Злоупотреба на соочувањето со проблематичното комунистичко минато за политичко-партиски поени, одмазда и реваншизам

Трет период (2006 – 2017 година)

    Отсуството на вистинско соочување со комунистичкото минато во првиот и вториот период ја постави сцената процесот на соочување со комунистичко минато во Македонија да се трансформира во алатка за одмазда и политичко-партиски цели. Имено, победата на ВМРО – ДПМНЕ на парламентарните избори во 2006 година во Македонија беше следена и со поинтензивно дебатирање околу потребата од лустрирање на македонското општество. Така, во 2008 година под палката на владата на ВМРО – ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, во Македонија започна да се имплементира процесот на лустрација. Со тоа, во македонското општество игнорирањето или, пак, мекото соочување со комунистичкото минато беше заменето со негово радикално лустрирање. Брзо стана јасно дека радикалното лустрирање на македонското општество треба повеќе да служи за одмазда, пресметка со политички неистомисленици и политичко-партиски цели отколку за заштита и промоција на демократски вредности во Македонија. Слободно може да заклучиме дека Македонија го имаше еден од најлошите процеси на лустрација во пост-комунистичкиот свет во Европа. Имплементирана со временско задоцнување од 17 години, македонскиот модел на лустрација во најголем дел беше спротивен на основните меѓународни стандарди за спроведување на процес на лустрација. Така, во Македонија процесот на лустрација се протегаше и на активности сторени во пост-комунистичкиот период (односно за период по 1991 година) и преку тоа придонесуваше кон креирање на алтернативен правен систем. Дополнително, спротивно на сите укажувања македонскиот модел на лустрација предвидуваше лустрирање на позиции и во приватниот и во полуприватниот сектор. Таквиот начин на лустрирање ја отвори вратата за дополнително влијание на државата врз приватниот и полуприватниот сектор. Всушност стануваше збор за сеопшто лустрирање на македонското општество. Состојба која е спротивна на сите меѓународни препораки бидејќи според меѓународните стандарди процесите на лустрација треба да се однесуваат единствено на позициите, кои имаат најголема можност за влијание врз демократски текови во едно општество. Јасно е дека позиции во приватен и полуприватен сектор немаат можност за такво влијание. Исто така, треба да имаме во предвид дека македонскиот модел на лустрација преку обврската имињата и презимињата на лустрираните индивидуи да бидат објавувани во јавност придонесуваше за јавно жигосување и дискредитирање. Кон таквото жигосување и дискредитирање придонесуваше и решението имињата и презимињата на лустрираните индивидуи да бидат објавувани во јавност и пред таквата одлука на лустраторите да биде потврдена од страна на суд. Посебно треба да имаме во предвид дека македонската лустрација се претвори во целосна пародија кога во законите за лустрација се предвиде и лустрирање на поранешни носители на јавни функции и позиции, па дури лустрирање и на починати луѓе. Ако транзиционоправната литература говори дека целта на лустрацијата треба да биде заштита на демократијата од носители на јавни функции, кои имаат сериозна можност да влијаат врз демократските процеси во една држава тогаш се поставува прашањето како луѓе кои не се носители на јавна функција (и најчесто се во пензија) или, пак, не се меѓу живите, можеа да влијаат на идните демократски процеси во Република Македонија. Сепак, македонските политички елити водени од ВМРО – ДПМНЕ и Никола Груевски за идните демократски процеси во Македонија се плашеа токму од починатите лица и поранешните носители на јавни функции и позиции. Податоците говорат дека во Македонија од лустрираните 199 лица дури 76 беа починати лица, а 177 од нив беа поранешни носители на јавни функции. Тоа значи дека во Македонија само 22 од 199 лустрирани лица беа актуелни (14 лица) или, пак, кандидати (8 лица) за носители на јавни функции и позиции. Кога на овие податоци ќе го додадеме податокот дека во македонскиот случај лустрирани беа интелектуалци, писатели, новинари, професори, судии и други луѓе кои не беа по волја на власта, го добиваме целиот впечаток за скандалозно спроведената лустрација во македонското општество. Како таков, процесот на лустрација во Македонија предизвика многу поделби, омраза и политичка криза. Затоа, на крајот лустрацијата во македонското општество заврши преку партиски и политички договор меѓу власта и опозицијата. Така, прекинувањето на процесот на лустрација во Македонија настапи како последица на решавање на политичка криза во 2015 година, 4 години порано од првично законски предвиденото. Со тоа, еден од најконтроверзните процеси во Македонија замина во историја, иако треба да имаме во предвид дека како последица на процесот на лустрација определени индивидуи во Македонија нема да можат да вршат јавни функции и позиции до средината на 2020 година. 

