Подготовка на училиште семејна куќа во витруелен музеј: кокреативно и партиципативно истражување и искуство со виртуелната реалност

Во мај 2018 година, општина Приштина објави дека куќата во која дипломирале десет генерации средношколци меѓу 1992 и 1999 година ќе стане музеј. Оваа куќа е една од 3000 други локации низ Косово – вклучувајќи подруми, гаражи, соби и цели куќи – кои во тоа време беа претворени во училишта. Позната како училиште семејна куќа „Хертика“, овој, сега музеј во изработка, беше и наше поранешно средно училиште. Тоа е локација со која длабоко се идентификувавме, и лично и интелектуално, и, веќе повеќе од десет години, место каде што редовно одржуваме студиски посети со студенти. Сржта на овие посети беше заедничкиот обид да се поврзат со ова минато, со заедницата и со познавањето на слични, во голема мера заборавени и замолчени, простори и искуства во Косово. На моменти, ги нагласивме урбаните димензии на локацијата и покренавме прашања за нејзината историја и сеќавање. Во други моменти ги истражувавме општествените односи помеѓу отпорноста и насилството, но најчесто смислувавме начини на кои тоа може да се трансформира во музеј.

Кога автономијата на Косово, како една од осумте конститутивни единици на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, беше насилно и незаконски отповикана во 1989 година, државата наметна посебни мерки, примени насилни интервенции и создаде систем сличен на апартхејдот. Тие мерки, покрај воената состојба, вклучуваа и сегрегација на училиштата по етничка линија, смена на директорите Албанци на основните и средните училишта, ревизија на наставните програми и елиминација на наставата на албански јазик на Универзитетот во Приштина. Со помош на полицијата непристапни станаа и училишните простории. Наставниците, родителите и водачите на заедницата почнаа да бараат опции откако стана јасно дека новиот режим во Србија има за цел трајно да го наруши, ако не и да го искорени, образованието на албански јазик. По првичната и органска иницијатива на наставниците од основните училишта, од кои повеќето беа жени, наставата да ја одржуваат во своите домови, донесена е одлука за воспоставување систем на училишта семејни куќи. Во текот на 1990-тите, ова ќе стане, како што многумина го сметаат, столб на граѓанското и мирно движење на отпорот на Косово.

Нови музеолошки пристапи на паралелниот школски систем

Во можноста нашето средно училиште да стане музеј, исто така, видовме уште една можност. Ќе го испробаме и ќе го спроведеме во практика иновативното, етички рефлексивно и ангажирано учење коешто на други места се предлага за музеите. Тргнавме да дизајнираме проекти кои беа врамени како покани. Поточно, ова беа покани да се размислува со и за музејот за време на неговото конституирање и да се истражат можностите за копродукција на заедницата и мноштвото генерации. Можеме да го истражиме минатото и начините на кои тоа би можело да се направи релевантно за сегашноста. Ги поставивме младите луѓе, нашите студенти, кои инаку во Косово сочинуваат повеќе од 50% од населението, во центарот на процесот. Ги поканивме да истражуваат, документираат, собираат, изложуваат и да се вклучат во изработката на музеј. Разговорот, исто така, се разви околу алатките и методите кои би можеле да генерираат креативен и критички ангажман, не само што дозволивме, туку и се надградивме на мноштвото гласови и перспективи. Врз основа на основаното и партиципативно истражување, може да се истражи едукативниот и трансформативниот потенцијал на музеите за создавање информирана и ангажирана јавност. Исто така, би можеле да се вклучиме во промената на фокусот од двојството херој/жртва, вкоренето во расказите за трауматските настани од војната 1998-1999 година, кон откривање на повеќе хетерогени наративи кои зборуваат за социјално и политичко движење, солидарност и заедница. Во тој процес, почна да се појавува народна граматика на комеморации, онаа која истовремено беше карактеристика за Косово, но која исто така можеше да патува и да се сретне во разговор со други споредливи контексти. 

Конкретно, соработувајќи на четири проекти – Изработка на музејот за образование, РеСпејс, Реконтекстуализација на наследството и Тактилни интерфејси за апликација на културното наследство со користење на виртуелна реалност[1]– во период од повеќе од четири години, извлекувавме заеднички лекции и постигнавме, според нас, извонредни резултати. Првите два беа делови од проектот „Промена на приказната“[2], а третата ја надгради и прошири оваа првична соработка. Во период од 39 месеци, јавни и приватни архиви, фотографии, телевизиски документарни филмови, исцрпни интервјуа, написи во весници и друго, беа истражувани, собрани и конечно презентирани на онлајн платформа достапна за сите (https://shtepiteshkolla.net/). Преку реконтекстуализирање на културното наследство, ја проширивме нашата употреба на уметнички и хуманистички истражувања за да вклучиме фотограметрија и други дигитални алатки и дизајниравме алатки за институциите за култура и наследство, во овој случај конкретно училиште семејна куќа како музеј (https://www.reconheritage.co.uk/about). Потоа следеа повеќе работилници и студиски посети изградени на разновидни и иновативни методологии, вклучувајќи звуци, видео-дневници и сензорна етнографија, во насока на изработка на алатките, кои потоа беа дизајнирани и достапни на дополнителна онлајн платформа (https://respace.bournemouth.ac.uk/).[3] Разговорите придонесоа за четвртиот проект, кој потоа го развивме со Ведад Хулушиќ и Мајкл Смит. Навистина, нивната претходна работа на игра со виртуелната реалност за Мостарскиот мост во Босна и Херцеговина беше инспирација за идејата да се претстави искуството за виртуелна реалност за училиштето семејна куќа како музеј. Со поддршка на грант од Универзитетот „Борнемут“, решивме да го создадеме Виртуелниот музеј на училиштето семејна куќа како искуство за виртуелната реалност.

