Потреба од ревидирање на наставата по историја

Постои константно, неискажано, но имплицитно определување на историјата и како наука и како наставна тема која треба да биде подложена на постојано ревидирање. Ова определување претворено во постулат се зема здраво за готово и од вистинските научници и истражувачи, и од наставниците, како и од демократските општества и држави воопшто. Импулсот за ваквото ревидирање произлегува од спроведувањето на континуираните истражувања и потребата за „учење од историјата“ (Historia magistra vitae est).

Наставата по историја во различни временски периоди и системи имала различни намери. Предметот историја и предавањето на историјата се користеле како средство за индоктринација и честопати, како инструментализација на младите и на општеството воопшто. Која треба да биде вистинската улога во предавањето на предметот историја денес, во една демократска земја?

Во Европа, ревидирањето на наставата по историја има долга историја зад себе. Овој процес започна веднаш по крајот на Првата светска војна и продолжува до денес.

Институциите, институтите и различните организации, како што е Советот на Европа, ја прокламираат и се повикуваат на мултиперспективноста како најсоодветен пристап кон наставата по историја. Заобиколувањето на моноперспективниот опис на настаните, земајќи ги предвид различните перспективи, им овозможува на учениците и на студентите да ги имаат предвид различните гледишта при анализата на одреден историски настан. Таквиот пристап, кој истовремено е и методологија, создава можност за младите да негуваат вештини за истражување, анализа и критичко размислување, вештини коишто се потребни за соочување со условите на демократското и современо општество. Така, целта и улогата на наставата по историја сега добиваат поинаква димензија. Освен предметот историја, целта е да се развие кај младите нивното независно размислување како најдобар правец за запознавање со и разбирање на светот, развојот на настаните, процесите, улогата на личностите, што ќе ги научи да донесуваат правилни одлуки во нивниот секојдневен живот и да бидат одговорни и информирани граѓани. Само на овој начин предметот историјата може да придонесе за благосостојбата, разбирањето и толеранцијата како неопходни вредности на демократското општество.

Како изгледа наставата по историја на Косово во денешно време? Од 2000 година, Косово започна процес на целосни реформи во образованието. Предметот историја беше подложен на такви промени. Имаше обиди да се редефинираат улогата и целта на предметот историја преку ревидирање на содржината на наставните програми. Освен темите за војните, кои традиционално беа оска на содржината на програмата, беа вклучени и други димензии, од аспект на социјалниот развој, техничко-технолошкиот развој, економијата, секојдневниот живот на луѓето, наследството, улогата на жените и други теми,  кои претходно или се обработувале малку или воопшто не се обработувале, како на пример холокаустот. Посебно внимание беше посветено на методологијата. Упатствата по методологија за различни одделенија, кои обично се дел од наставните програми за овој предмет, сега беа збогатени со предлози како да се користат современи методи и пристапи во наставата.

Се разбира дека секогаш има простор за подобрување и ревидирање на наставните програми. Тоа треба да се смета како континуиран процес. Секогаш ќе постојат оние кои нема да бидат задоволни од направените промени. Некои не ги одобруваат промените, додека други не се задоволни од обемот и квалитетот на промените. Има и такви кои воведувањето нови теми го сметаат за предизвик за наставниците. Сепак, наставните програми треба да бидат најдобар одраз на целите, потребите и интересите на едно општество.

За да се постигнат целите и промените предвидени со новите наставни програми, најважната алка во синџирот, се, несомнено, наставниците. Можноста младите да научат за минатото на непристрасен, критички и мултиперспективен начин, директно зависи од тоа што им се нуди и како се предава и учи во училиштата.

Може да имате добри наставни програми и добри учебници, но доколку наставниците не се соодветно подготвени, сè може да биде залудно. Се смета дека промената на начинот на размислување и навиките на луѓето најтешко се постигнува. Тие се поврзани со раслојувањето на знаењето стекнато со текот на времето, околностите и ситуациите низ кои поминува една индивидуа, како и со нејзината емотивна страна. Дискриминацијата, болните воени искуства, континуираната политичка и економска криза сигурно влијаеле врз светогледот на косовските наставници.

