Методија Андонов-Ченто Херој/предавник/херој

Крајот на Втората светска војна доведе до остварување на долгогодишниот сон на македонскиот народ за создaвање на сопствена држава. Имено, на Првото заседание на АСНОМ беше прогласена првата македонска држава. На истото заседание на АСНОМ беше избран и Президиумoт (Претседателството) на АСНОМ. За прв претседател на Президиумот беше избран Методија Андонов-Ченто. Станува збор за човек кој веројатно е една од најмаркантните личности на македонската историја во текот на XX век.

Во таа насока, Методија Андонов Ченто беше огромен борец за македонската национална кауза. Уште во текот на младоста, во времето на Кралството Југославија, Ченто отворено говореше за македонското прашање. Меѓутоа, неговата борба за македонската национална кауза целосно излезе на виделина во текот на Втората светска војна. Така, Ченто во текот на 1943 година, веднаш по излегувањето од затвор, администриран од Бугарија, се приклучува кон партизаните и НОБ во Македонија. По приклучувањето брзо прераснува во лидер на промакедонското крило во рамките на НОБ во Македонија. Притоа, уште во текот на 1943 година Методија Андонов-Ченто во неколку наврати има несогласувања со делегатот на Врховниот штаб и ЦК на КПЈ во Македонија, Светозар Вукмановиќ-Темпо. Поради тоа, во една прилика во тој период, Ченто пред Јосип Броз Тито го истакнува незадоволството од дејствувањето на Светозар Вукмановиќ-Темпо, потенцирајќи дека истиот честопати во Македонија не се однесува како делегат туку како главен командант.[1] Таквата изразена активност на Методија Андонов-Ченто придонесе во 1944 година да стане претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Тука треба да потенцираме дека во текот на 1944 година, при подготовките за свикување на Првото заседание на АСНОМ, делегација на Иницијативниот одбор предводена од Методија Андонов-Ченто отпатува на средба со Јосип Броз Тито на островот Вис, каде постави повеќе клучни прашања, меѓу кои и прашањето за обединување на македонскиот народ.[2] Практично, промакедонското крило во рамките на НОБ предводено од Ченто ја базираше Народноослободителната и антифашистичка борба во Македонија врз темелите на илинденските традиции. Токму затоа 2 август (Илинден) беше избран како ден за одржување на Првото заседание на АСНОМ, а дополнително мнозинството членови на Президиумот на АСНОМ, па дури и на составот на АСНОМ, беа Илинденци или нивни потомци. За Ченто и членовите на промакедонското крило немаше никаква дилема дека македонското прашање треба да биде решено и тоа интегрално.

Освен што беше голем борец за македонската национална кауза, Методија Андонов-Ченто беше и човек со голем демократски капацитет и борец против неправдите во комунистичка Југославија. Крајот на Втората светска војна и формирањето на Југославија, во Македонија донесоа нови неправди и повреди на човековите права. Првенствено, по крајот на војната под превезот на пресметка со противниците и соработниците на окупаторските режими, како во другите републики на Југославија така и во Македонија, дојде до висок степен на арбитража и реваншизам на новите власти.[3] Во тој период на територијата на Македонија постоеше практика предвидената правна процедура да се спроведува делумно и со големи пропусти, а зачестена беше практиката да се применува терор, како и сурови методи за испрашување на обвинетите.[4] Дополнително, првите години од комунизмот во Југославија и во Македонија беа обележани и со масовни стрелања без судења. Асномците, а посебно Ченто, кој во неколку наврати во врска со очигледните случаи одеше да се жали директно кај Тито, беа против ваквите масовни стрелања без судења.[5] Како поборник за правна држава, Ченто беше против ваквите процеси по крајот на Втората светска војна бидејќи во таквите процеси настрадаа голем број невини луѓе со демократски погледи и ставови за поголема самостојност на Македонија во однос на Југословенската федерација. Дополнително, Ченто беше голем критичар на аграрната реформа во Југославија, централизацијата на Југословенската федерација, како и недемократските методи на КПЈ и ОЗНА. Сето тоа доведе Методија Андонов-Ченто и промакедонското крило во рамките на НОБ да станат трн во окото на југословенските комунистички политички елити. 

