Западен Балкан како регион низ историјата бил многу комплексен. Според некои критичари, Балканот произвел повеќе историја отколку што можел да усвои, а тоа стана и корен или casus belli на многу конфликти во текот на 1990-тите. Но, според други критичари, културната разновидност претставува потенцијална закана за регионот. Разновидноста на Балканот се однесува на фактот дека ниту една од шесте земји не е хомогена во етничка смисла, и покрај етничкото насилство или дури и обидите за „етничко чистење“. Во регионот има културно богатство, но поважно е да се знае дека културата не е статична, и дека сите култури се развиваат и еволуираат.
Младите луѓе од Западен Балкан денес се соочуваат со многу општествени, политички и економски притисоци. Многу од овие предизвици немаат лесни решенија и се обликувани од политичко-популистичките наративи кои се под влијание на националистичките наративи, предрасуди и дискриминација. Предизвиците од глобалниот контекст, кои брзо се менуваат и воопшто не се стабилни, остануваат проткаени со нерешени наследства кои произлегуваат од историјата на насилниот конфликт во регионот.
Младите се важни агенти во контекстот на процесите на помирување на Балканот бидејќи денешната младина е родена за време и по конфликтите во Западен Балкан од 1990-тите. Младите генерации пораснаа слушајќи за случките од минатото и застрашувачките звуци на конфликтите во тоа време, а многумина продолжуваат да бидат изложени на меѓугенерациски трауми, националистички наративи и општества и образовни системи изградени на етничка сегрегација. Некои се загрижени дека денешните млади се позакоравени во нивните идентитетски линии и ставови за „другите“, што го отежнува постигнувањето на социјална кохезија и одржлив мир. Други препознаваат силна желба кај денешните млади да се движат подалеку од идентитетските политики и да живеат нормално во отворени, разновидни и демократски општества.
Во светот, младите играат огромна улога во општествените промени. Сè повеќе млади демонстрираат дека се витална и храбра сила за промени за важни прашања како што се климатските активности, човековите права, здравството, образованието, антирасизмот, социјалната правда и спречувањето на насилството. Навистина, младите стануваат двигатели на кампањи за подигање на свеста и општествени движења, преку кревање на својот глас во сите сфери на општеството и преку директно вклучување во изнаоѓањето на нови и подобри решенија за предизвиците што ги засегаат нивните животи. Тие не само што се жалат, туку нудат и решенија за проблемите со кои се соочуваат. Но, вистинското прашање на кое треба да се одговори е колку нивните идеи се слушаат? Дали политичарите се грижат за нас или нè гледаат само како избирачко тело? Последниот извештај на УНИЦЕФ, „Ревитализација на Западен Балкан: што мислат младите?“[1] покажува дека „повеќе од 60% од младите во Западен Балкан велат дека политичарите не се грижат за нивните мислења и идеи“. Исто така, политичарите се виновни за нивните изјави во коишто најчесто има доза на говор на омраза и можат да ги испровоцираат земјите на идни конфликти. Моментално, генерацијата политичари во регионот, на еден или на друг начин, ги доживеале или биле дел од конфликтите во 90-тите и поради тоа тие се емотивни. Згора на тоа, во минатото сме виделе случаи кога доаѓаат избори, а политичарите не стојат добро на анкетите, тие да имаат тенденција да играат на националистичка карта преку популистички говори за да добијат повеќе гласови на денот на изборите. Оваа практика лошо влијаеше на младите во регионот, и делумно ги оформи нивните ставови во врска со Балканот во однос на справувањето со минатото и соочувањето со иднината.
За жал, кризата, која е без преседан, меѓу Украина и Русија може да предизвика таканаречен „домино ефект“ во регионот. Ова се должи на минатите капитални инвестиции од Русија во регионот, каде на пример, според истражувањето на Меѓународниот републикански институт, во март 2020 година, околу 44% од граѓаните во Србија биле запознаени со тие инвестиции. Институциите и владите мора да бидат внимателни за тоа како ќе пристапат кон оваа војна, со цел да се избегнат можни „нерешени конфликти“ од минатото во регионот.
