Во сенката на украинската војна: ретроспективи и идната визија во Косово

Кога Русија ја започна својата инвазија на Украина кон крајот на февруари 2022 година, очите и мислите на целиот свет беа привлечени од ненадејната ескалација на она што речиси цела една деценија беше хибернирачки конфликт, кога станува збор за светските медиуми, и за што беше свесна глобалната публика. Меѓутоа, во војните, најголемиот дел од приказната е напишан надвор од официјалната документација. Напишано е со невидливо и неизбришливо мастило во мислите и во срцата на преживеаните, каде што таквите спомени оставаат корозивна трага бидејќи често се заглавени во вина, срам и чувство на безнадежност. Во овој контекст, есента 1999 година, кога полека слегнуваше прашината од војната во Косово, беше формиран Косовскиот центар за рехабилитација на жртви на тортура (КЦРТ). Сè уште до денес, повеќе од две децении по завршувањето на војната, ние се грижиме за незалечените рани што ги носат преживеаните од сексуалното насилство за време на војната.

Всушност, станува збор за кодирана траума која, доколку се остави нетретирана, има тенденција да отскокнува помеѓу трауматизираните луѓе во заедницата, и на тој начин да создава сложена и нездрава динамика која се пренесува на следната генерација. Ова има тенденција да се случи кога ние како колектив сакаме да го прескокнеме бавниот и тежок процес на заздравување преку признавање и препознавање на траумата и наместо да го третираме, да преминеме кон негово бришење, заборавање и „продолжување понатаму“. Секој скратен пат има своја цена.

Кога војната во Косово заврши, практично немаше свесност за потребата од ментално здравје на преживеаните од војната, кога имаше толку многу видливи, опипливи, „вистински“ штети со кои требаше да се справиме.

Сепак, со нашите ограничени капацитети, КЦРТ обезбеди безбедно место за грижа за невидливите, но длабоки рани од психолошката траума и се фокусираше на најстигматизираните жртви од војната во Косово. Дури и по 23 години постојана служба, повеќето од 20 000 лица кои преживеале сексуално насилство за време на војната продолжија да страдаат во тишина, закопана под слоевите на срам и (само)обвинување. Ѕидовите на оваа изолација беа изградени како од сторителите на чинот за време на војната, така и од патријархалните норми на косовското општество. Многу години прашањето за сексуалното насилство за време на војната беше последното табу, повреда затворена длабоко во секој преживеан.

Во последниве 23 години видовме напредок и во однос на институционалната поддршка за преживеаните, како и во однос на јавната перцепција. Годините на постојани напори од страна на КЦРТ и партнерските организации за подигање на свеста и мобилизирање на различни слоеви на општеството во насока на залагање за институционална поддршка за преживеаните. Сепак, и покрај овие промени и одреден капацитет за заздравување што го дава самото време, животот остана тежок за преживеаните. Секоја година, особено во пролет, кога беа извршени некои од најбруталните напади на систематско, масовно силување од страна на српската полиција и (пара)воените сили, преживеаните имаат болни приватни комеморации. За илјадници преживеани кои живеат со сеќавањата на незамисливата бруталност направена врз нивните тела и мисли, април е навистина најсуровиот месец. Таа темнина, која успеваат да ја преградат во различни размери за да може животот да продолжи, повторно излегува од длабочините на нивните души. Кога ќе се активираат овие мисли, преживеаните често пријавуваат дека се чувствуваат како да се вовлечени низ тунел од време и простор и како да се транспортирани назад во најлошото искуство во нивниот живот.

Сè што е поврзано со војната или што создава призвук на колективна паника и неизвесност слично на искуството за време на војната, може да ги поттикне преживеаните и да ја отвори оваа надреална психолошка црвоточина во нивните умови: националните комеморативни денови за масакрите, датумите на нивните сопствени искушенија, самата тема на војна, дури и сугестија за закана по националната безбедност или општото чувство на непредвидливост ќе ги натера да доживеат повторно појавување на првобитната траума. Го видовме ова оживување на симптомите кога пандемијата со КОВИД-19 стигна на Косово пред две години, и повторно во февруари 2022 година, кога веста за руската инвазија на Украина го привлече вниманието на целиот свет.