    Желбата за злоупотреба на минатото кај владеачките елити предводени од ВМРО – ДПМНЕ и Никола Груевски (2006 – 2017 година) не беше поврзана само со процесот на лустрација. Имено, под палка на оваа влада во Македонија беше започнато со поставување на споменици и преименување на голем број улици по жртвите на југословенскиот комунистички режим. Така, во периодот на владењето на ВМРО – ДПМНЕ и Никола Груевски свој споменик на главниот плоштад во Скопје доби Методија Андонов Ченто, а свои споменици добија и Павел Шатев, Неџет Аголи, како и Првото заседание на АСНОМ. Во овој период, исто така, следуваше и преименување на голем број улици по жртвите на југословенскиот комунистички режим. Дополнително, во овој период Македонија доби и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим. Вака дефинирано, транзиционоправната литература би го поздравила ваквиот чекор. Одавањето на почит, како и признавањето и прифаќањето на болката на жртвите е многу важен дел во транзиционоправната наука. Во таа насока, поставувањето на вакви споменици, преименувањето на улици по жртви на југословенскиот комунистички режим, како и формирањето на Музеј на жртвите на комунистичкиот режим требаше позитивно да придонесе кон процесот на соочување со комунистичкото минато. Сепак, во македонското општество тоа не се случи. Сите овие активности беа дел од контроверзниот проект ,,Скопје 2014”. Проект, кој беше нетранспарентно креиран без дебата со граѓани и експерти, а притоа неговото спроведување беше следено со корупциски скандали и трошење на фамозни 683 милиони евра за него, како и целосно менување на ликот на централниот градски простор во Скопје преку креирање на зданија во неокласичен, необарокен и неоромантичен стил. Се чини дека судбината на жртвите на комунистичкиот режим во овој случај беше злоупотребeна за финансиски малверзации, криминали и политичко-партиски цели. Таквите политичко-партиски цели може да ги согледаме и во Музејот на жртвите на комунистичкиот режим. Креиран како дел од Музејот на македонската борба за сувереност и независност, овој музеј повеќе наликува на туристичка атракција (бидејќи претежно се содржи од восочни фигури и слики, а не од автентички историски документи и експонати) отколку на едукативна институција, која носи одговорност за претставување на аналитички и фактички поддржани информации. Притоа треба да напомене дека во рамките на Музејот на македонската борба за сувереност и независност покрај Музејот на жртвите на комунистичкиот режим постои и Музеј на ВМРО. Ваквиот Музеј на ВМРО при презентирањето на историјата на организацијата ВМРО, всушност, ја глорификува тогашната владејачка партија ВМРО – ДПМНЕ. Така во една иста зграда постои музеј кој всушност ја глорификува политичката партија ВМРО – ДПМНЕ и Музеј кој комунистичкиот режим, но и политичката партија СДСМ која е наследник на комунистичката партија, ги прикажува како предавник на македонскиот народ и нација. Таквото црно-бело прикажување на македонската историја апсолутно не придонесува кон соочување со комунистичкото минато туку кон политичко-партиските цели. Ваквото злоупотребување на процесот на соочување со комунистичкото минато, како и други политички настани доведуваа постојано до кризи на македонската политичка сцена, кои на крајот резултираа ВМРО – ДПМНЕ во 2017 година да ја загуби власта во Македонија. Со тоа, уште една етапа (период) од соочувањето со комунистичкото минато во Македонија беше затворена.  

    Во таа насока, може да заклучиме дека целиот период по 1991 година во Македонија во поглед на соочувањето со комунистичкото минато може да го поделиме на три големи периоди. Првиот период започнува од 1991 година и трае се до 1998 година. Вториот период започнува од 1998 година (Законот за денационализација) и завршува во 2006 година. Третиот период започнува во 2006 година со доаѓањето на власт на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и трае до 2017 година, односно до падот од власт на ВМРО – ДПМНЕ. Низ основен преглед на овие три периоди слободно може да заклучиме дека пристапот на македонските политички елити во сите три периоди беше погрешен. Во првиот и вториот период кога потребата за соочување со комунистичкото минато во Македонија беше најголема (посебно во првиот период) политичките елити или ја игнорираа таквата потреба (првиот период) или, пак, пристапија премногу меко и недоволно во таквото имплементирање (вториот период). Во третиот период, пак, соочувањето со комунистичкото минато дојде презадоцнето, носејќи багаж дека е само лов на вештерки, алатка за одмазда, која треба да придонесе за политичко-партиските интереси на владеачките политички партии и да доведе до маргинализација и дискредитирање на политичките неистомисленици. Токму ова е периодот во кој дојде до злоупотреба на процесот на соочување со комунистичкото минато. Со крајот на третиот период всушност и се заокружува целата досегашна македонска приказна за процесот на соочување со комунистичкото минато. Како таква, без никаква дилема слободно може да кажеме дека соочувањето со комунистичкото минато во Македонија е уште една неуспешна приказна од македонската независност и демократија.

Марко Кртолица работи како доцент на Катедрата за уставно право и политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје.  Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на политички студии. По дипломирањето се запишал на магистерските студии по Европски интеграции и регионализам организирани од Универзитетот Карл Франценс во Грац и Автономниот универзитет од Барселона. Своите магистерски студии ги завршил во 2010 година и со тоа станал магистер по европски студии. Во текот на 2012 година, Марко Кртолица се запишал на докторските студии по политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје. Докторирал во 2019 година на тема: ,,Транзиционата правда и нејзината примена во соочувањето со комунистичкото минато во Европа”.