Политиките за проширување на Европската Унија и транзициската правда во Косово

Антон Вукпалај

доцент доктор по политички науки на

Универзитетот во Приштина

Политиката на проширување на Европската Унија кон Западен Балкан многу рано го вметна помирувањето помеѓу поранешните непријатели како услов за земјите кандидати да влезат во Унијата. На Самитот во Загреб во 2000 година беше нагласено помирувањето заедно со консолидацијата на демократијата и регионалната соработка. На Самитот во Солун во 2003 година, кој ја потврди европската иднина на земјите од Западен Балкан, механизмите за транзициска правда беа додадени на Процесот за стабилизација и асоцијација (ПСА). Овој процес резултираше со Договори за стабилизација и асоцијација (ДСА). Последната земја што  потпиша ДСА со ЕУ беше Косово, во 2015 година. Берлинскиот процес беше воспоставен во 2014 година, наведувајќи дека земјите од Западен Балкан треба да направат „дополнителен реален напредок во реформскиот процес, во решавањето на отворените билатерални и внатрешни прашања, како и во постигнувањето на помирување во самите општества и помеѓу општествата во регионот“.[1] Стратегијата на ЕУ за проширување на Западен Балкан од 2018 година е најсериозната стратегија на ЕУ за транзициската правда. Таа потврдува дека процесот на транзициска правда во Западен Балкан е нецелосен и дека помирувањето не може да се наметне однадвор. Во неа се наведува дека локалните политички лидери треба да ја преземат сопственоста врз процесот и да го водат преку пример. Елитите од Западен Балкан се поканети да ги остават зад себе провокативните изјави за конфликти и етничко-националистички дискурси и дека „во ЕУ нема место за потпалувачка реторика, а најмалку за глорификација на воените злосторници од која било страна“.[2]

Општата цел на политиките за проширување на ЕУ во земјите од Западен Балкан беше да се создадат неопходни услови за градење на политички и економски капацитети, како и капацитети за спроведување на законот. Во однос на транзициската правда и помирувањето, ЕУ го фаворизираше пристапот од горе кон долу, фокусирајќи се првенствено на институционално ниво, без значајна поддршка на механизмите за транзициска правда од долу кон горе. Ограничената стратегија на ЕУ од долу кон горе се состоеше од финансирање на некои граѓански организации фокусирани на истрагите за воени злосторства, злоупотреби во минатото и самите воени злосторства. Како и да е, ангажманот на ЕУ со актерите на граѓанското општество во процесот на проширување „беше попречен поради нејзиниот прилично ограничен фокус на технократските процедури […] голем дел од доброто што ЕУ можеше да го направи за изградба на граѓанското општество во регионот е изгубено, бидејќи вниманието беше фокусирано премногу на елитите“.[3] ЕУ ја поддржа регионалната комисија за вистината, позната како РЕКОМ, која беше иницирана во 2008 година, но не стана функционална поради недостаток на политичка поддршка.[4]

ЕУ постави услови за да ги поттикне земјите од Западен Балкан да соработуваат со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ). Поставените услови претставуваа предуслов за сите земји од Западен Балкан да напредуваат на нивниот пат кон интеграција во ЕУ. ЕУ изврши притисок врз Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина да ги предадат нивните осомничени за воени злосторства на Хашкиот трибунал. Косово го потпиша својот ДСА со ЕУ во октомври 2015 година, дури откако косовското Собрание гласаше за создавање на Специјализирани совети на Косово (ССК) во август истата година.

