Зошто да дискутирате на темите кои директно не ве засегаат?

Како да се справите со нешто што вие лично не сте го направиле, ниту пак сте имале некакво влијание врз ситуацијата? Зошто да дискутирате на темите кои директно не ве засегаат? Зошто да гледате филмови од проблематичното минато? Ова беа прашањата кои ми се поставија за време на програмата за справување со минатото, која беше дел од овогодинешниот Сараевски филмски фестивал.

Сараевскиот филмскиот фестивал не може да се опише со зборови. Локалците го нарекуваат „најубавото време од годината“ (намерно ја користат фразата која се однесува на Божиќ). Улиците на Сараево се полни со луѓе од целиот свет, и секој од нив има различна приказна за споделување. Запознавањето на нови интересни луѓе беше една од најдобрите работи во врска со овој фестивал. Тоа е место каде што се испреплетуваат границите, се создаваат пријателства и многу се работи! Штандовите за храна служат како места за средби каде луѓето зборуваат, ги разработуваат и критикуваат филмовите кои што ги гледале. Истите луѓе кои се дружеа во кафулињата беа оние кои ги носеа промените во конференциските сали на СФФ преку дискусиите на важни теми во врска со сегашноста во која живеат, минатото кое го преживеале и иднината која се спремни да ја изградат од нула.

Јас дојдов во Сараево неподготвен. Не прочитав ништо за режисерите или главните актери и верував дека тоа ќе влијае на моето сфаќање на филмовите. Не бев во право. Сите филмови кои ги гледавме како дел од овој проект кажуваа своја приказна. Пристапуваа на темата историја на многу различни начини, го прошируваа нашето сфаќање на сопствената историја. Едноставно престанувате да си поставувате прашања како на пример зошто ги гледате овие филмови, туку почнувате да се прашувате дали овие теми може да се повторат, и како да го спречите нивното повторување. Огромен дел од историјата се занимава со тоа, како и со изнаоѓањето на начини и учењето на лекциите од минатото во насока на работење на сегашноста и градење на иднината во која сакаме да живееме. На минато, како сериозна тема за дискусија, може да му се пристапи од различни агли, и невозможно е да се избере само еден! Затоа регионите кои сè уште се во процес на лекување имаат потреба од нов и свеж начин на размислување, исчистени од омразата на претходните генерации, доколку навистина сакаат да ги подобрат условите. Идеите, движењата и промените не може да се родат под строг надзор! Проектот за справување со минатото, нам, на учесниците, ни даде можност и капацитет за раѓање на наши идеи, истовремено давајќи ни слобода да учиме и истражуваме. Покрај тоа, проектот создаде една таква заедница меѓу учесниците што беше навистина лесно да се споделат идеите кои звучеа контроверзно или не беа прифатливи за локалниот менталитет. Мислам дека единствен начин за прочистување на еден „инфициран“ регион и создавање на нов почеток е преку соработката на младите луѓе и постепеното воведување на промените. Сараевскиот филмски фестивал на младите им даде шанса да ја променат средината во која живеат. Но, СФФ не може да прави чуда, на крајот на краиштата, тоа е сепак само еден филмски фестивал. Поединците се тие кои треба да ја искористат можноста што е можно повеќе и да ги донесат посакуваните промени.

*Како продолжение на соработката меѓу канцеларијата на Форум цивилен мировен сервис (forumZFD) и Програмата за справување со минатото на Сараевскиот филмски фестивал, од 17 до 20 август канцеларијата на forumZFD во Босна и Херцеговина, заедно со Музејот на военото детство го поддржаа учеството на четворица слушатели од програмата Предизвикај ја историјата на Програмата за справување со минатото на Сараевскиот филмски фестивал. Оваа статија е личен осврт на Амар Загорчиќ од Мостар за неговото учество во оваа програма.