Медиумска писменост – најефикасна вакцина против лажни вести

На светот му се случува пандемија која ја предизвика новиот вирус Ковид-19 попознат и како коронавирус. Од градот Вухан во Кина брзо и неочекувано се прошири низ целиот свет. Веќе половина година светот секојдневно брои позитивни и негативни случаи. Ги рангира земјите по бројот на заразени, оздравени, починати. Бројни лица останати без работа, пад на економијата, раст на сиромаштијата.

Но на светот паралелно со коронавирусот му се случува уште една пандемија. Пандемија од лажни вести, дезинформации и манипулации. Како што се ширеше вирусот и растеше бројот на заболени, така се ширеа теориите на заговор и растеше бројот на лажни вести.

Па така најверојатно веќе негде сте прочитале дека вирусот е измислен и не постои, дека Бил Гејтс го измислил коронавирусот за да може преку вакцина да го чипира и да го следи светското население. Исто така сигурно сте чуле дека 5Г мрежата го предизвикува и шири коронавирусот. Сте наишле и на информација дека Кинезите го створиле вирусот во лабораторија за да им наштетат на САД. Односно дека Американците го створиле вирусот за да и наштетат на Кина. Контрадикторно и неосновано, но предизвикува внимание особено на социјалните мрежи.

Сте прочитале најразлични начини и техники како да се заштитите и да не се заразите од вирусот и како да се излекувате ако веќе го имате. Се препорачуваше пиење на алкохол, јадење на големи количини лук, лута и зачинета храна, разни испирања и инхалации, долготрајно изложување на сонце и на ултравиолетово зрачење. Имаше написи кои тврдат дека мувите и комарците го пренесуваат вирусот, како и домашните миленичиња па се случуваше луѓето од страв да ги напуштаат своите миленици. Се разбира ништо од ова не е медицински потврдено и докажано. Некои од препораките се безопасни, но дел може сериозно да го нарушат здравјето на оној кој не само што го прочитал туку и поверувал во напишаното.

Официјални лица шират лажни вести

Поразително е што дел од овие дезинформации доаѓаа лично од некои институции па дури и од официјални лица. Претседателот на САД, Доналд Трамп рече дека би требало да се истражи лекување на болните од Ковид-19 со вбризгување дезинфициенси односно препрати за чистење во телото за да се убие вирусот или пак „внесување“ УВ-зраци во телото за елиминирање на вирусот.

Дел од африканските лидери препорачаа напивки од тревки, коњак и одење во црква како борба против вирусот.

Лажните вести освен што неточно ја информираат јавноста, истовремено можат да бидат многу опасни и по човековото здравје. Па така и покрај апелите на лекарите дека со методите кои ги изнесе Трамп може да се нанесат огромни оштетувања на организмот и да се предизвика нарушување на здравјето, сепак некој го послушал својот претседател. Кон крајот на април, двајца мажи во Џорџија и еден маж во Канзас се напиле течни средства за чистење за да се одбранат од Ковид-19, по што биле хоспитализирани.

Светската здравствена организација со коронавируст се бори на два фронта. Првиот е директно со вирусот, а вториот е инфодемијата која се случува поради зголемениот обем на лажни вести и ширењето на дезинформации.

Заради точно информирање и пред се за заштита на здравјето на светското население, СЗО на својата веб-страница креираше посебен дел каде што со научни факти се дебанкираат лажните вести поврзани со вирусот и тоа е направено на лесен и разбирлив начин за да разберат сите.

Македонски фабрики за тролови

И повторно како и во многу други ситуации се покажува дека кризата е плодна почва за создавање на лажни вести, а социјалните мрежи се инструментите преку кои тие лажни вести масовно и инстантно се шират и стигнуваат до очите и ушите на голем број на луѓе.

Да биде ситуацијата уште подраматична, социјалната мрежа Фејсбук, пред неколку дена соопшти дека фарми на тролови од Македонија и Филипини ги ширеле текстовите на сајтот „Нечурал њуз“, по што го затвори сајтот познат по објавување на дезинформации и теории на заговор. И повторно Македонија е еден од центрите од каде што се шират лажни вести, слично како за време на претседателските избори во САД во 2016 година кога Велес стана светска престолнина на лажните вести.

Медиумска писменост како единствено решение

Како глобално така и локално се појасно станува дека луѓето имаат тенденција да веруваат во невистини. Па така 10% од населението во Северна Македонија смета дека вирусот не постои, а високи 37% сметаат дека е намерно излезен од лабораторија, покажува анкетата направена од МЦМС. Овие поразителни податоци покажуваат дека нивото на медиумска писменост кај граѓаните е многу ниско и веруваат на се што ќе прочитаат на социјалните мрежи и порталите без притоа да се запрашаат дали во тоа што се објавува има точност или бар минимум логика.

Слабата медиумска писменост на населението го прави да биде подложно на организирано ширење на дезинформации и манипулации од различни центри.

Брзото и навремено информирање е потребно за сеопфатно едуцирање и подготвување на јавноста за кризата со која се соочува светот а е нова и непозната. Но погрешното и шпекулативно информирање може да предизвика непотребна паника и стрес, несоодветна грижа за сопственото здравје, да охрабри ризично однесување а со тоа да придонесе за ширење на епидемијата, за зголемен број на заболени и животозагрозувачки ситуации.

За коронавирусот официјални извори на информации се Светската здравствена организација (СЗО) како глобален извор, а локално во Северна Македонија за епидемијата официјалните податоци доаѓаат пред се од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, а потоа Министерството за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи, Владата и општините.

На човештвото итно му е потребна вакцина против коронавирусот за да се запре епидемијата и да се спасат човечки живот, а со тоа и да се врати животот на луѓето во нормала. Но за жал не постои вакцина против лажни вести. Одбраната и лекот против дезинформации е само зголемување на медиумската писменост на јавноста. Навиката за проверување на точноста и веродостојноста на информациите како и нивниот извор треба да се зајакне исто како навиката за редовно и зачестено миење на рацете.

Симона Атанасова е дипломиран новинар со повеќегодишно искуство во медиуми и невладини организации. Како новинар работела во дневниот весник Нова Македонија и во новинската агенција Мета. Пишува едукативни текстови за медиумска писменост и рецензии на КриТинк и Сервис за проверка на факти од медиумите. Моментално работи како комуникациски офицер во Институт за демократија „Социетас Цивилис“.