Еден од клучните предизвици при промена на пристапот кон наставата по историја е конкретно развојот на потенцијалот на наставниците. Овој предизвик, и тежок и значаен, има директни ефекти врз размислувањето на идните генерации, врз меѓучовечките, етничките, културните, религиозните и социјалните односи во општеството.

Во Косово има континуирани напори за подигнување на професионалните капацитети на наставниците. Со поддршка на локалните и на меѓународните организации беа организирани разни програми за обука на наставниците по историја, и беа изработени различни наставни материјали кои може да им служат на наставниците при решавање и справување со иновациите, темите или прашањата со кои претходно не се занимавале. Здружението на наставници по историја на Косово одигра важна улога. Иако е нов и неискусен субјект, Здружението направи позитивни чекори. Една од неговите најплодни соработки во последниве години е соработката со ForumZFD во областа на образованието за холокаустот. Оваа тема, релативно нова, е новина и предизвик за наставниците во Косово.

Како резултат на оваа соработка, Здружението на наставници по историја на Косово заедно со ForumZFD, невладината организација New Perspektiva и претставници на Министерството за образование и други партнери, работеа на подготовка на прирачник за образование за холокауст. Овој прирачник е прв од ваков вид на Косово. Тоа е резултат на низа состаноци, семинари, програми за обука и посета на група наставници од Косово на Светскиот меморијален центар за холокауст „Јад Вашем“ во Ерусалим, Израел, со поддршка на ForumZFD.

Прирачникот се базира на барањата на новите наставни програми и се однесува на резултатите од учењето кои се очекува дека ќе ги постигнат учениците од IX, XI и XII одделение. Материјалот е составен на таков начин што може да ги поврзе наративните делови, историските извори и активностите кои наставниците и учениците можат да ги направат. Посветено е внимание на избор на извори од различни гледишта, односно на мултиперспективноста. Прирачникот се обидува да ги рефлектира перспективите на различните заедници што живеат во Косово за специфичната тема која се обработува.

Темата за холокаустот, како многу важен дел од наставните програми и овој прирачник, им овозможува на студентите подобро да разберат како се случила оваа несреќа и да ги извлечат потребните универзални лекции за во иднина.

Справувањето со минатото е еден од предизвиците во регионот на Балканот, кој полека го остава зад себе овој мрачен период од својата историја. Образованието за холокаустот може да послужи како важна референца за тоа како треба да се справиме со минатото и да се ангажираме за мирот. Познато е дека темелите и важноста на предметот историја лежат во фактот дека со учење за минатото се подготвуваме да ја градиме иднината.

Преку составување и обезбедување на овој прирачник се направи обид да се отвори уште еден прозорец на благородниот пат на едукација на новите генерации, ослободени од омраза и дискриминација кон различните од нив. Ова е уште една можност да се ревидираат гледиштата на историското минато и да се изгради демократско општество каде различноста, разбирањето и соработката се основни вредности.

И од неговата содржина и од организацијата, како и од аспектот на методологијата, овој прирачник може да послужи како добар модел за мултиперспективниот пристап кон наставата за историски настани. Тоа им овозможува на наставниците да користат нови интерактивни методологии на настава, а на учениците и студентите да спроведуваат независно истражување и споредби.

Исто така, овој прирачник може да послужи како модел за ревидирање, конципирање и составување на нови учебници и други наставни материјали на Косово. Ова е услов и предизвик поврзан со спроведувањето на новата наставна програма.

Соработката помеѓу различните партнери, како и во овој случај, може да донесе корисни придобивки во процесот на ревидирање и подобрување на наставата по историја на Косово и пошироко.

Арбер Салиху е дипломиран историчар на Универзитетот во Приштина. Магистерските студии ги завршил на истиот универзитет. Во моментов работи на својата докторска дисертација од областа на современата историја на Косово. Помеѓу 1997 и 2000 година работел како наставник по историја. Од 2000 година тој е вклучен во изработувањето на наставни програми во Министерството за образование наука и технологија на Косово. Експерт е по историја и историско образование и автор на учебници. Меѓу другите активности, Арбер одржува работилници, предавања и обуки на наставници. Учествувал на многу работилници, семинари, конференции и други активности во Косово и во странство. Тој е еден од основачите на Здружението на наставници по историја на Косово.