Важноста на транзициската правда за членството на Босна и Херцеговина во ЕУ

Членството во Европската Унија (ЕУ), поточно интегративниот процес на Босна и Херцеговина (БХ) во ЕУ е главниот стимул за реформите, кои вклучуваат и политика на справување со минатото и наследството од минатото. Ова најмногу се однесува на транзициската правда, што е цела низа процеси кои му помагаат на општеството да ги надмине трагичните настани од минатото на начин на кој се гарантираат и штитат правата на жртвите, се открива вистината, а одговорните се процесуираат и казнуваат со цел да се зајакне владеењето на правото во постконфликтната средина. Иако транзициската правда не е формално вклучена во преговарачките поглавја за пристапување во ЕУ, преземањето конкретни чекори кон подобрување на средината поволна за помирување се дел од Мислењата на Европската комисија во врска со барањето на Босна и Херцеговина за членство, така што нема оправдување за одложување на реформите. Имајќи предвид дека членството во ЕУ е еден од главните надворешнополитички приоритети на Босна и Херцеговина, на тој пат е неопходна активна работа во надминување на военото наследство преку воспоставување на претходно споменатите механизми, а нејзиното значење ќе биде претставено во оваа статија.

Со цел да се оправдаат очекувањата и да се исполнат обврските што оваа земја ги има на патот кон Европа, мора да се направи многу повеќе. Факт е дека освен преминот од војна кон мир, Босна и Херцеговина мораше да помине и низ транзицијата од авторитарен во демократски режим, кој сè уште е оптоварен со последиците од војната и честите политички кризи. Комплексната институционална организација и недостатокот на политичка волја се главните причини за бавното спроведување на секаков вид реформи, вклучително и оние кои се поврзани со справувањето со минатото.

Мислењето на ЕУ за ова прашање е недвосмислено – поддршката на процесот на транзициска правда се движи кон воспоставување на рамка за справување со минатото која фаворизира помирување и градење иднина за Босна и Херцеговина во согласност со европските вредности. Најактуелниот тип на поддршка во наведениот процес може да се види во рамките на програмата за поддршка ИПА 2019 насловена „ЕУ4 транзициска правда“, со која ЕУ обезбеди четири милиони евра за подобрување на судовите и обвинителствата кои работат на случаи на воени злосторства. Ова е четврта фаза на поддршка која ќе се реализира преку проектот „Подобрување на работата на случаите на воени злосторства“ до крајот на 2022 година и е показател за партнерството на ЕУ во спроведувањето на процесот на транзициска правда.

Со усвојување на Државната стратегија за работа на случаи на воени злосторства во 2008 година беше направен првиот чекор кон постигнување правда за жртвите на воени злосторства. Наведената стратегија предвидува процесуирање на најсложените и приоритетни случаи на воени злосторства во рок од седум години, а крајот на обработката на другите случаи е планиран за 2023 година. Утврдувањето на одговорноста на поединци за кршење на човековите права и воени злосторства е важен механизам на транзициската правда која обезбедува правна сигурност и безбедност во една земја, а со тоа го зајакнува владеењето на правото. За жал, поради проблеми како што се недостатокот на стратегиско планирање и недоволниот број на обвинители и стручни соработници, лошо обучени истражители и лошо напишани обвиненија наведени во Анализата на Одделот за криминалистичка одбрана, рокот од седум години истекол во 2015 година без да се постигне зацртаната цел.

Затоа во 2020 година, по две години чекање, беше донесена Ревидираната државна стратегија за работа на случаите на воени злосторства, со цел да се одговори на предизвиците кои влијаат на ефикасното процесуирање на овие случаи. Стратегијата беше усвоена заедно со Анекс Б, кој поблиску ги дефинира деловите поврзани со случаи од Категорија А Правила на патот, за кои Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) заклучил дека има доволно докази за кривично гонење на 848 лица поради основано сомневање дека извршиле тешко кршење на меѓународното хуманитарно право. Во почетната Стратегија предметите од категоријата А беа подредени заедно со многу други нерешени предмети кои, според процената на МКТЈ, не припаѓаа на оваа категорија, додека Ревидираната стратегија, односно Анекс Б, стана приоритет во работата. на обвинителствата во Босна и Херцеговина. Истот така, дополнително беше дефинирана регионалната соработка во гонењето на воените злосторници, како и начинот на работа на Надзорното тело за следење на спроведувањето на Ревидираната стратегија. Со цел Ревидираната државна стратегија за работа на случаите на воени злосторства да не остане само формалност, потребно е да се работи на нејзино ефикасно спроведување во наредниот период за да се затворат сите случаи на воени злосторства до дадениот рок. Иако ова може да се окарактеризира како мал чекор кон постигнување на еден од 14-те приоритети од Мислењето на Европската комисија, тоа не е доволно за да се постигнат целите на транзициската правда.