Агендата на ЕУ за транзициска правда во Косово

Политиката на ЕУ кон Косово во однос на транзициската правда и помирувањето фаворизираше ретрибутивна правда. Оваа поддршка на механизмите за ретрибутивна правда во Косово е во согласност со севкупната поддршка на ЕУ за демократизација и спроведување на законот. Ретрибутивната правда се состои од судење на злосторствата од минатото со цел да се постигне политичка трансформација на општествата преку примена на законот. Одговорноста се смета за „крај на неказнивоста“, а казнувањето на воените злосторства „ја лоцира одговорноста кај поединецот“.[5]

Два хибридни судски механизми беа создадени и поддржани од ЕУ во Косово: Мисијата на Европската Унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) и Специјализираните совети на Косово (ССК). ЕУЛЕКС беше распоредена на Косово во 2008 година, по прогласувањето на независноста на Косово, и до ден-денес останува најголемата и најскапата мисија на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ испратена во трета земја.[6] Во рамките на оваа мисија ЕУ распореди судии и обвинители за поддршка на институциите за владеење на правото на Косово. Целта на оваа мисија беше, исто така, да се доближи до локалното население и да ги реши дефектите на Времената мисија на Обединетите нации на Косово (УНМИК), која ѝ претходеше. Покрај поддршката на косовските институции,  слично на надлежностите на УНМИК во областа на спроведувањето на законот и демократизацијата, оваа мисија доби извршни овластувања да суди за воени злосторства. Во косовските судови, панелите на ЕУЛЕКС беа мешани, составени од локални и европски судии, додека обвинителите беа меѓународни. Во овој поглед, овие панели беа слични на „Регулативата за панели 64“ создадена од УНМИК во 2000 година и се состоеја од интеграција на меѓународните судии и обвинители во локалните судови. Овој модел подоцна послужи како пример за создавањето на хибридните кривични судови на глобално ниво (Сиера Леоне, Камбоџа, Источен Тимор, Либан, Босна и Херцеговина, итн.).

Сепак, и покрај големата поддршка што мисијата ЕУЛЕКС ја имаше на почетокот, нејзините конечни достигнувања остануваат незначителни. Довербата во ЕУЛЕКС кај локалното население постојано опаѓа. За ова треба да се наведат неколку причини. Особено, тешкотиите што ги опкружуваа двете судења на поранешните команданти на ОВК.[7] ЕУЛЕКС наиде на многу потешкотии, како што се недостатокот на соодветна заштита на сведоците, должината на постапките и внатрешните скандали кои го нарушија угледот на мисијата кај локалното население. И покрај нејзините неуспеси, од 2009 до 2018 година, „обвинителите на ЕУЛЕКС поднесоа 22 случаи во кои 39 албански, 11 српски, една црногорска и по една ромска, ашкалиска и египетска заедница беа обвинети за воени злосторства“.[8]

Втората судска институција за ретрибуција во Косово, поддржана од ЕУ, се Специјализираните совети на Косово. Гласањето на Советите следеше откако Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), во јануари 2011 година, го усвои извештајот за злосторствата извршени од поранешните припадници на ОВК за време и по војната во Косово во 1999 година. По овој извештај, ЕУ ја формираше Специјалната истражна наменска група (SITF) за истрага на наводните злосторства. Оваа работна група, со седиште во Брисел, истражуваше три години и ги донесе своите заклучоци во јули 2014 година. Во својот конечен извештај, таа тврди дека „би била во позиција да поднесе обвинение против одредени високи функционери на поранешната Ослободителна војска на Косово“.[9] По наодите на работната група, ЕУ го презеде целиот товар на Специјализираните совети на Косово (ССК), од спонзорството на законот до целосната контрола на основањето, работењето и финансирањето на Советите.[10] Во заднина, ССК требаше да ги покриваат и недостатоците на ЕУЛЕКС. Сепак, ЕУЛЕКС остана надлежен за назначување судии, помагање во истрагите и префрлање на обвинетите во Хаг.

 Иако е премногу рано да се процени работата на ССК, бидејќи првите судења штотуку започнаа, обвинението за поранешните шефови на ОВК, кои беа и моќни повоени политичари, наиде на мала поддршка кај мнозинското албанско население во Косово.[11] По нивното формирање, Советите направија голем бум на политичката сцена на Косово. Во декември 2017 година имаше координирани напори на три коалициски партии на власт чија цел беше да го оневозможат функционирањето на Советите поради искушението да се укине Законот за Специјализираните совети. Оваа иницијатива беше прекината дури по силниот американски притисок.

