Вклучете ги светлата! – или, дали навистина го разбираме вклучувањето на родовите аспекти во главните политики?

Веќе неколку месеци чекориме во 2023 година, па можеме безбедно да заклучиме дека 2022 година не беше најдобрата година за никој од нас – сè уште збунети од ограничувањата кои ги наметна пандемијата со КОВИД 19, бевме сведоци на почетокот на војната меѓу Русија и Украина и слушнавме за можноста од дефицит на храна, гас и електрична енергија, додека цените вртоглаво растеа насекаде околу нас. Па, беше очекувано дека националните и локалните власти ќе предложат мерки за спречување или барем ублажување на каква било криза од ваков карактер.

Една таква мерка, иницирана во насока на спречување на зголемувањето на сметките за електрична енергија, воведена во една општина во Скопје беше – да се исклучуваат уличните светилки по 01:00 часот секој ден. Ова, веднаш наиде на низа неодобрувачки одговори од граѓаните, кои стравуваа за својата безбедност – особено гласни беа жените кои тврдеа дека не се чувствуваат безбедно кога сами одат по улица и се плашат дека ќе има зголемен број на дофрлувања и напади. Во 2019 година, жените и девојките ги користеа социјалните мрежи за да зборуваат за родово базираното насилство и вознемирување[1]– се покажа дека жените и девојките доживеале малтретирање и насилство на многу јавни места, особено во парковите, во јавниот превоз и на паркинзите, но во голема мера избегнувајќи ги темните улици и места. Тие споделија дека за да се чувствуваат безбедни се преправаат дека зборуваат по телефон, држат клучеви меѓу прстите ако ги нападнат итн. Полицискиот дневен билтен редовно евидентира напади и кражби врз постари жени на улица, дури и преку ден, кога се движат накај својот дом. Кога траеја рестрикциите во оваа општина, беа регистрирани 50% повеќе кривични дела отколку во истиот период лани.[2]

Имајќи го ова предвид, се чинеше речиси надреално да се слушне дека неколку локални општини избрале да заштедат на електрична енергија наместо на безбедноста на своите граѓани, особено на жените. Објаснувањето на еден од градоначалниците го зголеми неверувањето: бидејќи сите локали се затвораат во 24:00 часот, општината даде уште еден час за сите да се вратат дома.[3] Токму ова објаснување покажа дека општината не размислувала за последиците по граѓаните од оваа мерка и ги сведува само на луѓе кои имаат работни места од 9 до 17 часот и повремено одат во локали пред да си дојдат дома. Општината не успеа да ги уважи луѓето кои работат ноќни смени, младите кои одат во ноќни клубови и се враќаат подоцна од 01:00 часот, и главно сите што сакаат да талкаат по „полицискиот час“.

За среќа, бројните реакции ги натераа општините да размислат за својата одлука и да сфатат дека има и други решенија за штедење: едната одлучи да го вклучи секое второ светло на улицата, други решија да го намалат нивото на светлина или да ги префрлат на ЛЕД светилки кои се признати како штедачи на електрична енергија.[4]      

И тоа е она што би го направило вклучувањето на родовите аспекти во главните политики за нашите локални и национални политики, дури и без потреба од протести против првите понудени решенија: ќе ги стави носителите на одлуки во позиција да ја оценуваат и проценат секоја мерка во однос на потребите, стравовите, можностите и предизвиците на секоја категорија граѓани: жени, мажи или небинарни лица, имајќи ги предвид и нивните други карактеристики, како што се возраста, инвалидитетот, сиромаштијата итн. Тоа ќе значи дека пред да се донесе одлука да се исклучат светилките ќе мора да користат родови алатки – барем да се разговара за тоа со сите различни групи, да се разберат нивните ограничувања и пречки, да се консултираат статистиките, да се спроведат анализи и да се најдат решенија кои ќе функционираат за сите.

Се разбира, најтешкиот дел отсекогаш бил (и за жал, сè уште е) – постоењето на родови стереотипи за кои се чини дека е невозможно да се променат. Од каква корист е принципот на родова еднаквост на работното место доколку сепак мислиме дека жените треба да бидат дома со болните деца и стари лица, а мажите треба да напредуваат на своите позиции бидејќи не треба да се грижат за работите дома, освен да го „вадат лебот“? Или, уште подалеку – каква корист има од Законот за заштита и спречување од насилство врз жените и семејното насилство, кога жртвите сè уште постојано се прашувани од службениците што направиле за да го заслужат тоа насилство или, како што беше во последниот случај кој беше безмилосно дисециран на социјалните мрежи – што барала девојката да биде излезена во 4 часот наутро и што ѝ требало да користи такси?

Законот за родова еднаквост, откако ќе биде усвоен, ќе ги наметне обврските за користење на родови алатки и вклучување на родовата перспектива при изготвувањето на политиките на национално и на локално ниво. Но, овој закон, исто како и горенаведените закони, не би значел ништо, доколку ние како општество не ја разбираме нашата улога во постигнувањето на родовата еднаквост.

Министерството за труд и социјална политика даде еден добар пример за изменети мислења: предлог-законот за работни односи предлага непреносливо родителско отсуство и за мајката и за таткото и за трето отсуство кое може да се подели меѓу нив. Оваа мерка се очекува да ја промени перцепцијата на младите жени како „недостојни инвестиции“ поради можностите за породилно отсуство, и перцепцијата на мажите како единствен хранител на семејството.

Од суштинско значење е да се разбере дека вклучувањето на родовите аспекти во главните политики не е само додавање на зборот „род“ на политиките и мерките. Станува збор за признавање на различните потреби, стравови и предизвици на различни групи и препознавање на влијанието на родовите стереотипи врз креирањето на политиките. Како општество, ние треба да работиме на рушење на овие стереотипи и креирање на службеници кои можат да ги препознаат и да ги решат таквите пречки. Само тогаш можеме вистински да постигнеме општество кое е безбедно и еднакво за сите, без разлика на нивниот пол. Да продолжиме да бараме политики кои ги земаат предвид родовите перспективи и кои работат кон иднина каде што родовата еднаквост не е само принцип на хартија, туку реалност за сите.

Маја Атанасова е искусен правник, специјализирана за обезбедување бесплатна правна помош на ранливи поединци, вклучително и жртви на дискриминација, родово насилство и семејно насилство. Таа придонела во работните групи фокусирани на изготвување и измена на закони и давала правни совети на граѓанските организации за прашања како што се вработувањето, сопственоста и управувањето. Маја е исто така искусен обуччувач и фасилитатор со експертиза за човекови права, бесплатна правна помош, родови прашања и дискриминација. Таа водела обуки за различен опсег на учесници, вклучувајќи и социјални работници, правни професионалци, средношколци и претставници на синдикатот.


[1] https://okno.mk/node/80506

[2] https://pina.mk/6134-ulichnoto-osvetluvane-delumno-nastrada-pri-shtedeneto-struja-vo-del-od-opshtinite/

[3] https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/od-1-do-5-chasot-nema-svetlo-vo-karposh-jakimovski-veli-mora-da-se-shtedi-ili-zhitelite-ke-plakaat-pogolemi-smetki/  

[4]Неколку општини кои избраа да го применат овој метод на штедење: https://pina.mk/6134-ulichnoto-osvetluvane-delumno-nastrada-pri-shtedeneto-struja-vo-del-od-opshtinite/