Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и пристапот до информации од јавен карактер во пракса

Правото на слобода на информирање како основно човеково право признато со меѓународното право е гарантирано и со Уставот на РС Македонија, а е уредено со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Со Законот се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, установите и јавните служби,  како  и  други правни и физички лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон.

Право на слободен пристап до информации од јавен карактер имаат сите правни и физички лица. Законот предвидува три начини за пристап до информациите од јавен карактер- усно, писмено и во електронска форма. Притоа, законот јасно прецизира дека барателот на информации не е должен да објаснува зашто му е потребна бараната информација, ниту некој да го бара од него тоа.

По 13 години од донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, несомнено е дека има подобрувања во респонзивноста на имателите на информации и пораст во користењето на ова право. Сепак граѓаните, граѓанските организации, правните лица и новинарите се уште се соочуваат со пречки во пристапот до информации од јавен карактер и владеат сомнежи и обесхрабрувања при користењето на ова нивно право.

Забележлива е поголема отвореност и разбирање на обврската за обезбедување на пристап до информациите од јавен карактер од страна на поголем процент од институциите, назначени се и лица за контакт, но се уште е присутна недоследна примена на законот, проследена со ограничена транспарентност  или затвореност, што го лимитира и влијае врз протокот на информации.

Постапките за пристап до информации од јавен карактер се уште се сложени за голем дел од граѓаните, а јавните институции знаат да ги користат и законските недоречености за да ја избегнат должноста за навремено обезбедување на детални и прецизни податоци. Многу често, обврската да одговорат на барањето за пристап до информации од јавен карактер ја сфаќаат како „сметање“ во нивното тековно работење и „губење и трошење“ на нивното време, а не како законска обврска и работна задача. Не ретко се случува и да не дадат информации со изговор дека не ги поседуваат, а по законска обврска треба да ги имаат тие информации. Ова се должи на запоставувањето на обврската за собирањето, систематизирањето и ажурирањето на информациите и податоците. Исто така, голем број на податоци и документи ги класифицираат како доверливи, без да се понудат цврсти факти за тоа, со што се прави злоупотреба на законските ограничувања, кои се исклучоци.

Кај граѓаните се уште има недоволно познавање на правата кои се содржани во законот и на постапката за добивање на информации. Особен проблем во практичната примена на законот е долгата и комплицирана постапка за добивање на информација. Граѓаните тврдат дека однапред знаат дека нема да ја добијат информацијата, па не сакаат да губат време во административни процедури. За нив чекањето 30 дена за евентуален одговор, па рокови за жалби или тужби, се изгубено време бидејќи информирањето бара брза и ефикасна информација.

Покрај реактивната транспаретност, овозможена од Законот за слободен пристап за информаци од јавен карактер, потребна е и т.н проактивна трансапретност на институциите, односно целосно и редовно објавување на информациите и податоците на интернет странците, пред да бидат побарани. Се уште е мал процентот на институции кои редовно објавуваат информации за нивното програмско и буџетско работење. Дополнително, информациите кои се достапни за јавноста, често се воопштени и се прикажани во форма која не е разбирлива за граѓаните. Позитивен чекор беше даденото задолжение од страна на владата до Министерствата да ги објават основните  буџетски и програмски документи и да подготват и усвојат стратегија за транспарентност на работењето. Сепак, се уште нема унифициран пристап меѓу министерствата и овие документи можат да се најдат низ различни секции од интернет страниците.

Податоците покажуваат дека невладините организации се први на листата на баратели на информации, по нив се граѓаните како физички лица, па следуваат новинарите во помал број. Согласно извештајот за 2018 на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, најголем број на барања за слободен пристап се испратени до државните институции, особено до Собранието, а потоа следуваат општините,судските органи, јавните претпријатија и установи и здравствените установи. Во 2018 година забележан е пораст на бројот на граѓани како поднесители на жалби до Комисијата. Најголем број од жалбите се поради недавање на одговор на поднесените барања и висок процент од жалбите завршиле со позитивен исход за барателите на информации.

И покрај позитивните промени во однос на транспаретноста на институциите и пристапот до информациите од јавен карактер, се уште се потребни унапредувања во насока на практичната примена на законот, олеснувањето на постапката и зголемување на проактивната транспаретност. Особено важно  во зголемувањето на транспарентноста на институциите е навременото објавување на сите информации кои произлегуваат од надлежноста и работата на имателот на информациите и без да бидат побарани. За жал, ваквата транспарентност би се обезбедила само преку зајакнување на санкциите за вршителите на јавни функции доколку не ја остварат обврската во законскиот рок. Преку користење на објавените информации, граѓаните се поретко би се впуштале во управни процедури во кои цел месец би молеле за одговор по некое прашање.

На крај само да се потсетиме дека поголемата отвореност и транспарентност, значи поуспешни институции, а тоа води кон позадоволни граѓани.

Душица Нофитоска, правник со положен правосуден испит и завршени мастер студии по меѓународно право и меѓународни односи. Вработена во Македонско здружение на млади правници.

Фото: Македонско здружение на млади правници