„Мислете и на нас госпоѓо“: „Мис Стон“ и колективната само-претстава

Според една стара теза на германскиот поет Рилке „Убавината е последниот вел со кој се покрива Ужасот“. Можеби оваа теза можеме да ја аплицираме врз развојот на македонската кинематографија, замислувајќи дека темите танцуваат на жица, на која  најчесто, на едниот крај стои патосот на глорификацијата на минатото како барокно наконтена Убавина, а на другиот крај стои транзицискиот јад, маргинализираноста и неуспешната модернизација како експлицитен Ужас. Сепак, одлучувам во овој блог да пристапам на мојата тема отаде длабокоумноста на Рилке, наивно и без академска истанченост. Тоа можеби е добар пристап ако некој сака да погледне во периферијата и маргината, а истовремено да биде свесен за сопствените привилегии. Целта на овој блог е да се анализираат мотивите на маргиналноста и периферијата во македонскиот филм како простори во кои се градат и рушат стеротипи за „Нас“ и за „Другиот“ и како овие мотиви влијаеле врз формирањето на „македнскиот поглед“ кон внатре и кон надвор, во различни филмски генерации. За таа цел блогот е поделен во два дела, следејќи хронолошка логика, според која развојот на современата македонската кинематографија е поделен на двe поголеми целини: правта целина се однесува на почетоците на институционално организирање на кинематографијата во државата, која започнува со етаблирањето на Комисијата за кинематографија на Македонија и првата продуцентска куќа „Вардар филм“ во 1947 година. Домашните филмски теоретичари тој период го нарекуваат и „Вториот почеток на македонскиот филм“, за да го одделат од раниот филмски свет на браќата Манаки и диверзитетот на филмови и автори од периодот помеѓу двете светски војни, и да го приближат до социјалистичкиот период; втората етапа се однесува на автори кои создаваат во новиот милениум и во период одбележан со транзицијата и предизвиците на независноста на државата по 1991 година. Од бурните 90-ти години во регионот, па сé до денес, пополека се дефинираат новите, храбри современи генерации на филмски автори, особено во последната декада.

 „Мислете и на нас госпоѓо“: „Мис Стон“ и колективната само-претстава

„Мислете и на нас Катерино, знам дека ви беше тешко со нас, но понекогаш мислете и на нас.“ – Крсто Асенов кон Катерина Цилка („Мис Стон“, Вардар филм, 1958)

Словенечкиот културолог Митја Великоња има една интересна теза, која целосно го преиспитува европскиот концепт за негативната исклучивост (negative exceptionalism) на Балканот. Користејќи историски споредби, тој покажува како Балканот во XXI век станал трагична авангарда на Европа. Балканот поминал низ настани и процеси кои дури сега се случуваат во Европа, како на пример подигнување нови ѕидови и поставување нови граници, сепаратизам, етнички шовинизам, исламофобија, бегалски кризи, судири на цивилизации и културни војни, одлив на мозоци, деструктивен финансиски капитализам итн. Тој уште додава дека дури и Европските „фантазии за спас“ денес, се слични на Балканските фантазии за спас од пред триесет години (Velikonja 2020). Словенечкиот филозоф Славој Жижек дава едно интересно објаснување за постоењето и функционирањето на дихотомијата Европа – Балкан. Во една негова изјава, тој иронично забележува дека Балканот е структуриран како „несвесното на Европа“ („das Unbewusste Europas“), каде Европа ги складира негативните и примитивни карактеристики, па така луѓето на Балканот најчесто се заробени во своите стари соништа и не можат да се соочат со модерната реалност – всушност, тие се „фатени“ во европските соништа. Според Жижек, тоа станува експлицитно видливо во балканската кинематографија, каде преовладуваат теми со фолклористички есенцијализам, наместо сензибилитет за припадност на балканската ексцентричност во глобалниот, универзален контекст (Žižek 2008). 

Во фокусот на истражување на светски истакнатата теоретичарка на филмот Дина Јорданова, се токму поимите на центарот и маргината во склоп на филмската уметност. Јорданова опишува како настанува и функционира еден феномен препознатлив во балканското културно и медиумско претставување, кој таа го нарекува „имитирање на стереотипите“ или „самонаметната егзотичност“. Причината за засилувањето на експлоатацијата на овој феномен на филмското платно, таа ја трасира во воените конфликти за време на распадот на Југославија, кога Балканот повторно стана централна точка на Европскиот потсвесен имагинариум, a медиумите и филмската уметност завзедоа водечка, но двосмислена улога во селектирањето на дефиниран ранг на визуелни наративи за културно претставување на Балканот. Како експлицитни примери од филмската уметност каде се јавува овој феномен таа ги наведува „Пред дождот“ (Милчо Манчевски, 1994), „Подземје“ (Емир Кустурица, 1995), „Убавите села, убаво горат“ (Срѓан Драгојевиќ, 1996) и сл. (Iordanova 2001)