Сликите од војната во Украина го поттикнаа повторното појавување на сеќавањата на преживеаните од нивното сопствено искуство со траума. Ова ја зголеми побарувачката за услуги во КЦРТ за психосоцијална поддршка. Секојдневното функционирање на преживеаните беше под влијание на ретроспективите од нивните трауматски искуства, зголемени чувства на вознемиреност, грижа за безбедноста на нивните семејства и особено на децата: нарушен сон, психосоматски симптоми и чувство на немоќ и безнадежност. Тоа придонесеза намалена способност за саморегулација и општо понизок квалитет на менталното здравје, што бараше прилагодување на услугите на КЦРТ врз основа на овие потреби.

Сепак, не само потсетувањата на минатите војни ги вознемирија Косовците, туку и фактот дека овие активатори се случуваат во позадината на нерешените прашања меѓу Косово и Србија, кои ги држат нашите земји во заложништво повеќе од две децении. Оваа реалност на политичка и психолошка замка со Србија се одржува преку недостаток на политичка волја вистински да се вклучи во процесот на справување со минатото без националистичка реторика и предрасуди. Многу е јасно дека допрва треба да стигнеме до таму во односите меѓу Косово и Србија. Без соодветно да се посветиме, од двете страни на границата, на неопходните чекори на чесен процес на транзициска правда кој мора да вклучува посветеност на вистината, меморијата и правдата, а сето тоа ќе бара длабоки и сериозни институционални реформи.

Како што дознавме од нашата работа со преживеаните на сексуално насилство за време на војната, но и оддругите жртви на војната, концептот за градење мир и соживот е незамислив за луѓето кои сè уште ги трпат болките од војната. И физичките и психичките рани кои остануваат речиси целосно непризнаени и за кои не се известува. Најчестиот одговор на нашите корисници на прашањето за нивните потреби и надежи на нивниот пат кон исцелување е потребата за признавање, правда и враќање на нивното достоинство. Зголемените политички тензии создаваат поларизација во општествата и не придонесуваат за попозитивно расположение и отвореност за простување. Во таков контекст на болно наследство и пркосно негирање на одговорноста, расположението во Косово останува расположение на сомнеж, неизвесност и фрустрација.

Сепак, и покрај недостатокот на политичка волја да се преземе одговорност и да се постигне помирување со наследството од минатото во нашиот регион, она што досега придонесува на процесот на справување со минатото, што ги трансформира перцепциите во нашето повоено општествата и гради мостови на разбирање, е работата што ја вршат КЦРТ и сличните организации во регионот и соработката меѓу нас. Од крајот на војните, граѓанското општество во Западен Балкан го води патот кон создавање простор за дијалог и обликување на јавниот дискурс преку документирање и откривање на вистината, залагање за крај на неказнивоста на воените злосторства и поттикнување на рехабилитација во заедниците.

Нас нè води надежта дека она што го садиме и негуваме ќе вроди со плодови на мирот во нашиот регион во блиска иднина.


Д-р Фериде Рушити е основач и извршен директор на Косовскиот центар за рехабилитација на жртви на тортура (КЦРТ). Низ речиси две децении истражување и застапување, д-р Рушити обезбеди пристап до здравствена заштита и правда за цивилните жртви од војната во Косово во 1998/99 година. Нејзиното застапување доведе до признавање на преживеаните на сексуално насилство за време на војната меѓу другите цивилни жртви на војната во 2014 година. Во 2017 година, значајната одлука на Владата за финансирање пензии за косовските жртви на сексуално насилство за време на војната, постави преседан за владиниот ангажман во напорите за справување со военото минато на Косово.

Метилацијата на ДНК во крвните клетки е поврзана со нивоата на кортизол кај потомците на мајките кои имале пренатално посттрауматско стресно нарушување“, Стрес и здравје, февруари 2022 година http://dx.doi.org/10.1002/smi.3131

Хајнс, П. и Лопес Кардозо, Б. (2000) „Сексуално насилство врз жените во услови кога тие се бегалци“, Журнал за женскотоздравје и родова медицина 9(8), 819-823.https://doi.org/10.1089/152460900750020847