Руско-украинскиот судир и фрагилноста на македонскиот политички амбиент

Руската инвазија врз Украина, започната во февруари 2022 година, ја промени политичката клима во Европа и во светот и најави нова ера на односи на глобално ниво, која допрва треба да ги добие своите контури во постконфликтниот процес, и која ќе биде базирана на комплексноста која произлегува од новонастаната реалност на мултиполарниот свет. Глобалните сили евидентно ќе бидат приморани да седнат на мировната маса и да ги дефинираат своите односи на подолг рок, да се договорат околу основните геополитички, но пред сѐ, геоекономски прашања, во обид да воспостават подолготраен мир, но и правила на игра кои би спречиле развој на идни конфликти, кои секако, не можат да бидат комплетно исклучени. Атмосферата на нарушена доверба помеѓу ЕУ и САД од една страна и Русија од друга страна, секако не помага во постигнувањето на ваквите цели, а времетраењето на руско-украинскиот конфликт е тешко да се предвиди од оваа перспектива.

Почетокот на воената операција од страна на Руската Федерација донесе  бран на политички турбуленции и во Република Северна Македонија. Најновата членка на НАТО сојузот и вечната земја кандидат за членство во ЕУ се соочи со она со кое се соочија најголем број на земјите во Европа – политичка несигурност, економски потешкотии и поларизирано јавно мислење во однос на она што се случува на не така голема дистанца од границите на државата. И пред почетокот на конфликтот во Украина, Северна Македонија, како и повеќето земји од Западниот Балкан, беше предмет на политички и економски влијанија од повеќе центри на моќ. Пандемијата со Ковид-19 покажа дека ЕУ и САД не се единствените играчи заинтересирани да го шират своето политичко и економско влијание во регионот и дека имаат сериозна конкуренција во глобалните играчи како Русија, Кина, Турција, но и дел од земјите од арапскиот свет.

Почетокот на руско-украинскиот судир речиси инстантно го поларизираше јавното мислење во Северна Македонија околу причините за судирот и главниот виновник за истиот. Но, и пред самиот почеток на судирот, испитувањата на јавното мислење индицираа дека Северна Македонија спаѓа во втората група на држави (од вкупно три групи) во кои симпатиите кон Руската Федерација постојат, но не се на нивото како во соседните Бугарија и Србија, но се секако посилни и поизразени во однос на „русо-скептичните“ Полска и Романија. И домашните аналитички центри укажуваа на јакнењето на руското влијание и зголемените симпатии кон Руската Федерација, особено во моментите кога ЕУ успеваше да ги разочара граѓаните на државата со ново вето од страна на нејзините земји членки на започнувањето на претпристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Тридеценискиот судир помеѓу Грција и Северна Македонија околу името на државата беше решен со Преспанскиот договор во 2018 година, после кој Република Македонија се стекна со атрибутот Северна, а направи и дополнителни концесии околу историски и идентитетски прашања, за возврат добивајќи одблокирање на преговорите со НАТО и ЕУ. Во 2020 зачленувањето во НАТО стана реалност, а се чинеше дека почетокот на преговорите со ЕУ е на дофат. Сепак, прво Франција, а потоа и Бугарија, настапија со нови вета кон Република Северна Македонија и Република Албанија, секоја од свои причини. Француското вето се должеше на барањето на Франција за редефинирање на методологијата на претпристапните преговори, што беше и реализирано, па француското вето беше во рекордно време тргнато. Но веднаш по француското вето, следеше и ветото од страна на Република Бугарија, која во ноември 2020 година не се согласи со тоа Северна Македонија да ги почне претпристапните преговори. Ветото е сѐ уште на сила, а кредибилитетот на ЕУ како партнер и влијателен фактор во политичкиот живот на Северна Македонија е видно нарушен поради перманентното неисполнување на обврската преговорите конечно да започнат и поради предолгото оставање на Северна Македонија во чекалната на ЕУ и покрај огромните концесии кои земјата ги направи со Преспанскиот договор.

Во ваква атмосфера на општа разочараност од политиката на ЕУ и одредени земји членки, беше за очекување дека јавното мислење ќе реагира на руско-украинскиот судир делумно и низ призма на ваквиот сентимент, повеќе емотивно отколку рационално, оставајќи ги процените на состојбите на геополитичката мапа и сопствениот интерес во втор план. Сепак, и покрај ваквиот развој, испитувањата на домашните аналитички центри покажуваат дека мнозинството етнички Македонци и огромното мнозинство на етничките Албанци (двете најголеми етнички групи во државата) се солидаризираат со украинскиот народ и ја осудуваат инвазијата врз Украина. Сепак, не е мал бројот на оние, особено кај етничките Македонци, кои ја поддржуваат руската позиција, што е повеќе резултат од желбата за „одмазда“ поради неисполнетите очекувања на западните партнери кон Северна Македонија, отколку што рефлектира некакво автентично проруско расположените на општеството, кое, за волја на вистината, не било никогаш ни приближно големо како во соседните Србија или да речеме Бугарија, која патем е членка и на НАТО и на ЕУ. Појавата на прорускиот сентимент е повеќе инструментална појава, базирана во голема мера на фрустрацијата со неуспешноста на евроинтеграцискиот процес, а популарноста на Руската Федерација расте (и пред судирот во Украина) исклучиво во ситуации на криза и поставување на политички пречки на меѓународен план, кои станаа редовна стратегија во однесувањето на дел од земјите членки на ЕУ кон Северна Македонија, што е веројатно една од најслабите точки на асиметричната логика на претпристапниот процес. 

Сепак, развојот на политичките настани во Северна Македонија, и покрај сите негативни настани, доживеа и една позитивна епизода која ја врати довербата на македонските граѓани во можноста на мудро и мирно решавање на споровите со соседите. Имено, во мај 2022 година, прво вселенскиот патријарх Вартоломеј, а потоа и Српската православна црква ја признаа автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), со што на МПЦ-ОА и беше врачен и томос (официјален акт на признавање) од страна на дотогашната мајка-црква – Српската православна црква. Со ова се затвори долгогодишниот спор помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА, а МПЦ-ОА доби и официјален статус како рамноправна православна црква со другите признати цркви во православниот свет. Ова предизвика бран на одушевување во државата и во голема мера ја зголеми популарноста на соседна Србија, особено кај етничките Македонци, за сметка на соседна Бугарија, која токму поради ветото во ЕУ падна на листата како најнепопуларен сосед на Северна Македонија. Ова секако дополнително ја зголеми фрустрацијата во бугарското општество во однос на македонското прашање, а уште едно вето на претстојниот самит на ЕУ во јуни 2022 е сѐ поизвесно. Во моментов на пишување на овој текст, францускиот претседател Емануел Макрон ги прави последните напори бугарското вето да биде тргнато, иако околу успехот на оваа иницијатива не постои многу надеж во македонското општество. Победникот од ваквиот потенцијален негативен развој на настаните може да се насети…

Ненад Марковиќ е доцент на катедрата за политички науки на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е и истражувач во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и член на уредничкиот одбор на кварталното списание „Политичка мисла“. Неговите истражувања се однесуваат на политичката теорија, социјалниот капитал, политичката филозофија, национализмот, граѓанското општество и политичката култура/мит.