Д-р Огнен Вангелов, доцент
Универзитет „Американ колеџ Скопје“, С. Македонија
Овој текст е краток преглед на тврдењата на Бугарија за македонскиот етно-јазичен идентитет, т.е.потеклото на македонскиот народ и јазик. Конфликтот околу етно-јазичниот идентитет на македонскиот народ кој живее во поширокиот регион на Македонија (во денешна Северна Македонија и делови од Бугарија и Грција) е изнесен во прв план, како во ЕУ, така и поопшто во меѓународните односи, преку неодамнешното бугарско двојно вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.[i] Иако се чини дека оваа епизода се појави одненадеж, реално, конфликтот околу потеклото на македонскиот народ и јазик е долготраен конфликт кој ги нарушува односите меѓу државите и народите од јужниот Балкан во поголемиот дел од 20 век, прелевајќи се и во 21 век.
Како билатералното прашање се интернационализираше
Прашањето стана актуелно надвор од билатералниот македонско-бугарски контекст кога стана очигледно дека ЕУ ќе препорача почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ во периодот 2019-2020 година. Двете земји претходно потпишаа билатерален Договор за пријателство во август 2017 година, според кој двете земји имаа обврска да формираат интердисциплинарна комисија за историски и образовни прашања „за да придонесат кон целта, врз основа на автентични докази засновани од историски извори и научно толкување на историските настани“.[ii] Комисијата, која се состои од седум експерти од секоја страна, беше формирана набргу по потпишувањето на Договорот, а потоа се состануваше од четири до шест пати годишно. Меѓутоа, во изминативе три години не можеше да се најде заеднички јазик за историското толкување на настаните и личностите од историјата на двата народи. Бугарија го искористи застојот во Комисијата како основа за последователно користење на ветото во Европскиот совет за почеток на пристапните преговори на Македонија во ЕУ. Со други зборови, Бугарија ја рационализира својата употреба на вето врз основа на наводното непочитување на Договорот за пријателство од страна на Северна Македонија поради недостатокот на резултати од Интердисциплинарната комисија.[iii]
Сепак, се чини дека официјалниот став на Бугарија кон Северна Македонија се радикализира од 2018 година, откако Северна Македонија и Грција го потпишаа Договорот од Преспа под покровителство на Обединетите нации, со што се реши тридеценискиот спор што беше поттикнат од Грција во 1991 година. Договорот го призна постоењето на македонскиот јазик и правото на луѓето во Северна Македонија да се нарекуваат Македонци, вклучително и нивната културна, историска и јазична посебност.[iv] Овој развој, се чини дека ја налути Софија бидејќи не одеше во прилог на нивните тврдења дека македонскиот народ и јазик се навистина дериват на бугарскиот етнички состав. Во 2019 година, Бугарија, речиси едногласно, донесе парламентарна декларација за нејзиниот став по прашањето за проширувањето на ЕУ и македонскиот идентитет. Меѓу другото, во Декларацијата, Бугарија тврди дека категорично се противи на „евентуалното европско легитимирање на мината идеологија со антибугарски карактер“ и „препишување и присвојување на историјата на делот од бугарскиот народ по 1944 година, што е столб на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“.[v] Декларацијата, исто така, бара Северна Македонија да се откаже од секаква идеја за македонско етничко малцинство на територијата на Бугарија.[vi]
Иако Декларацијата не објаснува што значи „антибугарска идеолошка конструкција“, објаснувањето беше содржано во таканаречената „Рамковна позиција за проширување на ЕУ и процесот на асоцијација и стабилизација: Република Северна Македонија и Албанија“, која беше објавена од Владата на Бугарија ден пред усвојувањето на парламентарната декларација. Оваа рамковна позиција содржи долга листа на барања што треба да ги исполни Северна Македонија доколку сака да добие одобрување од Бугарија за преговори со ЕУ. Меѓу многуте одредби, се бара Северна Македонија да ги отстрани плочите во спомен на настаните од Втората светска војна што ја содржат фразата „бугарски фашистички окупатор“; дека во документите на ЕУ треба да ја користат фразата „службен јазик на Република Северна Македонија“ (наместо македонски јазик), и ако случајно се користи терминот македонски јазик, треба да се разјасни дека „јазичната норма во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република по нивното кодифицирање во 1944 година“. Покрај тоа, во таканаречениот „Објаснувачки меморандум“, што Софија го испрати до сите други земји членки на ЕУ, се вели дека „по Првата светска војна убедливото мнозинство од словенското население (на денешна Северна Македонија) јасно се идентификуваше како бугарско“, и дека „Белград се обиде да го искорени бугарскиот идентитет на ова население“.[vii] Потоа продолжува да тврди дека „македонски јазик или етничка припадност не постоеле до 2.8.1944 година“. [viii]
Кои се образложенијата за позицијата на Бугарија?