Косовско-српските односи влијаат и на работата на овие институции. Српското негирање на злосторствата извршени на Косово и недостатокот на гонење на воените злосторници во Србија влијаеја на отфрлањето на Советите во Косово. Во Косово, ЕУ е обвинета дека не може да ѝ наметне на Србија слична институција, а ССК се критикувани како суд создаден да им суди само на косовските Албанци.[12] Неколку граѓански организации ги критикуваа Советите за недостатокот на локални судии и обвинители, како и за потешкотиите во употребата на албанскиот јазик.[13] Други критичари ги сметаат Советите како институција која има мисија да ги постигне целите на Западот.

За ЕУ, од клучно значење е да се промовираат Советите во Косово за да се консолидира нивниот кредибилитет. Потенцијалниот неуспех на Советите ќе влијае на кредибилитетот на Европската Унија не само во Косово, туку и во целиот регион на ЗБ.

Антон Вукпалај е доцент по политички науки на Универзитетот во Приштина, Косово. Студирал политички науки, политичка социологија и компаративна политика на Францускиот универзитет во Сорбона (1994-1999) и на Универзитетот во Париз „10 Nanterre “ (2001-2008). Неговата специјализација е проучување на механизмите на транзициската правда (судска и вонсудска) во Југоисточна Европа, особено прашањата за помирување и политики кои се спроведуваат на локално и национално ниво. Често објавува литература за Западниот Балкан. Неговата најнова книга (уредена со Арбен Хајрулаху) е: “Forging Kosovo: Between Dependence, Independence and Interdependence, Peter Lang, Bern, 2021, 324 pages.”


[1] Текстот е достапен на: About – The Berlin Process

[2] Член 4 од Стратегијата од 2018 г.: communication-credible-enlargement-perspective-western-balkans_en.pdf (europa.eu), p. 6.

[3]V. Bojicic-Dzelilovic, J. Ker-Lindsay and D. Kostovicova (2017). Civil Society and Transitions in the Western Balkans, London, Palgrave 2013, p. 257.

[4]A. Di Lellio, C. McCurn (2013).  Engineering Grassroots Transitional Justice in the Balkans: The Case of Kosovo, East European Politics and Societies and Cultures, Vol. 27 Nr. 1, pp. (129-148), p. 136.

[5]R. Kerr and E. Mobekk (2007). Peace and Justice, seeking accountability after War. Cambridge University Press, Cambridge, p. 4.

[6]Ismet HAJDARI, A New Era for Justice in Kosovo, Heinrich Boll Stiftung, https://www.boell.de/en/2017/01/12/new-era-justice-kosovo. 12 January 2017.

[7] Овие судења беа Клецка и Дреница 1 и 2.

[8]G. Visoka, B. Lumi (2020). Democratizing Transitional Justice towards a Deliberative Infrastructure for Dealing with the Past in Kosovo, a publication by PAX, Integra and New Social Initiative (NSI), p.15. PAX_REPORT_Kosovo_ENG_FINAL.indd (ngo-integra.org)

[9] Statement_of_the_Chief_Prosecutor_of_the_SITF_EN.pdf (balkaninsight.com)

[10]F. Korenica, A. Zhubi, D. Doli (2016). The EU-Engineered Hybrid and International Specialist Court in Kosovo: How ‘Special’ is it? European Constitutional Law Review, (12), pp. 479-480.

[11]G. Visoka, B. Lumi, op. cit. p.17.

[12] Lajmi.net : Joe Bidenit i kërkohet ta zhvendos Gjykatën Speciale në Kosovë – Lajmi.net

[13] KMDLNJ: Gjykata Speciale nuk respekton gjuhën shqipe si gjuhë zyrtare (rtklive.com)