Оваа статија има цел да обрне внимание врз пристапот на учебниците за основните и средните училишта во Косово и во Србија, одобрени од ресорните министерства за образование, во врска со настаните во Косово во временска рамка од скоро еден век (1912 – 2000). Целта е да се споредат описите дадени во овие историографски списи, да се разгледаат сличностите и разликите. Оваа статија се занимава со дел од најважните периоди во историографијата на Косово од последниот век, потенцирајќи ги разликите помеѓу наведените историографски списи, како и соодветните фалсификати од секоја страна.
Индиректно, оваа статија се обидува да го открие видот на соседски односи што владите на овие земји ги предлагаат преку овие книги за генерациите што се школуваат. Статијата има цел да ги разгледа на што е можно појасен и фактички начин основите на ваквите тврдења – честопати контрадикторни – помеѓу двата народа кои се судираат на Косово.
Јасни и бројни разлики се забележуваат во историографијата на учебниците во Србија и во Косово во однос на развојот на територијата на Косово во временска рамка од скоро еден век (1912 – 2000). Овие разлики може да се групираат на следниов начин:
Сопственост на територијата
Навлегувањето на српската армија на територијата на Косово кон крајот на 1912 година е претставено на спротивставен начин во учебниците во Србија и оние во Косово бидејќи и двете страни тврдат дека имаат сопственост на територијата на Косово. Начинот на кој е претставено ослободувањето, поточно окупацијата на Косово, не само во 1912 година, туку и во 1918 и во 1945 година, е проникнат со офанзивен национализам во учебниците на Србија и дефанзивен национализам во учебниците на Косово. Во учебниците во Србија, овој продор на српската армија е претставен како ослободување на лулката на државноста на Србија; со оглед на тоа што продирањето кон Јадранско Море е претставено како исполнување на целите на војната. Учебниците во Косово го претставуваат влегувањето на српските трупи како окупација, за која се тврди дека се случила како резултат на тешката состојба на Албанците.
Злосторства извршени од другата страна
Најважниот сегмент во историјата на Косово во временската рамка од 1912 до 2000 година се злосторствата извршени од страна на Србите, организирани во редовни армиски и полициски сили, против Албанците; како и злосторствата од страна на Албанците, најчесто неорганизирани и индивидуални, како дела на одмазда против Србите. Учебниците од двете страни ги претставуваат само злосторствата на другата страна, претставувајќи се себеси како жртва, а другата страна како агресор.
Во учебниците во Косово се претставени само злосторствата на српската страна врз Албанците во 1912 и во периодот 1918-1919, а потоа и во периодот меѓу двете светски војни, во 1945 година и по Втората светска војна, како и за време на војната во 1998 до 1999 година. Овие учебници ги квалификуваат ваквите злосторства како: „терористички и крволочни дејства“; „шовинистичко насилство и терор“; „државен терор и геноцид“ или „ужасни сцени на варварство на војски жедни за крв“. Овие учебници ретко нудат податоци за квантифицирање на злосторствата на српската страна, па дури и кога тоа се случува, и затоа се чини дека се претерани.
Учебниците во Србија ги претставуваат само злосторствата на албанската страна против Србите во 1915 година и во периодите 1941 – 1943, 1999 – 2000 година, квалификувајќи ги како: „напади од локалните албански банди“, „терор на Албанците врз Србите“ или „грабежи и конфронтација меѓу терористичките албански групи со законските сили“. Овие учебници главно не даваат податоци за ваквите кривични дела.
Тивка соработка
Додека навлегувањето на српската армија на Косово и злосторствата на обете страни се претставени на различни начини, ниту еден од учебниците на двете земји не ги претставува состаноците, договорите и соработката меѓу политичките и воените претставници на Албанците и на Србите. Овие учебници не ги споменуваат:
- соработката на некои клучни албански бунтовнички водачи (1912) со српските претставници во Приштина, дури и набавувањето на оружје од вторите за борба против Отоманската Империја;
- средбата меѓу водачот на качачкото движење на Албанците, коишто останаа под Југославија (по Првата светска војна), со локалните српски власти со цел да продолжат да живеат во мир, под услов тој да се движи само во три села; а подоцна и неговата средба со високи српски претставници, при што тој ја искористил можноста да побара право на самоуправување за Косово;
- соработката меѓу Здружението за правото на заштита на исламот (по Првата светска војна), кое ги претставувало Албанците во српскиот Парламент, со двете главни српски политички партии во Југославија, демократите и радикалите, до степен до кој на моменти споделуваат ист изборен список со овие политички партии;
- тесната соработка помеѓу албанските комунисти на Косово (за време и по Втората светска војна) со српско-југословенските комунисти; или нивно учество и поздравување на Собранието каде беше одлучено Косово да биде дел од федерална Србија;
- договорот меѓу водачот на мирниот отпор на косовските Албанци (1996) со српскиот претседател за ослободување на училишните и универзитетски простории за Албанците во Косово; подоцна и нивната средба за изнаоѓање мирно решение за Косово (1998).
Затоа, тврдењата поврзани со сопственост врз територијата на Косово; презентирањето на злосторствата само на другата страна, истовремено претставувајќи се себеси како жртва наспроти претставувањето на другите како агресори; и молкот околу соработката, состаноците и договорите меѓу Албанците и Србите, укажуваат на тоа дека овие страни не го негуваат духот на помирување за новите генерации. За да се постигне помирување меѓу двата народа, треба да се имаат предвид три нешта предложени од францускиот филозоф Пол Рикор во врска со начините на приближување на различните народи: познавање на меѓусебната култура, критичко преиспитување на меѓусебната историјата и простување на меѓусебните гревови на народите.
Затоа, потребно ни е критичко преиспитување на историјата на албанско-српските односи, особено во претходниот век, поточно на најтешкиот сегмент на овие односи во временската рамка од 1878 до 1999 година, а тоа се: злосторствата на српската страна против Албанците извршени од редовната српска армија и полиција; и злосторствата на албанската страна против Србите, како неорганизирани и индивидуални дела на одмазда, и следствено, дури и статистички десеткратно помалубројни.
Шкелзен Гаши студирал политички науки на Универзитетот во Приштина и магистерски студии по Демократија и Човекови права на заедничката програма на Универзитетите во Болоња и Сараево. Тој е автор на бројни публикации (книги и статии). Во 2010 година, тој ја издава неофицијалната биографија на Адем Демачи (достапна и на англиски јазик), кој поминал 28 години во југословенските затвори. Неодамна, тој издаде бројни статии за присутноста на историјата на Косово во учебниците по историја во Косово, Албанија, Србија, Црна Гора и Северна Македонија. Во моментов, ја пишува и биографијата на Ибрахим Ругова, лидерот на Албанците во Косово од 1989 до 2006 година.