Главните бугарски политички и академски елити често тврдат дека самото население во денешна Северна Македонија се самоидентификувало како бугарско во 19 и 20 век, односно до Втората светска војна, кога се вовел новиот идентитет заснован на комунистичката репресија и заплашување. Всушност, многу е проблематично, во најмала рака, да се зборува за јасен бугарски етно-национален идентитет и самоидентификација во 19 век или во самата денешна Бугарија или во Македонија. Терминот „бугарски“ се користеше историски (и мора да се нагласи дека овој термин не се користи исклучиво, туку повремено) за да означи различно население кое говорело на словенски јазик за време на отоманскиот период. Но, кога станува збор за самоидентификација на ова населениe, има многу малку докази, доколку воопшто има, за да се тврди дека ова население најчесто изразувало етнички бугарски идентитет. Реално, процесот на градење нација во Бугарија единствено се случил по создавањето на Бугарското Кнежество во 1878 година и неговите државни институции, вклучително и ширењето на образование за сите, воен регрутен систем и други практики за градење на државата. Непосредно пред создавањето на Кнежеството, била создадена Бугарската егзархија, која исто така обезбедила средства за создавање бугарска свест. Како што објаснува белгискиот историчар Рејмон Детре (2020), стекнувањето национална свест не е масовен феномен, туку индивидуален психолошки развој како резултат на социјализацијата, наметната преку разни образовни, административни и репресивни средства. Така, тој тврди дека „во Османлиската Империја во 19 век … таквите национализирачки мерки … недостасуваа; покрај тоа, се натпреваруваа мноштво национални идеологии и разни други (регионални, стручни, социјални и културни) припадности“.[ix] Спротивно на тврдењата на официјалниот бугарски наратив дека македонскиот идентитет се појавил само по Втората светска војна, Детре тврди дека во втората половина на 19 век имало „први убедливи индикации за појава на македонска национална идеологија, којашто бугарската историографија, по правило, ги премолчувала“.[x] Ова го повторуваат и други историчари надвор од Бугарија. На пример, Катрин Божева-Абази пишува дека луѓето во Бугарија се идентификувале со бугарска нација бидејќи тоа бил процес стимулиран и завршен од бугарската држава. Државата била таа што „го забрзала појавувањето на заедничкиот национален идентитет, а не обратно…“ и „…бугарските политички елити од крајот на деветнаесеттиот век го ’реконструираа’ периодот на национално будење“.[xi] Покрај тоа, дури и по создавањето на бугарската држава во 1878 година, Абази тврди дека „националната лојалност продолжи да биде нејасна, дури и чудна претстава за мнозинството … бугарски селани“.[xii]
Накратко, неодамнешната интернационализација на бугарските тврдења за македонскиот етно-јазичен идентитет (преку злоупотреба на правото да стави вето на почетокот на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ) се засноваат на долгогодишни бугарски политики дизајнирани да го негираат постоењето на посебен македонска етнички идентитет и јазик. Овие политики се конзистентни барем од 1960-тите[xiii] и се вградени во позициите на Бугарија кога станува збор за „македонското прашање“. Мотивите зад овие политики се сложени. Од една страна, тие лежат во митологизираната визија за бугарски етнички идентитет кој постоел повеќе од еден милениум, и кој бил насилно разделен преку интервенција на комунистите и лично на југословенскиот лидер Јосип Броз-Тито. Од друга страна, овие тврдења беа компонента на бугарските процеси за градење нација од крајот на 19 век и продолжија и преку свесни напори и историографско наследства и инерција. Се чини дека основната цел на ова негирање денес, е да се „преинженерира“ македонската етничка идентификација во нејзиното „вистинско бугарско јас“ преку процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ и преку наметнување на образовни наставни програми во Северна Македонија врз основа на оваа бугарска митологизирана визија за милениумската бугарска етничка историја. Но, таквото историско толкување не само што е неверојатно, туку е и неодржливо, и од политичка и од историска перспектива.