Во таа насока, уште по Првото заседание на АСНОМ, КПЈ започна со активности, кои кон крајот на 1945 година доведоа до преземање на власта во Македонија од страна на пројугословенското крило водено од страна на Лазар Колишевски, како и до почеток на чистки и елиминација на промакедонското крило во Комунистичката партија и во Македонија.

При оваа елиминација прв на удар беше токму Методија Андонов-Ченто. Тоа првенствено дојде преку неговата оставка од претседателската позиција во Президиумот на Народното собрание на Македонија, за на крајот да резултира со негово тајно апсење и организирање на монтиран судски процес против него. Епилогот од таквиот монтиран судски процес против Ченто беше казна затвор во траење од 11 години, како и губење на политичките права во траење од 5 години по издржувањето на казната затвор заради организирање на вооружена банда и обид за бегство преку граница со цел да поттикне странски држави да се вмешаат во внатрешните работи на ФНРЈ, со што би им се нанела штета на независноста и неповредливоста на нејзината територија.[6] Поради нарушено здравје, Методија Андонов-Ченто после 9 години беше пуштен од затвор. Сепак, на Ченто не му беше дозволено да извади пасош за да замине на лекување во Швајцарија. Така, после долго боледување од карцином на желудник, на 24.7.1957 година, во својот дом во Прилеп почина Методија Андонов-Ченто.

Долги години по смртта Методија Андонов-Ченто беше забранета тема во Македонија. Како предавник и народен непријател за Ченто немаше место во македонската историја од 1945 до 1990 година. Сепак, падот на комунизмот и промените во текот на 1989 и 1990 година доведоа до промени во односот кон Методија Андонов-Ченто. Македонското општество уште во текот на 1990 година почувствува потреба да ја исправи неправдата кон Ченто. Затоа, уште во текот на 1990 година судската пресуда против Ченто од 1946 година беше укината. Со тоа, Методија Андонов-Ченто стана единствената жртва на комунистичкиот режим во Македонија која е правно рехабилитирана. Покрај правната рехабилитација, периодот по 1991 година донесе и негова политичка рехабилитација. Така, денес Ченто има значајно место во македонската историја, а оддавањето почит кон неговиот лик и дело постојано се потенцира преку различни симболични репарации (градење на споменици во негова чест, преименување на улици во негова чест итн.). Дополнително, во текот на 2010 година претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, постхумно го одликуваше Ченто со „Орден на Република Македонија“. Треба да имаме предвид дека низ годините ликот и делото на Методија Андонов-Ченто знаеја да бидат злоупотребувани и за партиско-политички поени. Тоа беше посебно евидентно преку проектот „Скопје 2014“. Сепак, нема никаква дилема дека денес Методија Андонов-Ченто повторно го има своето заслужено место во македонската историја како борец за македонската национална кауза и борец за правда – македонски демократ и херој.

Марко Кртолица работи како доцент на Катедрата за уставно право и политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје.  Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на политички студии. По дипломирањето се запишал на магистерските студии по Европски интеграции и регионализам организирани од Универзитетот Карл Франценс во Грац и Автономниот универзитет од Барселона. Своите магистерски студии ги завршил во 2010 година и со тоа станал магистер по европски студии. Во текот на 2012 година, Марко Кртолица се запишал на докторските студии по политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје. Докторирал во 2019 година на тема: ,,Транзиционата правда и нејзината примена во соочувањето со комунистичкото минато во Европа”.


[1] Тодор Чепреганов, Соња Николова и Зоран Нечев, „АВНОЈ – АСНОМ – Јалта – 8 Септември 1991 и македонската државност“, Зборник на трудови од научен собир по повод одбележување на седумдесетгодишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ (2014):  146.

[2] Виолета Ачкоска, „ Создавањето и развојот на современата македонска држава (1941 – 1991)“, Создавање на современата македонска држава (Скопје: Македоника литера, 2014), 122.

[3] Мишо Докмановиќ, Право и политика во Македонија (1946 – 1953) (Скопје: ИСИЕ, 2010), 156.

[4] Докмановиќ, Право и политика во Македонија, 155.

[5] Димитар Мирчев,„Имаше ли АСНОМ филозофија и идеологија“, Зборник на трудови од научен собир по повод одбележување на седумдесетгодишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ (2014):  59.

[6] Докмановиќ, Право и политика во Македонија, 158.