Имајќи ги на ум овие сознанија, овде ме интересира како може да се оди отаде (beyond) визуелната нарација за да се адресираат некои грижи за себе-претставувањето (self-representation) и меѓукултурното претставување (cross-cultural representation), конкретно во случај од македонската кинематографија. Зарем има подобра студија на случај од филмот „Мис Стон“ (1958)? Можеби многумина ќе се зачудат од мојот избор, но јас сметам дека изборот е оправдан. Македонскиот и светски драмски писател Горан Стефановски во една изјава од 1990 година, дадена за време на сипозиум посветен на токму на овој филм забележал: „„Мис Стон“ е филм од мојата најдлабока потсвест. Се испоставува денес дека тоа не е само мој индивидуален случај, туку дека е дел од една колективна потсвест која овој собир се обидува да ја освести.“ (Кинотека на Македонија 2018). Според филмологот Виктор Ангелов „Мис Стон“ е нашиот „Војна на ѕвездите“. Парадигма на борбата помеѓу доброто и злото.“ (Ibid.) Филмолозите од националната Кинотека ќе забележат дека „Мис Стон“ бил меѓу „најскапите и најамбициозните југословенски продукции, прв македонски филм во колор и тоталскоп техника – како што тогаш ги снимаа костимираните историски епопеи.“ (Ibid.) Иако одамна поминале деновите на популарност на филмот и денеска само повремено се прикажува на телевизиските програми за време на одбележување на национални празници или историски настани, не можам да не ги земам во предвид податоците од одделението за продажба и пласирање филмови при „Вардар филм“, кое располага со бројката од 1.687.691 продадени карти низ цела Југославија за време на кино прикажувањата (Ibid.) – доказ за значителна популарност и влијание на филмот врз публиката.

Филмот е инспириран од настан што се случил во 1901 година, кога четата на Јане Сандански ја грабнува американската и протестантска мисионерка Елен Стоун, со цел да изнуди откуп и со тие пари да го финансира востанието и борбата за независна Македонија. Дејството се одигрува помеѓу предводникот на четата Јане Сандански (Илија Милчин), комитата Крсто Асенов (Драган Оцокољиќ), посветената и храбра мисионерка Мис Елен Стон (Олга Спиридоновиќ), бремената придружничка и млада интелектуалка Катерина Цилка (Марија Тоциноски) и остроумниот и итар народен гениј Мандана (Петре Прличко). Интересен факт е што за време на снимањето на масовните воени сцени била повикана на помош Југословенската народна армија (ЈНА), да испрати еден батаљон војска како статисти за турскиот аскер.    

            Дозволете ми да забележам неколку историски факти. Киднапирањето на Мис Стон е всушност првото киднапирање на американски граѓанин/-ка заради политички причини: „За САД тоа било првата заложничка криза во странство и соодветно висок бил публицитетот, посебно затоа што биле инволвирани жени и настанот се одвивал во еден малку познат, зафрлен регион на Европа. (…) Широката јавност во Европа и во САД, која за Балканот имала само неодредени претстави, за прв пат доживеала опширно и континуирано да биде известувана за овој крај во текот на еден подолг период. Следствено, сликата што ја пренесувал печатот имала темелен карактер. Таа, како прво, покажувала еден туѓ, заостанат и див регион: во природниот пејзаж на илустрациите доминирале длабоки клисури и брзи потоци, изгледало дека немало патишта или тие биле претставени како мочуриште во кое пропаѓа кола влечена од бивол, додека грабнувачите, во егзотична носија, биле претставени како мрачни фигури“ (Бошковска 2011, 123). Веста одекнала низ Европа и САД и новинарите направиле медиумска сензација. Интересно е дека речникот кој на почетокот се употребувал во американскиот дневен печат бил исполнет со зборови како  „багабонти“ и „дивјаци“. Но, по завршувањето на аферата и пуштањето на заложничките на 23 февруари 1902 година, Елен Стон давала интервјуа за новинарите во кои ја поддржала каузата на комитите и изградила поинаква слика за нив, како интелектуално еманципирани и добродушни луѓе, а американскиот печат започнал да ги опишува како „борци за слобода на турската провинција“. Всушност Елен Стон по враќањето во САД го комерцијаризирала своето искуство, објавила мемоар, држела платени предавања, а ексклузивното прво интервју со неа еден американски весник го чинело 5.000 долари (Ibid). Зарем не можеме овие информации да ги поврземе со тезата на Великоња од погоре за Балканот како (трагична) авангарда?