Почнавме со идејата дека новиот музеј претставува нова можност, и на тој начин започнавме заеднички да размислуваме за постојните концепти за музеи и да смислуваме како се појавуваат нови. Неодамнешната дефиниција на ИКОМОС за музеите вели дека музејот е непрофитна, постојана институција во служба на општеството која истражува, собира, конзервира, толкува и изложува материјално и нематеријално наследство.[4] Оваа дефиниција зборуваше за она што произлезе од многуте разговори што ги развивме со соработниците од областа на културното наследство, односно зголемената релевантност на гледањето на музеите како отворени, живи и вмрежени простори. Исто така, придонесот на младите луѓе конкретно укажа на желбата музеите да се направат средини за учење каде што има инклузивно и критичко кокреирање, нудејќи можен терен за поставување на прашања и за музеите и за социјалната правда.[5] Ние се вклучивме и во добро воспоставената критика на националните и традиционалните музеи, кои се карактеризираат со линеарни наративи каде што има малку простор за сложеноста на приказните и искуствата од различни генеалогии и искуства. Исто така, традиционалните музејски изложби се главно статични и не се дизајнирани за интеракција или физичко истражување. Таму посетителот е најчесто пасивен гледач. Физичките музеи, иако се незаменливи, особено се ограничени на физичкиот простор, бараат мобилност и физичко присуство, како и кураторска и моќ на одлучување. Меѓутоа, неодамна се случи многу важна промена. Вниманието се пресели од музејските експонати кон искуствата на посетителите. Ова се разви рака под рака со користењето на новите технологии и кокреацијата на виртуелни музеи. Особено новите технологии се препознаваат по нивната важност во зачувувањето на културното наследство. Со интегрирање на виртуелната реалност, на пример, како и бројни други дигитални алатки, музеите можат да го подобрат ширењето на нивното курирање, но и да ангажираат и да претставуваат мноштво гласови и перспективи.

Виртуелна реалност и справување со минатото

Потпирајќи се на учењето од претходните проекти и во конверзација со овие дебати и возбудливи можности за размислување за односот на јавноста со музеите, го дизајниравме и развивме искуството за виртуелна реалност за Виртуелниот музеј на училиштето семејна куќа (SHVM). Го засновавме на партиципативни, интердисциплинарни и кокреативни методи со студенти и поголема заедница на истражувачи, уметници и практичари кои работат на наследството и сеќавањето. Тоа главно обезбедува курирана збирка претставена како три приказни: Косово во поранешна Југославија, Граѓанскиот отпор, Училиштето семејна куќа, кои градат главно наратив заснован на настани, но оној што не мора хронолошки да се истражува. Првата приказна нуди поширок контекст за да се олесни разбирањето на системот на училиштето семејна куќа, како и контурите на политичката и социјалната динамика и структурите на моќ кои го овозможија и одржаа. Втората приказна нуди преглед и истражување на граѓанскиот отпор од 1990-тите, на практиките и степенот на социјалната мобилизација и солидарноста донесена наспроти структурното и државното насилство. Создава визуелна претстава која се заснова на слики со описи/наслови, видеомонтажа базирана на собрани VHS снимки и исечоци од весници и од физички и од дигитални архиви, како и временска рамка на настаните. Третата приказна, училиштето семејна куќа, е најисцрпна. Вклучува видеоинтервјуа со разновидна група луѓе (воспитувачи, организатори, водачи и ученици на системот училиште семејна куќа), лични и јавни архивски материјали (медиуми, училишни документи, писма, училишен весник, книги итн.). Тоа е патување до, и низ, многу уникатно искуство.

