Концерт „Јутел за мир“, Бања Лука, 24 август 1991 година

Фотографии: Приватна архива (Саша Обрадовиќ)

Приватна архива (Немања Шордиќ Шорда)

Мај 1988 година. Плоштад пред стоковната куќа „Бошка“. Плоштадот именуван по Едвард Кардељ, еден од најважните и најпознатите политичари од времето на социјалистите и близок соработник на Јосип Броз Тито. Според тогашните процени на медиумите, околу 40.000 жители на Бања Лука се собраа таму, и со нетрпение го чекаа доаѓањето на ФК „Борац“, освојувач на Купот Маршал Тито. „Борац“ го доби последниот натпревар против белградска „Црвена звезда“. И, пристигнаа играчите и раководството на „Борац“, со големиот сребрен куп, излегоа на балконот од висококатницата во која имаше продавница на трговската компанија „Борац“. Над плоштадот „Едвард Кардељ“ се слушаше пеење: „Бело лале процвета, Маршал-купот долета“ [„Процветала бела лала освојисмо куп Маршала“].

Три години подоцна, во август 1991 година, плоштадот сè уште го носи името на Едвард Кардељ. Десетици илјади луѓе на плоштадот (велат медиумите). Наместо играчи на „Борац“, на балконот се сместени рок-музичари, пејачи, актери, писатели и поети. Во организација на ТВ каналот „Јутел“, по концертот во сараевска „Зетра“, концертот „Јутел за мир“ доаѓа во Бања Лука. Настанот е поддржан од Здружението на жени од округот Бања Лука и Привремениот граѓански совет од Бања Лука. „Луѓе, дојдете на овој настан за мир, да ја составиме пораката заедно: Збогум на оружјето, нека раководи разумот, нека владее мир во секој дом“, пишува на транспарентот. Од транспарентот, зачуван од Саша Обрадовиќ, музичар од Бања Лука, кој ја даде фотографијата за оваа статија, јасно е дека на концертот одржан на 24 август 1991 година се одржале и други настани како претходница на самиот концерт: ликовна изложба, изведби од културно-уметнички друштва, мировен марш….

Гитаристот Саша Обрадовиќ, кој настапи со групата „Лос Чаирос Лејкерс“, своевидна супергрупа од Бања Лука (формирана од членовите на бендот „Динар“, која ја објави својата прва ЛП „Кога Динарот ќе дојде на власт“ шест години претходно), потсети дека тој ден имало толку многу бендови што концертот, кој започнал попладнето, траел до долго во ноќта.

Мурис Ченгиќ, исто така еден од музичарите изведувачи, се присетува на атмосферата во градот тој ден: Сè започна со собирање потписи низ разни градови. Се пријавија сите што беа против војната. Јас бев еден од оние што шетаа и собираа потписи. Многу брзо успеавме да собереме огромен број потписи. Сите потпишаа дека се против војната: Хрвати, Срби, Бошњаци. Апсолутно сите. Се сеќавам  само на една личност која ни рече „каков потпис, оди купи пиштол“, но ние тоа го сфативме како шега. Потоа дојде денот на свирката на врвот на „Борац“ – концертот „Јутел за мир“. Свирев со групата „ОК Џек“, Самир Башиќ свиреше бас, а браќата Шахуриќ свиреа гитара и тапани. Јас пеев. Пред тоа имавме концерт во „Себастијан“ (познато концертно место во Бања Лука – авт.) со истата листа на песни. „Војна“ на Џејмс Браун и „Водолија“ од мјузиклот „Коса“ на Милош Форман. Вежбавме дома како и секогаш, во тишина. Користевме акустични инструменти, а Хепи свиреше тапани на перници. Не можеше да се чуе ниту една грешка или пропуст поради дисторзијата или засилувачите. Додека патував кон „Борац“, помислив на „Битлси“ и нивниот настап на покривот. Се вознемирив, па го прашав Денис дали е сигурен дека ќе преживееме. Тој се сврте, и опуштено ми рече: „Ќе преживеам дури и да излезам сам со гитарата, нема потреба ниту да свирам“. Тоа сакав да го слушнам. Се качивме самоуверено. Градот беше исполнет до максимум, море од луѓе се рашири пред нас. Глетката беше неверојатна. Некој го извика моето име, или можеби само ми се чинеше така. Свиревме со задоволство. Тоа беше најдоброто искуство во мојот живот.

Емир Тахировиќ, тогашен член на групата „Лос Чаирос Лејкерс“, исто така зборуваше за атмосферата на концертот: Отсвиривме две песни: „Jихав козак“ и „Марш светаца“. Знам дека бевме воодушевени од масата луѓе што беа таму на концертот. Никогаш порано не сме свиреле пред толку голема публика. Првата песна беше „Јихав козак“. Тахир (Един Тахировиќ Тахир Динар, фронтмен и пејач на групата „Динар“) добро се снајде во кореографијата. Почнавме да свириме, јас го отпеав првиот стих, додека останатите бендови беа скриени од публиката, а потоа кога дојде рефренот, сите излегоа со кренати раце и пееја и свиреа заедно со нас. Тоа со зборови не може да се опише, беше шок за публиката, беше лудо колку беа изненадени. Луѓето беа воодушевени, аплаудираа како да се во транс. Требаше да свириме уште една песна и ја одбрав „Марш светаца“.

Веднаш пред концертот, луѓето од Бања Лука кои со години се собираа на познатата плажа Студенац на реката Врбас, организираа дополнителна средба со песни, културна програма и други активности. Фарук Прилиплија го сними сето тоа на камера (https://www.youtube.com/watch?v=LhSqQ_2NKIc). Луѓето од телевизискиот канал „Јутел“ беа почесни гости на плажата Студенац. Сите што дојдоа на концертот се собраа водени од визијата дека нивното присуство може да ги запре војните, национализмот и убиствата.

На крајот од ова патување, низ спомените од август 1991 година во Бања Лука, повторно ќе го цитираме локалниот музичар Мурис Ченгиќ: Сите што беа таму таа вечер го славеа мирот, братството, љубовта. Луѓето во Босна и Херцеговина не беа подготвени да го прифатат тоа што следуваше. Сигурен сум дека многумина од нас би сакале да го вратиме времето и повторно да ги доживееме тие моменти, тогаш кога можеби бевме наивни, но и невини.

Јелена Јевѓениќ е родена 1985 година во Бања Лука. Таа е новинар и уредник на порталот „Импулс“, како и активист и писател на поезија и проза. Добитник е на повеќе регионални поетски награди. Работи и живее во Бања Лука.

Мишо Видовиќ е роден во раните 1960-ти во Бања Лука. Тој е долгогодишен новинар, кој својата кариера ја започна во 80-тите години пишувајќи за младински весници и списанија. Работел и во печатени и во електронски медиуми. Од 2006 година работи во Радиотелевизијата на Федерацијата Босна и Херцеговина како новинар во Информатичко-техничкиот центар РТВФБиХ во Бања Лука. Живее во Бања Лука.Anchor