Она што би придонело на овој процес е усвојувањето на Стратегија за транзициска правда, документ кој уште во 2012 година предвидуваше создавање на платформа за активности кои ќе ги исправат неправдите, ќе ги санираат траумите и ќе го спречат повторувањето на кршењето на човековите права и воените злосторства. Дополнително, целта на оваа Стратегија беше да се работи со вонсудски механизми за да се утврдат фактите и да се каже вистината за настаните што се случиле помеѓу 1992-1995 година, да се обезбеди правото на репарација и да се зачува колективната меморија, како и да се спроведат институционални реформи. За жал, оваа стратегија сѐ уште не е донесена поради недостиг на политички договор. Усвојувањето и спроведувањето на овој документ ќе го стави фокусот на правата на жртвите и нивните интереси, што би влијаело на активната работа на решавање на постојните проблеми и зајакнување на веќе драстично нарушената доверба во институциите. До тогаш, кршењето на човековите права ќе продолжи, и процесот на помирување кон заздравување на постконфликтното општество, како и процесот на приближување кон ЕУ, ќе стагнира.

Освен горенаведеното, актуелната состојба на политичката сцена е голема пречка за политичкиот развој на оваа држава која ги девалвира жртвите од војната и нејзините граѓани. Глорификацијата на воените злосторници, негирањето и непочитувањето на одлуките на меѓународните судови и поделбата околу измените на Кривичниот законик на Босна и Херцеговина во однос на забраната за негирање на геноцидот, воените злосторства и глорификацијата на воените злосторници укажуваат на постоење на политика која не сака помирување во Босна и Херцеговина. Анализата спроведена од форумЗФД (forumZFD) и ТРИАЛ Интернешанал (TRIAL International) во врска со регулирањето на забраната за негирање на геноцидот и воените злосторства споменува дека однесувањето како оправдувањето на геноцидот и негирањето на воените злосторства за одржување на постојана состојба на конфликт станале дел од секојдневната политичка активност. Ова беше една од причините поради кои беше неопходна забрана за такво однесување.

Во однос на Законот за забрана за негирање на геноцидот и на воените злосторства, кој го наложи високиот претставник Валентин Инцко, важно е да се додаде дека тоа немаше да се случи доколку постоеше политичка волја за донесување на овој правен акт. Законот е доста значаен бидејќи пропишува затворски казни за негирање на геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства, но и за величање на воените злосторници. Покрај тоа што нуди чувство за правда за жртвите на војната, овој закон нуди решение за проблемот со говорот на омраза бидејќи предвидува санкции за оние кои поттикнуваат насилство или омраза кон група или член на група врз основа на раса, боја на кожа, религија, потекло или национална или етничка припадност. Формирањето и процесуирањето на предметите ќе биде предизвик за Канцеларијата на јавниот обвинител на Босна и Херцеговина во наредниот период поради нивната потенцијална акумулација. Во исто време, револтот и одбивањето на политичките претставници од Република Српска да учествуваат во работата на државните институции во Босна и Херцеговина покажува дека нема одговорност за функцијата што ја извршуваат и дека сè уште се добива финансиски надоместок за недоволните или непостоечки резултати од работата.

Ваквата ситуација во државата е сложена и за неа нема универзално решение кое би било спроведено во сила преку ноќ. Но, ако целта е да се постигне кандидатски статус и во крајна линија членство во ЕУ, тогаш повеќе од потребно е постапките на функционерите да одговараат на нивните зборови и надворешнополитички цели, кои веќе долго време се само запишани на хартија. Јасно е дека ревизионизмот и негирањето од минатото се контрадикторни на патот кон ЕУ за Босна и Херцеговина, поради што е неопходно да се работи на надминување на јазот меѓу политичките струи преку разбирање на важноста на процесот на помирување и справување со минатото не само за членство во ЕУ, туку и за општествениот напредок воопшто.

Хата Кујраковиќ е магистер по европски прашања на Универзитетот „Лунд“ во Шведска и моментално работи како проектен офицер во Иницијативата за надворешна политика на БиХ. Дипломирала на Катедрата за меѓународни односи и европски студии на Меѓународниот универзитет „Бурч“ во Босна и Херцеговина. Работела на проекти поврзани со промоцијата и подобрувањето на човековите права и знаењата и вештините кај младите во Босна и Херцеговина. Нејзинино поле на интерес се политичките процеси во ЕУ. Хата е член на Фондацијата „Хуманост во акција БиХ“ и Иницијативата за надворешна политика на БиХ.