Фактот што самиот локалитет – куќата – беше значително уништен за време на војната, значи дека не наликува на „оригиналот“ во кој живееле луѓе и настани што му придаваат важност. Затоа, дизајнираното искуство не се потпира само на технолошкиот резултат, туку наликува на самиот процес на истражување. Преку архивско истражување тој станува дигитална архива на самото место. Содржината заснована на синтеза на видео-материјали, фотографии и селекции на интервјуа, како и особеното внимание дадена на звучниот пејзаж на искуството, нудат влезни точки за учесникот да се поврзе со настаните од минатото. Дополнително, поврзувањето со просторот на училиштето и вклучувањето на видеоинтервјуата, станува особено важно бидејќи предизвикува прашања за релевантноста на емоционалниот ефект, на сведочењето и личното искуство во создавањето на историјата и наративната конструкција. Го поттикнува она што често се нарекува аура на времето. Поточно, нашата студија покажа дека виртуелното искуство ги поврзува учесниците со материјалот со тоа што создава афективна и просторна врска со помош на „се чувствувам како да сум таму“, како што забележа еден учесник. Друг ни кажа дека „имале морници насекаде“, а трет учесник плачел. Во исто време, виртуелното присуство на учесниците и ангажманот со мноштвото архивски и историски хронологии и видеоматеријали, придонесоа за желбата да се „потроши повеќе време и да се научи повеќе“, како што забележа еден од учесниците. 

Музеј за нова генерација

И покрај тоа што конкретно ја ангажира генерацијата на постсеќавањето, односно повеќето млади луѓе во Косово кои исто така како и нивните едукатори  немаат лично сеќавање за вклучените настани,  SHVM се обидува да ја прошири наставата преку прагматичен, но сепак креативен ангажман со историски контекст. Затоа го ставивме во преден план разбирањето на музеите и виртуелните музеи како средини за учење. Сè почесто наоѓаме музеи кои се користат за неформално образование, било да е тоа преку активно учење што овозможува зголемен ангажман со содржината и процесот на учење, што резултира со зголемено разбирање и учество, или преку ситуациско учење кое се одвива во специфични средини и контексти каде што при учењето се користат материјали кои се значајни за ученикот. Дополнителен, вкрстен слој со ангажираноста и целокупното искуство што доаѓа со виртуелната реалност, е потенцијалот на принципите за партиципативно акционо истражување за генерирање содржини, курирање збирки и дизајнирање активни алатки за учење за разновидна група корисници (на пример, посетители на музејот, студенти, едукатори , уметници, куратори итн.).Ова е причината зошто, исто така, спроведовме студија за корисници со шеесет и двајца учесници за да го собереме и да го одразиме нивниот придонес во врска со употребливоста и нивното искуство. Одговорите од едукаторите и студентите потврдија дека апликацијата има потенцијал како алатка за учење и едукација во музеите, во училиштата  како и кога се користи самостојно.

SHVM има за цел да даде скромен придонес во разговорите на кои укажавме погоре. Преку меѓудисциплинарна и партиципативна парадигма, тоа е една алатка која може да дистрибуира, архивира и ангажира дигитални технологии во правењето на културното наследство релевантно за јавните интереси. Како таква, таа зборува за релевантноста на различниот ангажман на заедницата за моделите на одржливо наследство. Како соработка помеѓу општествените и технолошките науки, како поранешни ученици на гимназијата „Сами Фрашери“ и со искуство во слични проекти во регионот, проектот го сметаме за покана за истражување на синергиите меѓу секторите и академските полиња.


Линда Гусиа е социолог и феминист, раководител на Катедрата за социологија на Универзитетот во Приштина. Нејзиното истражување се фокусираше на теми поврзани со род, феминизам, активизам, простор, сеќавање и насилство. Таа е коосновач на Универзитетската програма за родови студии и истражувања, УП и е коорганизатор на Годишното училиште за род и сексуалност.

Проф. Нита Лучи е феминист и антрополог. Таа е на отсуство од Универзитетот во Приштина (УП), каде до неодамна ја водеше Катедрата за антропологија. Во 2014 година, таа беше коосновач на Универзитетската програма за родови студии и истражувања при УП. Нејзината научна дејност се фокусира на пресекот на националистичката културна политика, машкоста, меморијата и насилството и политичките движења. Таа моментално ја извршува функцијата амбасадор на Република Косово во Кралството Норвешка


[1]Поддржано од Универзитетот во Борнемут

[2] Универзитет во Лидс. (2021). Менување на приказната. https://changingthestory.leeds.ac.uk

(Фонд за истражување на глобални предизвици на Советот за уметност и хуманитарни науки на Обединетото Кралство).

[3]Исто така, би сакале да им се заблагодариме на Пола Калус (CoI on Respace) и Стефани Шванднер Сиверс (Co-I on CtS) од Универзитетот во Борнемут, Гехан Селим и Ендру Холанд (PI on ReCon Heritage) од Универзитетот во Лидс, Дритеро Ники за музиката SHVM, Сем Гилмард за помош во развојот виртуелната реалност, а особено на Јета Реџа за нејзината работа и поддршка во текот на истражувачкиот процес. Посебна благодарност до Дафина Жерка, Шкумбим Брестовци, Леке Красниќи, Хазир Река, Зијадин Гаши, Авдил Гаши и Албан Касуми/Лапси360.

[4] https://icom.museum/en/news/the-museum-definition-the-backbone-of-icom/

[5] Johnston, R., & Marwood, K. (2017). Action heritage: Research, communities, social justice. International Journal of Heritage Studies, 23(9), 816–831.