Период на меко и недоволно соочување со проблематичното комунистичко минато

Втор период (1998 – 2006 година)

    Промената на власт во 1998 година и доаѓањето на власт на ВМРО – ДПМНЕ и Љубчо Георгиевски придонесе за определени чекори во поглед на соочувањето со комунистичкото минато во Македонија. Под раководство на оваа влада, македонското општество во 1998 година започна со спроведување на реституција на одземениот имот за време на комунистичкиот режим (Закон за денационализација), отворање на архивите на претходната комунистичка тајна полиција УДБА/СДБ (Законот за постапување со досиеја за лица водени од Службата за државна безбедност – 2000 година), како и носење на посебен закон кој требаше да придонесе за определени процеси на рехабилитација и компензација на македонските жртви на комунистичкиот режим (Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства – 2002 година). 

    Сепак, се чини дека кон имплементирањето на ваквите чекори се пристапи премеко. Единствено Законот за денационализација придонесе кон посистемско и потемелно исправање на определени неправди сторени за време на комунистичкиот режим, но и овој процес беше обележан со бавност, некомпетентност и корумпираност. Дури и денес, 20 години по носењето на Законот за денационализација, во Македонија постојат граѓани, кои се уште се наоѓаат во правен лавиринт и не можат да си го вратат одземениот имот или, пак, да добијат надомест доколку таквото враќање е невозможно. За разлика од Законот за денационализација, отворањето на архивите на комунистичката тајна полиција УДБА/СДБ во Македонија беше имплементирано многу лимитирано и во поглед на тоа кој може да пристапи до овие архиви (единствено жртвите, или, пак, членови на нивното семејство), и во поглед на тоа до кои податоци од овие архиви може да се пристапи (единствено до податоци од индивидуалното досие водено за конкретната жртва), но и во поглед на временскиот рок во кој можеше да се изврши ваквиот увид (во рок од една година од стапувањето на сила на овој Закон). Доколку направиме споредба со отворањето на архивите на тајните комунистички полиции во други пост-комунистички држави тогаш лесно ќе може да дојдеме до заклучок дека Македонија го поседуваше веројатно еден од најригидните системи на отворање на архивите на комунистичката тајна полиција. Дополнително, процесот на отворање на архивите на комунистичката тајна полиција УДБА/СДБ беше следен и со скандали околу понатамошното чување на податоците од овие архиви. Така, македонското општество и денес нема информации колку македонски граѓани извршиле увид во архивите на УДБА/СДБ, но многу поважно, македонското општество нема податок дали и колку податоци од овие архиви по законски предвидениот рок биле уништени бидејќи Законот за постапување со досиеја за лица водени од Службата за државна безбедност предвидуваше дека досиејата кои не содржат историска, научна или културна вредност треба да бидат уништени. Ваквите податоци отвораат сомнежи околу вистинската цел на процесот на отворање на архивите на комунистичката тајна полиција УДБА/СДБ. 

    Кон ваквото спроведување на Законот за денационализација и Законот за постапување со досиеја за лица водени од Службата за државна безбедност може да додадаме дека беа скромни и придобивките од Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства. Ваквиот закон во македонското општество не ја отвори можноста за правна рехабилитација на македонските жртви на комунистичкиот режим туку придонесе кон определени права кои ваквите жртви во најголем дел веќе ги уживаа преку Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Исто така, Уставниот суд во 2002 година донесе одлука со која на македонските жртви на комунистичкиот режим им го укина правото на еднократен паричен надоместок за секој месец поминат на издржување казна затвор или интернација што претставуваше дополнително стеснување на правата предвидени во Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства. Кон ваквата активност на владата на Љубчо Герогиевски (1998 – 2002 година), во 2006 година под водство на парламентарното мнозинство водено од СДСМ беше додадена и Декларацијата за извинување на жртвите на режимот од 1945 до 1990 година. Станува збор за класичен тип на симболична репарација со која СДСМ како директен наследник на СКМ сакаше да покаже признавање на сторените неправди за време на југословенскиот комунистички режим. Сепак, се чини дека сите овие механизми на транзиционата правда во македонското општество превземени од 1998 до 2006 година дојдоа задоцнето и беа обележани со премеко применување. Поради тоа ваквите механизми не придонесоа до вистинско соочување со комунистичкото минато во Македонија.

Марко Кртолица работи како доцент на Катедрата за уставно право и политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје.  Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на политички студии. По дипломирањето се запишал на магистерските студии по Европски интеграции и регионализам организирани од Универзитетот Карл Франценс во Грац и Автономниот универзитет од Барселона. Своите магистерски студии ги завршил во 2010 година и со тоа станал магистер по европски студии. Во текот на 2012 година, Марко Кртолица се запишал на докторските студии по политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје. Докторирал во 2019 година на тема: ,,Транзиционата правда и нејзината примена во соочувањето со комунистичкото минато во Европа”.