Преиспитувајќи ја вистината

На почетокот на 2015 година  ја прочитав приказната  во „Балкан Инсајт“, за околу 170 Срби, од кои 90 од Косово, коишто уште една Нова година  ја дочекале во Крњача, последниот колективен центар за бегалци во главниот град на Србија. За време на војните во поранешна Југославија, многу етнички Срби избегале од своите домови во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово.

Во 1999 година, според податоците на УНХЦР, повеќе од 200 000 српски цивили го напуштиле Косово и се упатиле на север, додека Мировните сили на НАТО влегувале во земјата. Го следев ограниченото известување за несигурната состојба на потенцијално стотици раселени Срби, заборавен и од Србија и од Косово.

Во септември 2015 година, се најдов во колективниот центар во Белград, кој се смета за најлош српски бегалски камп, и работев на документирање на условите за живеење на повеќе од 150 Срби. Повеќе од 80 од нив беа раселени од Косово. Кампот е изграден во 1990 година за да се засолнат Србите кои преку ноќ станале бегалци, и очајните услови во кампот се должат на брзината со која биле изградени овие прости бараки.

Шокантната глетка пред мене, и разговорите кои ги имав со очајните жители кои живеат во овој колективен центар, влијаеја на мене на начин кој никогаш претходно не сум го доживеала. Го преиспитував моето разбирање за начинот на кој новинарите го документирале живото по војната на териториите на поранешна Југославија и колку всушност, и самата сум била запознаена со различните искуства со кои луѓето се соочиле за време на војната на Косово.

Дали Србите од Крњача не беа и самите жртви на режимот на Милошевиќ? Во неговите обиди за создавање на Голема Србија за сите Срби, озлогласениот српски политичар го трансформираше регионот во најкрвавото боиште на војната кое Европа го видела од Втората светска војна наваму. Кога српските сили се повлекоа, со што се стави крај на нивната кампања за етничко чистење и воени злосторства во Косово, и многу српски цивили го напуштија Косово поради страв од одмазда од страна на косовските Албанци. Дали нивниот страв не беше оправдан, со оглед на прогонот и убиствата кои се случија по завршувањето на војната?

Статијата што ја напишав за Крњача во 2015 година, беше втората преку која ја истражував темата за справување со минатото. Првата која ја напишав неколку месеци претходно, беше за исчезнатите лица од Косово, кои беа земени од страна на српските сили, и за болката која ја чувствуваа нивните семејства  додека чекаа да добијат информации за нивните сакани.

Во текот на последните четири години почесто известував за прашањата поврзани со транзициската правда во Косово, пишувајќи статии за луѓето кои преживеале сексуални злосторства за време на војната, за луѓе кои преживеале масовни убиства, луѓе чии животи драстично се промениле, луѓе кои се обидуваат да ги преживеат траумите кои ги доживеале, како и за анксиозноста која била резултат на тоа искуство и трае до денес, и за оние кои нема да престанат да ја бараат правдата.

Потребно ми беше определено време да ја разберам комплексноста на транзициската правда и воспоставените механизми за третирање на масовното кршење на човековите права. Без оглед на специјализацијата на новинарите или на нивното знаење на точната терминологија, исклучително е важно новинарите кои известуваат за овие случаи да бидат „на терен“,  да набљудуваат,  да зборуваат со луѓето и да се обидат да ги разберат различните искуства и потребите на оние кои страдале и продолжуваат да страдаат како последица на војната.

Повеќето жртви на сексуално насилство за време на војната во Косово се етнички Албанки. Земајќи го тоа предвид, случаите на сексуално насилство врз мажите и жените кои не се Албанки, конкретно жени Србинки и Ромки, исто така заслужуваат внимание во медиумите и јавните дискусии.

Кога станува збор за исчезнатите лица, медиумите во Косово се ретко толку храбри да известуваат за 400 луѓе од српската и малцинските заедници, кои се меѓу 1.600 лица кои се сè уште исчезнати од војната.

Во целиот регион, медиумите и понатаму покажуваат пристрасност преку известување за настаните –  тоа се согледува преку тоа чии зборови избираат да ги цитираат и објавуваат, и кои страни на приказната ги раскажуваат. Зборовите и искуства на малцинските групи се речиси целосно исфрлени. Новинарите во голема мера не успеаја да се дистанцираат од колективната меморија на сопствената заедница и доминантните наративи поврзани со етничката група на која тие припаѓаат.

Мејнстрим медиумите имаат тенденција да се фокусираат на реконструкција и републикување на траумите, што дополнително може да ги виктимизира и (ре)трауматизира преживеаните. Масакрите, масовните гробници и депортации што се случиле за време на војната може да бидат општо познати, но медиумите ретко споделуваат соодветни или објективни информации за начинот на кој судските системи на Косово или во Србија ги третираат жртвите, како и начинот на кој законодавствата не успеаја да им помогнат на одредени групи, или како, 19 години по војната, луѓето кои преживеале силување сè уште немаат пристап до бесплатна, доверлива и безбедна здравствена заштита.

Новинарите треба да ја бараат вистината. Во интерес на јавноста треба да ја утврдиме вистината за сите повреди на човековите права и да ги вметнеме овие вистини во нашата поголема колективна меморија. Приказната мора да оди подалеку од документација, без оглед дали известуваме за силување, губење на животот, или исчезнати лица. Разгледувањето на животот по војната, што го вклучува напредокот и неуспесите на судењата за воени злосторства, казните за сторителите, репарациите за жртвите и поддршката која ја дала (или не је дала) државата, треба да ја придружува секоја сеопфатна новинарска истрага за злосторствата кои се случиле за време на војната .

Вистинската посветеност на точната документација често ги води новинарите од една приказна во друга. Известувањето за транзициската правда во Косово и во регионот доаѓа заедно со интелектуалната одговорност да им се обезбедат на читателите нови приказни и перспективи, наместо приказни кои само ги репродуцираат доминантните, еднострани наративи. Одговорните  етнички новинарите мора да бидат подготвени да копаат и да ја изложуваат вистината, дури и кога вистината се спротивставува на доминантните воени наративи или колективната меморија.

Дафина Халили е наградувана новинарка, која живее и работи во Приштина, Косово. Работи како новинар и уредник на „Косово 2.0“, независна медиумска платформакоја покрива прашања за човековите права и социјалната правда. Халили магистрирала  на тема за различноста и медиумите на Универзитетот  на Вестминстер, во Лондон, Обединетото  Кралство.

Фото: Неизвесноста на раселените во Крњача, Дафина Халили