Што недостасува во однос на вклученоста на младите во процесот на помирување?
Два главни фактори кои придонесуваат за статус-кво состојбата на регионот во однос на помирувањето и справувањето со минатото се семејството и училишната средина. Нашата личност, однесување и карактер се формираат и обликуваат во семејството, во училиштата и на универзитетите. Историскиот контекст во кој пораснале нашите родители е различен од нашиот и постои генерациски јаз во однос на разбирањето на наративите во кои живееме денес. Семејното опкружување е показател дали ќе пораснете со идеи за почитување на различностите и другите култури, или ќе ги перцепирате како закана и ќе создадете заблуди измешани со омраза кон некој што нема исто потекло како и вие.
Од друга страна, образовниот систем игра клучна улога во оваа дискусија, поради неговата важност во општеството да произведува интелектуалци и да ги подготви за иднината. Но, образовниот систем во повеќето земји од Западен Балкан е сегрегиран. На пример, политиката „едно училиште, две згради“ е спроведена од институциите во Северна Македонија за да се поделат учениците врз основа на нивната етничка припадност и да се избегне каква било зголемена тензија меѓу нив. Овие бескорисни и неуспешни политики воопшто не помогнаа во решавањето на проблемите меѓу двете најголеми етнички групи во Македонија, етничките Македонци и етничките Албанци, туку придонесоа за продлабочување на поларизацијата на општеството и државата во Северна Македонија. Сегрегацијата никогаш не е решение, туку кукавичлук на кусогледите политичари кои секогаш одбивале да се занимаваат со минатото. Освен тоа, за да има успешен процес на помирување во регионот, младите мора да бидат дел од него. Токму сега е од клучно значење за младите во регионот да се вклучат во културата на сеќавање, помирување и дијалог, за да напредуваат и да не ги прават истите грешки како постарите.
Патот напред за Балканот
Според мене, верувам дека земјите во регионот можеа да создадат и понудат подобри платформи за размена за да им овозможат на младите да разберат дека различноста што ја имаме е важна предност, а не закана. Меѓукултурните размени се важна алатка за решавање на проблемите од минатото и за зближување на младите од различни земји преку емпатија и солидарност. Регионот почна да се подобрува во овој аспект со формирањето на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО во 2016 година, која има цел да го промовира духот на помирување и соработка меѓу младите во регионот. Но, тие треба повеќе да се фокусираат на поврзување на младите во регионот, наместо на нивната вообичаена бирократска работа. Со цел таквата структура да придонесе во процесот на помирување, потребно е да се инвестира во создавањето на попристапно опкружување кое ќе ги привлече младите.
Други решенија за придвижување на регионот како целина, во смисла на помирување, би биле реформите на образовните системи на Балканот во коишто нема да се навредуваат другите култури и ќе се цени различноста што ја имаме.
Да не заборавиме дека Западен Балкан е сложувалката што ѝ недостасува на Европската Унија, бидејќи за да биде Унијата комплетна, цела Европа мора да биде дел од неа. Со интеграцијата во ЕУ – Балканот ќе биде постабилен и поразвиен регион.
Јас сум непоколеблив оптимист. Верувам во светла иднина и во нашата способност да ја изградиме заедно. Јас сум познат активист за студентски права во Северна Македонија. Јас сум поранешен основач и водач на училишното движење во Северна Македонија, во кое бев вклучен четири години. Јас сум голем мотивациски говорник и многу често зборувам во различни прилики за моите искуства како средношколски лидер, и како да се започне движење и да се застапува определена кауза. Во моментов работам како индивидуален консултант во канцелариите на УНФПА во Скопје и како проектен координатор во Центарот за образование и развој.
[1]Извештај на УНИЦЕФ за 2021 година – Ревитализација на Западен Балкан: што мислат младите?, https://bit.ly/3JxbogT