Перспективата во минатото

Ако живеете на Балканот, во неколку наврати – ако имате среќа, и во многу, ако немате толку среќа, станувате свесни дека во овој дел од светот луѓето имаат многу чудни ставови за концептот на почит кон жената. Tаа особеност, онаму каде што јас ја посочувам, се согледува во фактот што концептот како да се движи наназад, а заедно со него се движи и она што е апсолвирано како фактичка и неотуѓива позиција.

Хронолошки гледано, поголемиот дел од Балканот во одреден момент бил пред своето време во однос на правата на жените и нивната севкупна положба во општеството, во споредба со некои западни демократии, и не само во тоа време, туку дури и во современите дебати. Првите пишани документи кои го забележуваат и потврдуваат учеството на жените датираат од периодот на богомилството, коешто се јавува како реакција на општественото раслојување кое се појавува поради воведувањето на феудализмот и поддршката на властодршците од страна на официјалната христијанска црква помеѓу 9-тиот и 10-тиот век.

Посериозно вклучување на жените во политичката сфера е забележано со формирањето на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ, 1919) и првото феминистичко движење – Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ, 1942 година). Во 1946 година, жените од балканските земји, во тоа време потпомогнати од Социјалистичка Република Југославија, се стекнаа со правото на глас и правото да се кандидираат како кандидати на политичките избори. Во првите неколку децении тие останаа во сенките на политичкиот живот, но со формално и законски признати права. Значајното вклучување на жените во антифашистичката борба одигра клучна улога во релативно раното препознавање на потребата и доделување на еднакви права во поранешна Југославија.

Покрај тоа, во поранешна Југославија постоеја центри за деца и стари лица, што им даде можност на жените да бидат повидливи и во други улоги надвор од улогите на мајки и домаќинки. Овие центри обезбедија клучна поддршка за мајките кои одеа на работа и кои можеа да се потпрат на тоа дека нивните деца ќе бидат добро згрижени додека тие работат на својата кариера. Понатаму, жените имаа право на породилно отсуство, кое гарантираше сигурност на работното место по враќањето на работа. Ова го олесни балансот помеѓу работата и животот, што им овозможи на жените да постигнат повеќе отколку што би можеле без такви структури за поддршка.

Пишаните документи сугерираат дека во домашни или во болничките услови, абортусот им бил достапен на жените на Балканот уште во 19 век. Дека абортусот постоел како практика во болниците во градот Белград на крајот на деветнаесеттиот век, укажуваат и болничките фактури за абортуси од 1858 година, додека други архивирани документи сугерираат дека лекарите уште во 1935 година правеле напори процедурата за вршење абортус да ја извадат од сивата зона и експлицитно да ја декриминализираат. Гледајќи наназад на ова, кога човек е прилично запознаен со случувањата во оваа област денес, реалноста го возвраќа ударот како болен потсетник дека жените можеби никогаш нема да можат само да се опуштат и да претпостават дека можат да сметаат на одредено право како на завршена работа.

Формите на женски здруженија кои се засноваат врз заеднички интереси датираат уште од пред 1918 година; постоеја женски хуманитарни, верски, образовни и професионални организации во сите земји, со различни поделби врз основа на религија и националност. Доколку некои од тие организации содржеле феминистички идеи, тие останувале во втор план или биле целосно игнорирани. Без оглед на негрижата на современите феминистички елементи во ваквото здружување, тие биле присутни буквално повеќе од еден век. Сепак, јавниот дискурс во 2023 година често е преполн со наративи и приказни дека женските здруженија од секаков вид се неоргански производи под влијание на западните идеологии, кои се деструктивни за автохтоните идеи и вредности на нашата/нашите земја/земји.

