијатива или сам да инсталира споменик за повеќе од 700 леша на косовски Албанци и Албанки, кои две години се криеја во Батајница во име на државните интереси?

Нема споменици, нема ни злосторства, да го парафразирам записот на Обрад Стевановиќ, полицискиот генерал кој учествуваше во операцијата на криење на телата од Косово.

Иако пројдоа девет месеци од стапување на Законот на сила, и натаму не постојат информации за рушење на споменатите споменици, ниту за забрани за постојните иницијативи за нови споменици. Исто така, не постојат јавно достапни евиденции кои надлежното Министерство требаше да и ги достави на јавноста до крајот на минатата година, заедно со информациите од локалните самоуправи: евиденции на бројот и состојбата на воените споменици, како и амбициозната идеја да се утврди евиденција на жртвите во „ослободителните војни“ од 1912 до 1999 година. Законот е практично неактивен, но, како и другите правни механизми во замрзнатата држава, се активираат само по потреба и по налог на моќните.

Марко Милосављевиќ е политиколог и програмски асистент на Иницијативата на младите за човекови права во Белград. Во Иницијативата е од 2016 година и работи на образовни и застапувачки програми со фокус на соочување со минатото. Еден е од авторите и уредник на Публикацијата „Косовска хронологија (1974-2017)“. Исто така, тој е еден од авторите на подкастот „Два и пол аналитичари“.

Photo : Hrvoj Polan