Културата на отпорот и културата на сеќавањето

Една војна веќе беше завршена (Словенија, јуни 1991 година), кога започна да се случува другата во Хрватска. Веќе ги имавме  видено падот на Дубровник, на Вуковар и  поворката бегалци, кога започна тестирањето на барикадите во градот, во Сараево, поради што избувнаа граѓанските протести на 5 април 1992 година.

И покрај тоа што сè укажуваше дека Босна и Херцеговина ќе биде следна, многу луѓе не беа во состојба да ги забележат знаците на масовното уништување кое следуваше. Денес, по илјадниците сведоштва, пресуди од Хашкиот суд, книги, видеоархиви и филмови за тој период на крвавиот и тежок пад на Југославија, можеме да видиме како во огледало што значеа априлските протести. Маса луѓе, емотивни, вознемирени, лути, противници на војната и распадот, да и покрај сè, тие не можеа да знаат на што се спротивставуваат. За време на тие протести започна масивна стратегија и деструктивен план за снајперски истрели од страна на приврзаниците на СДС и паравоените единици на босанските Срби од хотел и од врвот на ридот, кои беа насочени кон масата луѓе, оставајќи го градот незаштитен и празен.

Така, граѓанскиот протест за мир се судри со бетонската плоча на четирите години уништување коишто следуваа.

Секако е важно да се знае, во рамките на историското изучување на поранешна Југославија и почетокот на четирите војни, дека граѓаните, или дел од нив, сакале нешто друго, додека нивните сурови противници им дозволувале да се изразат, а потоа ги отстраниле со задоволство. Мракот не се спушти одеднаш, имаше ден на револт кога се појавија различните, но имаше емоции, хуманизам и љубов кон татковината, кои се исправија против идните убиства, концентрациони логори, чистки…

Градот беше затворен четири години. Граѓаните беа ловени од снајперистите и постојано гранатирани. Останаа без храна, вода, струја, греење, превоз … Невидливиот непријател од ридовите со сите тие средства го убиваше градот.

По првичниот шок, граѓаните на Сараево се прилагодија на ненормалните околности и се случи револуционерна трансформација: секоја личност живееше со својот мал отпор кон незамисливиот терор, додека нивната креативност и интелигенција го зачуваа нивното ментално здравје и со силата на својот дух создадоа спонтан граѓански отпор кон тој терор од ридовите.

Некои садеа зеленчук во градините (под оган од снајпер), некои ја делеа водата со цвеќињата, некои свиреа пијано, некои организираа филмски фестивал, некои изградија босанска куќа од урнатините, некои напишаа книга на свеќа, некои ја поставија претставата „Коса“, некои ги изградија „Борбените кентаури“, ги поставија на платформата на трамвајот и ги возеа низ градот (под снајперски оган и гранати), некои предаваа на групи деца дома, некои завршија универзитети, некои направија постери, предаваа во школа за танцување, спортистите вежбаа за меѓународни натпревари…

Сето ова создаде слика за феноменот на културата за граѓанско преживување и масовната МИРОВНА ИНИЦИЈАТИВА против 24/7 по 4 години постојан терор. Затоа, овој феномен во Сараево треба да се изучува како авангардна мировна иницијатива и граѓански отпор во справувањето со екстремно долготрајната криза. Првата блокада во пандемијата покажа дека целата планета се сврти во паника кон креативноста, како најдиректна алатка за одржување на менталното здравје.                                              

Таа слика на граѓаните на Сараево кои се спротивставуваат на невидливите убијци на ридовите околу градот, активираше многу акции, протести и демонстрации низ целиот свет. Сараево стана еден од синонимите на страдање и духовен и културен отпор. Сите тие акции имаа индиректно влијание врз јавното мислење во свет кој бараше нивните лидери и политичари да преземат дејства и конечно да направат нешто.

Важно е да се спомене дека антивоеното движење во Белград – змиското дувло – беше многу значајно и имаше долгорочно влијание врз падот на режимот на Слободан Милошевиќ. Нивните посети на Сараево за време на четирите години на опсадата им помогнаа на луѓето таму да се чувствуваат дека не се сами.

Еден ден, истражувачите ќе го измерат обемот на сите активности спроведени од антивоеното движење во Белград: панели, конференции, книги, изложби, претстави … влијанието на сите тие акции беше долготрајно и се чувствува и денес. Никогаш не треба да кажеме дека сè беше залудно, дека зборовите и сликите и вистината и правдата не можат да се спротивстават на силата, убиствата и концентрационите логори.

Светлината мора да застане наспроти темнината, и само упорноста може да покаже која страна е посилна.

Во третиот милениум (како што секогаш нагласува историчарката Бранка Прпа, влеговме доцна во третиот милениум) мора да научиме дека сега живееме во различни времиња и дека пандемијата ни ја покажа слабоста и неспособноста на целата планета и дека средствата со кои се спротивставуваме на насилството, популизмот и растечкиот фашизам мора да имаат и краткорочни и долгорочни алатки, затоа што нема повеќе време.

Мировните иницијативи, граѓанскиот активизам и граѓанското општество мора да имаат сериозна стратегија. Не сме во добри раце, а времето на нашата планета истекува. Не треба да ги менуваме насловот и значењето на мировните активности, но треба да излеземе со СМАРТ стратегија (ја познавам Свјетлана Недимовиќ, која според мене е одличен пример за активистички филозоф на овие времиња). Таа успеа да организира неколку граѓански акции со својата мала група, кои беа од витално значење за градот. Таа е стратег. Една од нејзините постапки беше ВОДА ЗА НАРОДОТ! што беше и манифест за зачувување и одбрана на водите на Босна и Херцеговина. Таа ми ја откри најважната алатка за еден активист од третиот милениум.

На крајот на 20 век, покажавме дека цел град може да направи спонтан отпор на терор од секаков вид (Сараево нема да падне!) Преку креативност, интелигенција и хумор. Бевме сведоци на крајот на опсадата, па затоа од овој ден во 2021 година и натаму треба да ја додадеме најважната алатка: детално разгледана овој пат, иновативна, храбра СТРАТЕГИЈА за секоја тематска акција, бидејќи планетата е во криза како никогаш порано: пандемија, климатски промени, популизам, терор, говор на омраза на социјалните мрежи, растечки фашизам …

Затоа, поединците и групите мора да бидат целосно подготвени и истрајни во борбата за сите видови социјални предизвици.

Суада Капиќ, аналитичар, уредник, истражувач, режисер, продуцент, коосновач на методологијата ФАМА, Здружение за образование и медиуми.

Суада Капиќ е родена во Сараево, Босна и Херцеговина. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Сараево и на Факултетот за драмски уметности во Белград, отсек режија. Таа е уредник и коавтор на колекцијата ФАМА и архивите на ФАМА, чие истражување го опфаќа периодот на војните за време на распадот на поранешна Југославија 1991-1999 година (теми опфатени во енциклопедии, на карти, историја на говори, водичи, визуелни архиви, хронологии, албуми, документарни филмови, изложби). Проектите и архивите на ФАМА се префрлени во дигитален формат во доменот на колекцијата ФАМА, виртуелна банка на знаење за идните генерации. Денес, Суада работи со тимот на ФАМА на мултимедијалниот проект „Времето истече – пред стравот“, истражувајќи ги регионалните/глобалните проблеми за кои се потребни колективни решенија.

За повеќе информации, посетете ги:

www.famacollection.org

www.famamethodology.net

www.aheadoffear.com