Иронично е тоа што движењата против родовата еднаквост на Балканот денес ја отфрлаат идејата за рамнотежа помеѓу работата и животот и наместо тоа ги промовираат традиционалните родови улоги. Тие тврдат дека жените треба да им дадат приоритет на нивните должности како сопруги и мајки пред нивните кариери и лични цели. Овие движења често ги користат религијата и национализмот како основа за нивните аргументи и ги критикуваат сите обиди за промовирање на родовата еднаквост како напад врз традиционалните вредности. Оваа реакција против родовата еднаквост доведе до зголемена дискриминација и насилство врз жените во некои делови на Балканот.

И покрај напредокот постигнат во минатото, современите движења против родовата еднаквост се закануваат да ги поништат достигнувањата на правата на жените на Балканот. Овие движења тврдат дека родовата еднаквост и ЛГБТК+ правата се странски концепти кои ги поткопуваат традиционалните семејни вредности и се дел од заговорот на Западот за поткопување на културата и идентитетот на регионот.

Клучниот предизвик за да се остане отпорен на ретроградните поместувања предизвикани од горенаведените движења е да се надоврзе на темелите поставени од претходните генерации и да се продолжи со залагањата за родова еднаквост. Ова вклучува гарантиран пристап на жените  до образование и обука што ќе им овозможи да преземат лидерски улоги и воспоставени политики за промовирање на рамнотежа помеѓу работата и животот, вклучително и прифатлива и достапна грижа за децата и за старите лица.

За да се постигне ова, исто така е неопходно и справување со реториката против родовата еднаквост којашто преовладува, и тоа преку едукација и кампањи за подигање на свеста. Ова може да вклучи истакнување на достигнувањата на жените во минатото, како и нагласување на позитивните влијанија што родовата еднаквост и ЛГБТК+ правата ги имаат врз општеството.

Гледајќи наназад и нанапред, она што се чини дека е деструктивна моќ е непознавањето, и што е уште полошо, решеноста за избор на бескрупулозната незаинтересираност за настаните од минатото, преку тврдењата дека сегашноста е вештачка реалност инсталирана од некој што сака да го уништи општеството. Иако реалноста е дека оние општества што ги знаеме – општества каде што најмногу се чувствуваме како дома, беа и се обликувани од жените и нивната постојана издржливост секој пат кога некоја повисока сила се обидувала да го намали просторот кој им следувал. Еднаквоста или ова што е најблиску до реалноста што ја имаме, во овој дел од светот е постигната со еднаквите напори на жените да придонесат во градењето на светот во кој сакаат да живеат.

Клучната задача за иднината ќе биде да се овозможи зајакнување на кревките и дифузни мрежни структури и да се постават цврсти темели за движење со соодветни институционални механизми на национално и на регионално ниво, кои се потпираат на темелите поставени долго пред нас и да се продолжи нивното надградување со свежи идеи и капацитети кои не им беа достапни на генерациите пред нас. Оваа можност е тесно условена од инфраструктурата на граѓанското општество и донаторските заедници кои работат низ целиот регион.

Со сето ова кажано погоре, ќе се обидам да ја доловам суштината со тоа што ќе кажам дека перспективата е минато. Да се ​​види, да се научи, да се прилагоди, да се приспособи во моменталниот контекст и повторно да се примени, а притоа да се градат сојузи засновани на заеднички вредности, без оглед на тоа колку невообичаени ни се чинат самите сојузници.

Симона Младеновска е магистер по нови медиуми и социјални мрежи од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања – Скопје, и диплома по Политички науки. Нејзиниот ангажман со BCSDN започнува во април 2021 година, кога се приклучува како практикант кој работи на ажурирањата на истражувањето на CIVICUS Monitor, по што го продолжува ангажманот како Службеник за комуникации и информации во Извршната канцеларија од септември 2021 година. Таа е ангажирана, професионално и доброволно, во повеќе граѓански организации во земјата како што се Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, Евротинк и Националниот младински совет на Македонија. Таа има долгогодишно искуство во управување со проекти и настани, истражување и комуникации. Нејзините интереси ги прошируваат областите на комуникациите, истражувањата поврзани со комуникациите, младинските прашања. и граѓански движења.