Огнен дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и магистрирал на Универзитетот во Денвер како Рон Браун соработник на Владата на САД. Огнен докторирал на Универзитетот Квинс во Канада како соработник на канадската влада под стипендијата Трилиум во Онтарио и стипендијата за дипломирани студенти Ваниер во Канада.
[i] Gotev, Georgi and Zeljko Trkanjec, “Bulgaria Maintains its North Macedonia veto,” Euractiv, 23 јуни 2021 г., пристапено на https://www.euractiv.com/section/politics/short_news/bulgaria-maintains-its-north-macedonia-veto/
[ii] United Nations, “Treaty of Friendship, Good-neighbourliness and Cooperation between the Republic of
Bulgaria and the Republic of Macedonia,” Скопје, 1 август 2017 г., член 8, стр. 16, пристапено на https://treaties.un.org/doc/Publication/UNTS/No%20Volume/55013/Part/I-55013-08000002804f5d3c.pdf https://treaties.un.org/doc/Publication/UNTS/No%20Volume/55013/Part/I-55013-08000002804f5d3c.pdf
[iii] Radio Free Europe, “Bulgaria Blocks Start of North Macedonia’s EU Accession Talks,” 17 ноември 2020 г., пристапено на https://www.rferl.org/a/bulgaria-blocks-start-of-north-macedonia-s-eu-accession-talks/30955279.html
[iv] Ова е предвидено со членовите 1 и 7 од Договорот.
[v] Народно собрание на Република Бугарија, „Декларация на Четиридесет и четвъртото Народно събрание на Република България във връзка со разбирање на Европејски съюз и Процес на стабилизирање и асоцијации на Република Северна Македонија и Република Албанија“, 10 октомври 2019 г., [Декларација на Четириесет и четвртото народно собрание на Република Бугарија во врска со проширувањето на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Албанија] пристапено на https://parliament.bg/en/declaration/ID/157188
[vi] Исто
[vii] Исто
[viii] Исто
[ix] Detrez, Raymond, “About Two Scholarly Investigations and a Bulgarian Author,” Dzialo-e spisanie v oblastta na humanitaristikata No. 16 2020, пристапено на http://www.abcdar.com/magazine/XVI/44_Raymond%20Detrez.pdf
[x]Bozeva-Abazi, Katrin, “The shaping of Bulgarian and Serbian national identities, 1800s-1900s,” thesis, McGill University 2003, стр. 48 пристапено на: https://escholarship.mcgill.ca/concern/theses/qn59q634g
[xi]Исто, стр. 80
[xii]Исто, стр. 123
[xiii] Marinov, Tchavdar, Македонското прашање од 1944 до денес: комунизмот и национализмот на Балканот [The Macedonian Question from 1944 to Today: Communism and Nationalism in the Balkans], Foundation Soros Open Society-Skopje 2020, стр. 44-60.