Но, да се вратиме на филмот. Шокантниот медиумски потенцијал на историскиот настан со Мис Стон ги поставил темелите на стереотипната слика за Балканот. Неговиот главен аспект – „западниот поглед“ (the western gaze) врз поимањето на дихотомијата центар – периферија, суптилно се пренесува и е значаен фактор во формирањето на „македонскиот поглед“ или колективната само-претстава преку филмот „Мис Стон“. Доказ за ова може да најдеме во процесот на разработка на идејата и снимањето на филмот. Од една страна, при разработката на сценариото, кај македонскиот тим постоел голем интерес за екранизирање на теми од историското минато. Истовремено, културната политика на повоена Југославија го поддржувала и промовирала културниот идентитет на секоја националност во рамките на новата држава. Сценариото го изработиле Ѓорѓи Абаџиев, Трајче Попов и Илија Милчин кои се фокусирале на историскиот настан. Но, од друга страна, режисерот Живорад Жика Митровиќ, се фокусирал на дихотомијата Исток – Запад изразена низ ликовите на Манданата и Мис Стон. Во една прилика режисерот изјавил: „Иако станува збор за едно киднапирање, филмот „Мис Стон“ е приказна за две лица кои на дијаметрално спротивни начини го трансцедентираат битието на човековата егзистенција. Тоа е приказна за Мис Стон, американска мисионерка, и за Манданта, македонски востаник (…) тој однос е судир на правците на перцепирање на стварноста“. (Кинотека на Македонија 2018)

Во ликот на Манданата е претставен македонскиот, анонимен народен гениј, некаква балканска верзија на Санчо Панса. Денес неправедно е заборавена од страна на публиката репликата помеѓу Манданата и Цилка, која е израз на народната снаодливост на човек кој знае да преживува во османлиска провниција: „Но ние друго те прашуваме.“ (Цилка) – „И јас друго ти одговарам.“ (Мандана) Доколку Мис Стон е book smart, Манданата е street smart. Тој успева да ја натпее и надмудри, а со тоа и да ја воодушеви американската мисионерка. Манданата е некој кој знае да комуницира со јазикот на планината и дивината. Тој всушност ја симболизира природата и принципите на телото и преживувањето, додека Мис Стон го симболизира разумот и култивираниот ум кој е воден од дијаметрално спротивни принципи – на проповедањето и преговарањето. Манданата на крајот умира херојски во обид да ја спаси Мис Стон од османслиски војник, симболизирајќи ја жртвата која ја прават „малите народи“ низ историјата. Токму по чинот на жртвување на Манданата, Мис Стон се согласува самата да го напише писмото за откуп до своите сонародници со кое ќе ја откупи својата слобода. На самиот крај на филмот веќе експлицитно дознаваме дека Мис Стон е симбол за „меѓународната заедница“: пред да се разделат со комитите, Крсто им се обраќа на жените со зборовите „Мислете и на нас Катерино, знам дека ви беше тешко со нас, но понекогаш мислете и на нас.“

Во поширока смисла, „Мис Стон“ и самото создавање на филмот може да ги читаме како колективно барање на глас, за да се раскажува сопствената приказна и со тоа да се стекне дејствителност (agency) за да се замени маргиналната позиција со некоја универзална позиција. Сметам дека филмовите од првата етапа на институционализираната македонска кинематографија го постигнуваат тоа, иако на преден план најчесто била целта да се создава филмска публика и „македонски поглед“ (само-претстава) свртени кон колективното минато.

Референци:

Iordanova, Dina. 2001. “Cinema of Flames: Balkan Film, Culture, and the Media”. London: British Film Institute

Velikonja, Mitja. 2020. “The Balkans: Tragic Avant-Garde of Europe”. Online Lecture for Yale Macmillan center, Chair for European Studies. Accessed on 01.10.2020 https://europeanstudies.macmillan.yale.edu/balkans-tragic-avant-garde-europe

Žižek, Slavoj. 2008. “Euronews talks films and Balkans with Slavoj Žižek”. Available online: http://www.euronews.net/2008/09/12/euronews-talks-films-and-balkans-with-slavoj-zizek/ Accessed on 01.10.2020

Бошковска, Нада. 2011. „Грабнувањето на Мис Стон како медиумски настан“. Гласник 55, бр. 1-2. Скопје: Институт за национална историја, 119–130. Достапно онлајн: http://www.ini.ukim.mk/naslovna/Glasnik_55_Celosen.pdf  Пристапено на 01.10.2020

Кинотека на Македонија. 2018. „60 година „Мис Стон“: Помеѓу Елен и Автономија“. Останати автори: Виктор Ангелов, Александра Младеновиќ. Скопје: Кинотека на Република Македонија

Извор на фотографија: Кинотека на Македонија, https://kinoteka.mk/%d0%bc%d0%b8%d1%81-%d1%81%d1%82%d0%be%d0%bd/

Ивана Хаџиевска е родена во Битола во 1995 година. Таа е историчарка и работи како независен истражувач во областа на хуманистичките науки и едукацијата. Нејзини полиња на научен интерес се социјалната историја на Балканот, историјата на жените и политиките на меморија. Активна е на повеќе проекти кои ги поврзуваат неформалното образование и локалниот активизам. Линк до досегашните публикации: https://ukim-mk.academia.edu/IvanaHadjievska