Во воведот на ова специјално издание, меѓу другото, се поставува прашањето колку се сеопфатни и холистички пристапите за справување со минатото, вкоренети во процесите за пристапување во Европската Унија. За да се одговори на ова прашање, важно е да се оди подалеку од вообичаените изјави за – благо кажано – „измешаните“ резултати од политиката на условување на ЕУ во регионот, за регионалниот и националниот недостаток на политичка волја за справување со минатото, и таканаречените стабилократии и демократското назадување. Важно е сето ова да се има на ум, но и да се знае дека тие се само манифестации на подлабоки структурни прашања кои останаа нерешени во повеќе од двете децении на меѓународни интервенции.
Транзициската правда (ТП) стана доминантна рамка за справување со минатото – глобална норма. И покрај тоа што е глобална норма, или токму поради тоа, ТП е ограничена и ограничувачка на многу начини. Тоа се покажа не само преку нејзината далеку од задоволителна примена во нашиот постјугословенски регион, туку и во различните „случаи“ ширум светот. Има многу структурни нееднаквости и штети за кои се покажа дека ТП не може да ги реши поради концептуалните ограничувања на нејзините механизми, искривеното разбирање на насилството, како и неговите идеолошки основи и вграденост во неолибералното градење на мириот и поврзаната концепција на демократијата. Како и да е, ТП сè уште е достапна норма која може да се користи со свесност за нејзините (многу) ограничувања и со условно планирање како да се компензираат одредени недостатоци.
Зумирајќи го постјугословенскиот контекст, идејата и важноста на механизмот ТП им се „продаде“ на жртвите-преживеаните и на семејствата на убиените и исчезнатите во регионот како алатка на правдата за нивните поплаки, болки и потреби во регионот. ЕУ, од друга страна, како еден од главните спроведувачи на нормата во регионот, се залагаше за ТП како за нејзин нов стратегиски наратив за промоција на идентитетот и градење на нормативната моќ. Во своите односи со регионот, ЕУ инсистираше, барем дискурзивно, на вообичаените барања за одговорност, вистина, правда и помирување. Меѓутоа, интервенциите на ЕУ во последните неколку децении во регионот покажаа дека таа повеќе се занимаваше со тесно дефинираната регионална стабилност отколку со некои подлабоки, пошироки или посепофатни концепции за правдата што ќе ги размрдаат вкоренетите елити и структури изградени врз војните и повоените неправди, насилство и уништувања. Исто така, на ЕУ ѝ недостасуваше долгорочна и сеопфатна стратегија и овој недостаток беше можеби најочигледен во преголемото потпирање на ЕУ само на судската одговорност преку еден механизам на ТП – имено, условувањето на напредокот во пристапувањето со соработката со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешни Југославија (МКТЈ).
Ова не треба да изненадува, имајќи предвид дека до крајот на 2015 година, транзициската правда во голема мера отсуствуваше од политиките на ЕУ, која, сепак, беше де факто дел од програмите што ги развиваше Европската комисија (програми за унапредување на демократијата, човековите права, проширувањето, развојот итн.), преку Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и нејзината поврзана Заедничка безбедносна и одбранбена стратегија. Распространетоста на одредбите за ТП низ цела низа политики и насоки и недостатокот на сеопфатна рамка доведоа до значителни недоследности, како и тесен и секторски пристап кон ТП. Меѓутоа, во ноември 2015 година, ЕУ конечно ја усвои својата Политичка рамка за поддршка на транзициската правда, која ја означи потребата од сеопфатен, долгорочен и „контекстуален, локален пристап кон транзициската правда со правата и учеството на жртвите во нејзината срж“. Покрај тоа, Рамката, исто така, ја инкорпорираше родовата димензија во ТП, како и ретрибутивните и ресторативните аспекти на правдата. Звучеше ветувачки – барем за момент и барем на хартија.
Сепак, три години подоцна – и една година по затворањето на МКТЈ, институција која две децении несовршено ја носеше тежината на повеќето очекувања на ТП – Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан за 2018 година не ги одрази ниту ги операционализираше возвишените ветувања на Рамката од 2015 година, и наместо тоа, репродуцираше прилично тесна концепција за ТП.
Од тој период до сега, како што посочив и на друго место, дискурсот на граѓанскиот сектор за „кризата на ТП“ беше искористен како обид за мобилизирање и добивање на поддршка за продолжување на овие процеси преку создавање на Регионалната комисија за вистината, позната како РЕКОМ. Организирани се неколку собири и конференции низ регионот, на кои се поставуваа прашањата во врска со чекорите кои треба да се преземат со цел да се гарантира дека справувањето со минатото ќе продолжи и по затворањето на МКТЈ. Ова чувство на криза е разбирливо имајќи предвид дека по сите овие години толку многу работи сè уште не се (раз)решени, како и дека по влезот во ЕУ – како што покажува случајот со Хрватска – моќта за туркање на процесите на ТП значително попушта. Згора на сè, постојат загрижувачки политички случувања во поголемиот дел од регионот, особено сè поавторитарната природа на српскиот/српските владејачки круг(ови). Сепак, итноста за отстранување на заканата и непријатноста од таканаречената „криза на ТП“ , исто така може да го ограничи спектарот на можни дејства. Навлегувањето во вечниот „одговор на кризи“ ги исцрпува (креативното и политичкото) размислување и енергија; ги спречува бараните системски промени, бидејќи основното барање на „кризата“ е само „продолжување“ на процесите. Ова може да доведе до повторување на старата грешка и до претерано потпирање на еден механизам, надевајќи се дека ќе дејствува како лек за сите наследства на насилство и неправди.
Покрај тоа, процесот на пристапување е во ќор-сокак и може да се изразат сериозни сомневања дали сегашното расположение (со) во ЕУ е погодно за потрагата по правда преку сеопфатен/сеопфатни пристап(и) за решавање на минатите (и сегашните) неправди и наследството на насилството во Западен Балкан. Веќе неколку години се чини дека потрагата по правда за злосторствата и уништувањата на животите и имотите извршени за време на војните во 1990-тите во Југославија не се високо на листата на приоритети на ЕУ. Таа се повлече во последните редови по ова прашање, бидејќи приоритетот на ЕУ се префрли на безбедноста на нејзините надворешни граници наспроти протокот на луѓе кои мигрираат – задача за која ѝ беа потребни политичките лидери од Западен Балкан без разлика на нивните (многу) престапи во однос на ТП.
Значи, кога ТП (повторно) ќе се врати во фокусот, важно е да се има предвид дека покрај незавршените процеси поврзани со одговорноста, иницијативите за кажување и пронаоѓање на вистината, потрагата по исчезнатите лица и повеќе од потребните материјални репарации, има многу неправди и прекршувања кои паѓаат низ пукнатините на нормата на ТП, па дури и се репродуцираат преку примената на оваа норма. Треба да се решат и таквите поплаки. Движењето за транзициска правда (се надеваме во синергија со другите општествено-политички движења во регионот, ЕУ и регионалните политичари) треба да изнајде начин(и) да го стори тоа. Без сето тоа, не можеме навистина да зборуваме за „холистички“ пристап(и).
Д-р Слаѓана Лазиќ, мировен научник, чие истражување ги разгледува аспектите на транзициската правда, градењето на мирот, мирот и полот и политиката на меморија со регионален фокус на постјугословенскиот контекст и Колумбија. Слаѓана е домаќин и уредник на подкастот „Opinion Peace“ и ко-основач на „ Yugoslawomen+ Collective “.